Група млади активисти и уметници под менторство на програмата за креативен активизам на Центарот за современи уметности викендов реализираа уметничка интервенција под наслов „Ограничена мобилност“, со цел да ја подигнат јавната свест за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост, постарите граѓани со намалена подвижност, како и младите родители што секојдневно се движат низ градот со детски колички. Во рамките на оваа креативна акција беа трансформирани стари и нефункционални инвалидски колички во имагинарни „летачки“ колички.
– Опремени со крилја и пропелери, овие симболични објекти пренесуваат моќна порака: во денешно Скопје, за многумина движењето низ јавниот простор е возможно само доколку може да летаат. И покрај долготрајните јавни дискусии, голем дел од скопските улици, тротоари, институции, трговски центри и јавен превоз сè уште се физички недостапни за лицата што користат помагала за движење. Симболичната интервенција се одвиваше на повеќе локации во Скопје, во соработка со локалните жители и со претставниците на лицата со ограничена подвижност – велат од Центарот за современи уметности.
Тие додаваат дека со оваа акција, како уметници и активисти, сакаат да испратат јасна порака за систематското институционално и инфраструктурно занемарување на лицата со ограничена мобилност, кое исклучува илјадници граѓани од полноправното учество во општествениот, социјалниот, културниот и во економскиот живот.
– Сметаме дека пристапноста не е привилегија – таа е основно човеково право. „Ограничена подвижност“ претставува креативен протест и јавен повик за итно и суштинско подобрување на пристапната инфраструктура во градот, со цел создавање инклузивна и хумана урбана средина достапна за сите – нагласуваат од Центарот за современи уметности.
Тие најавуваат дека утре ќе биде организирана уште една слична акција, а во вторник од 20:00 часот, во мобилната монтажна галерија ќе биде отворена изложба со наслов „Ограничена мобилност“.