Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави јавен оглас за пријавување правни субјекти што вршат трговија со високоефикасни инвертер-клима уреди, со што започнува практичната реализација на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија. Целта на јавниот повик е директна поддршка за домаќинствата што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, преку доделување ваучери за набавка и инсталација на високоефикасни инвертер клима-уреди.
Со ваучерите, секое домаќинство ќе може да набави и да инсталира клима-уред во вредност до 28.000 денари, вклучително ДДВ, од компаниите што ќе склучат договор со Министерството по спроведувањето на јавниот оглас.
Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар што вршат трговија со високоефикасни инвертер клима-уреди. Избраните компании ќе мора да обезбедат уреди со најмалку енергетска класа А+, нивна монтажа на адресата на корисникот, како и гаранција од најмалку две години, без дополнителни трошоци за граѓаните.

Министерството ги повикува сите заинтересирани компании активно да се вклучат во реализацијата на програмата и да придонесат за нејзино успешно спроведување. Оваа мерка претставува конкретен чекор во намалувањето на енергетската сиромаштија и во подобрувањето на енергетската ефикасност во домаќинствата, обезбедувајќи поекономично и поодржливо греење за граѓаните што имаат најголема потреба од поддршка.
По завршувањето на јавниот оглас и објавувањето на листата на компании со кои ќе склучи Министерството договор, ќе бидат објавени и списоците со лицата што ќе добијат ваучери. На тој начин, веднаш ќе може да започне процесот на набавка и инсталација на високоефикасни инвертер клими, без дополнително административно одложување.












