Од преносниот систем оператор МЕПСО не очекуваат испади во текот на зимскиот период. Оттаму уверуваат дека постојаните инвестиции во мрежата ќе обезбедат спокојна зима за граѓаните.

– Инвестираме во континуитет, имаме и голем број активни проекти, кои се реализираат во моментот. Еден од нив е 110-киловолтниот далновод Прилеп – Битола, во тек е продолжувањето на договорот за реализација на интерконекцијата меѓу Македонија и Албанија. Го очекуваме реакторот за реактивна енергија, кој треба да се инсталира во 400-киловолтната трафостаница „Дуброво“, со што би се довеле во нормални граници состојбите во нашата држава. Покрај овие проекти, имаме аплицирано и за голем број грантови преку механизмот за инвестирање во Западен Балкан, така што можеме да кажеме дека не само во сегашноста туку и во перспектива ги  планираме надградбата и инвестирањето во преносната мрежа, со цел да овозможивме непрекинато снабдување на граѓаните со електрична енергија – уверува  Александар Пауноски од МЕПСО.

Што се однесува до цената на електричната енергија за малите потрошувачи и за домаќинствата, која согласно со закон се коригира и важи од 1 јануари, од Регулаторната комисија за енергетика велат дека „ЕВН Хоум“ ќе ја соопшти откако РКЕ ќе ги определи цените за пренос и дистрибуција на електрична енергија и ќе заврши тендерот за универзален снабдувач.

– МЕПСО побара минимално зголемување од 0,67 % за пренос на електрична енергија. Операторот на пазарот не побара зголемување, а „Електродистрибуција“ нема наведено во своето барање, имајќи предвид дека во текот на овој месец ќе има тендер за набавка на загубите на електрична енергија, кои имаат исклучително големо влијание врз цената на електричната енергија. Така што, кон крајот на овој месец или почетокот на декември, ќе ги знаеме цените што ги определува РКЕ, а тоа се пренос и дистрибуција на електрична енергија и не верувам дека ќе има какви било поместувања тука. По завршувањето на тендерот за универзалниот снабдувач, согласно со новиот Закон за енергетика, „ЕВН Хоум“ ќе ја соопшти новата цена за домаќинствата и за малите потрошувачи – рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

ИЗДВОЕНИ