Инвестициите во енергетска ефикасност и обновливи извори ќе ја зголемат конкурентноста на бизнисите

21

Инвестициите во енергетската ефикасност и обновливи извори ќе овозможат поголема конкурентност на бизнисите, поздрави заедници и стратешка издржливост утре, беше речено на панелот „Financing Energy Efficiency and Renewable Energy“, во рамките на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој – ИФЕСД-14, одржан под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“.

Форумот се организира во партнерство на УНДП и на петте комисии на ОН, а фокусот е од идеи да се создадат финансиски портфолија преку стандардна документација, агрегирање на помали иницијативи и предвидливи рокови за дозволи и приклучок кон мрежата, со силни стандарди за мерење, известување и верификација на резултатите.

На форумот, меѓу другото, се разговараше за меѓународните финансиски институции и за новите финансиски механизми за поддршка на приватниот сектор со цел заштеда на трошоци и зајакнување на ефикасната зелена транзиција.

Притоа беше речено дека се потребни конкретни модели што го катализираат капиталот со цел да се остане на трасата за декарбонизација. Само во 2022 година глобалните инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност достигнаа 1,3 трилиони долари во 2022.

За постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григорјан, од суштинско значење е здружената акција за обезбедување соодветни механизми и платформи за ефикасни и одржливи енергетски практики.

„Фокусот на УНДП е никој да не биде изоставен. Со програмата ’Зелен финансиски инструмент’ преку иновативни решенија и соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, обезбедуваме достапно финансирање за енергетски ефикасни и обновливи решенија, но придонесуваме и за намалување на емисиите, почист воздух и поддршка на оние на кои им е најпотребно. Со комбинираното финансирање привлекуваме нови инвестиции. Истовремено, со проектот ’Намалување на загадувањето на воздухот’, кој се спроведува во шест општини, исто така работиме на подобра енергетска ефикасност, ги поддржуваме најпогодените семејства и користиме иновативни алатки за ефикасно справување со загадувањето“, изјави Армен Григорјан, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Дискусиите опфаќаат инструменти што го намалуваат ризикот за инвеститорите, модели што комбинираат јавни и приватни извори на финансирање и искуства од програми кои веќе донеле енергетски заштеди, нови инсталирани обновливи капацитети и пониски трошоци за корисниците. Посебен акцент е ставен на техничка помош и поддршка при подготовка на проекти, особено за општински објекти, јавна расвета, индустриски процеси и распределени обновливи извори зад бројило.

Министерството за енергетика ќе продолжи со унапредување на законските и подзаконските решенија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со изработка на стандардизирани упатства, договори и тендерски шаблони за општините, јавните институции и компаниите. Паралелно, ќе се дигитализираат и ќе се скратуваат процедурите за дозволи и за приклучок, ќе се воведат појасни МРВ-постапки и критериуми за избор и следење на проекти споредливи на национално и меѓународно ниво, а во партнерство со меѓународните финансиски институции ќе се прошируваат инструментите за дерискирање и пристапот до поволни кредити за да се поттикне поголем прилив на приватен капитал.

Програмата опфати посебен блок за „Грин фајненс фасилити“ (GFF) – заедничката програма која преку партнерство меѓу Владата, агенциите на ОН, ЕБОР и локални финансиски институции овозможува пристапни средства за МСП и недоволно услужени домаќинства, како и панели со бизниси и банки за практичните чекори до инвестиции.

Четиринаесеттиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој се заокружи со потпишување на „Декларација Скопје“ која ги обедини заложбите и заклучоците од тридневниот настан. Декларацијата за која свои сугестии можеа да дадат сите учесници на Форумот, ја нагласи потребата од конкретна акција кон одржлива енергија, што е дел и од годинашното мото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“.

Преку 500 учесници од повеќе од 70 земји дискутираа за новите насоки на енергетската транзиција, иновациите и одржливите решенија што ќе ја дефинираат енергетската политика на иднината.

 

ИЗДВОЕНИ