Потпорни ѕидови и дел од пристапниот пат се урнаа во близина на комплексот Центар за извонредност утрово во Крагуевац. Лизгањето на земјиштето се случи околу 9 часот наутро, а на градилиштето немало работници, јавија српските медиуми.
Градот Крагуевац објави дека пред седум дена градската инспекција наредила итно прекинување на работите за изградба на станбена зграда во близина на комплексот Центар за извонредност.
Инаку, утрово, потпорните ѕидови и дел од патот се урнаа на градилиштето.
„На 21 ноември, надлежната градска инспекција нареди итно прекинување на работите за изградба на станбена зграда во непосредна близина на комплексот Центар за извонредност. Мерката беше донесена превентивно, со цел да се спречат можни штети, да се заштити имотот и безбедноста на граѓаните, како и објектите во околното подрачје. Во согласност со одлуката на инспекцијата, инвеститорот веднаш ги запре сите работи“, соопшти градската администрација.
Оттаму велат дека уривањето се случило „поради обилни врнежи од дожд и неповолни временски услови, кои значително влијаеле на стабилноста на теренот и постојните потпорни конструкции“. Додаваат дека следниот чекор е издавање решение од Градежниот инспекторат, со кое ќе му се наложи на инвеститорот „РП Инвест 1980“ да го обезбеди теренот и да спречи понатамошно уривање.
„Нова Економија“ објави дека објектот се гради без градежна дозвола.
Како што наведуваат, одлуката објавена во Централниот регистар на градежни дозволи покажува дека РП Инвест 1980 поднела барање за градежна дозвола пред 11 дена, но барањето било одбиено вчера.
Во образложението на одлуката за одбивање на барањето, меѓу другото, се наведува дека димензиите на подземните катови не се во согласност со димензиите прикажани во Локациските услови и Проектот за урбанистичко проектирање.
Исто така, се предупредува дека темелната плоча и ѕидовите со сите слоеви не треба да ги преминуваат границите на две соседни парцели.












