Мој прв инструмент беа тапаните. И денес ја имам истата радост кога свирам на тапани. Кога ќе го спомнеме традиционалниот, народно кажано, селски тапан, тоа ме поврзува со фолклорот, односно таа музика, емоција. Инструментите, а во мојот случај удирачките инструменти, не ги делам на омилени и на помалку омилени. Кога свирам некој инструмент, тоа го правам за музиката. Јас сум ѝ потребен на музиката за да се случи емоција –вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР перкусионистот, аранжер, професор и виртуоз Влатко Нушев, со кого зборувавме за музиката, емоциите што ги предизвикува таа, за неговите музички успеси, за музичката иднина на државата…
Даниела ТРАЈКОВСКА
Инструментите во рацете на македонскиот перкусионист и композитор Влатко Нушев добиваат поинаква димензија. Тој е виртуоз што преку удирачките инструменти ѝ дава современа интерпретација на етномузиката. Способноста да ги комбинира традиционалните ритми со модерните концепти му овозможува да создаде уникатна музика, која ја препознаваат подеднакво и млaдите и возрасните. Токму неговите аранжмани на „Сербез Донка“ и „Турски марш“ се ново дело во збирката на „Македонисимо“, проект на нашиот познат пијанист, Симон Трпчески, и на врвни музичари, меѓу кои и самиот Нушев. Неговите настапи во светот се секогаш дочекани и следени со големо внимание. Но, тој не е само уметник што ја распостила својата музичка дарба на домашните и на светските музички сцени туку и музичар што им го пренесува своето богато музичко искуство како професор на идните генерации, создавајќи подобри музичари.
Вашите настапи се вистински празник за љубителите на добрата музика, кои секогаш одново се одушевуваат од Вашата виртуозност на удирачките инструменти. Од каде, всушност, интересот за музиката и што беше пресудно таа да стане Ваша професија?
Откога знам за себе, музиката беше присутна во мојот развој, уште од најмала возраст. Во осумдесеттите години, музиката во анимираните филмови беше еден извор каде што се запознав со доста квалитетна музика, како што се класиката и џезот. Можеби звучи смешно, но тоа е така. Веројатно, покрај приказната, голем дел од моето внимание, гледајќи ги анимираните филмови, било токму слушањето на музиката. На радио, исто така, имаше само добра и квалитетна музика, а одев и во КУД „Гоце Делчев“ во Делчево, каде што ги учев чекорите на македонските ора. И на славите и на веселбите се свиреше убава музика и се пееја убави песни. Како да ѝ се одолее на сета таа убавина? Татко ми ги препозна мојот интерес и мојата желба за музиката и некаде во 1988-1989 година ми купи сет тапани. И денес се сеќавам на денот. Така почна моето патување во светот на музиката и на самите удирачки инструменти.
Дали удирачките инструменти отсекогаш беа Ваш прв избор и дали традиционалниот тапан, кој е во македонскиот музички код, е меѓу Вашите омилени инструменти?
Како што споменав, мој прв инструмент се тапаните. И денес ја имам истата радост кога свирам на тапани. Кога ќе го споменеме традиционалниот, народно кажано, селски тапан, тоа ме поврзува со фолклорот, односно таа музика, емоција. Инструментите, а во мојот случај удирачките инструменти, не ги делам на омилени и на помалку омилени. Јас тргнувам од музиката. Кога свирам некој инструмент, тоа го правам за музиката. Јас сум ѝ потребен на музиката за да биде таа некаква. Да се случи емоција. Кога зборуваме за музиката, зборуваме за емоција. И се трудам да го направам тоа најдобро што можам. Не дека давам најмногу од себе, туку се давам себеси најмногу што знам и умеам.

Вие сте и композитор, но и аранжер и продуцент. Што е она што Ве инспирира да создавате музика, да аранжирате, да влезете во студио и да заборавите на времето и просторот околу Вас?
Кога станува збор за создавањето, битен ми е самиот процес. Самото дело или концерт ќе почне и ќе заврши. Да, ќе доживееме убаво искуство и емоција во тие моменти, но, сепак, тоа трае 5-10 минути, па и еден час. И тие моменти се наменети за публиката. Некој ќе си отиде дома со многу убава енергија, која ќе трае и неколку дена и ќе му се отворат нови погледи кон светот. Исто како што ми било и мене по слушањето на одредени концерти. Но, целиот тој процес на создавање трае со денови, недели, па и месеци. Моменти пред и по настапот. Е, тука сакам да искусам, доживеам, уживам. Кога ќе се нурнам во создавањето, не знам каде ќе стигнам. Инспирација наоѓам во сѐ и сешто. Сепак, сакам периодот во кој се случува сето тоа да биде слика на тоа како се чувствувам јас во тој период. Нашиот македонски фолклор е место каде што наоѓам многу инспирација. Не само како мелос туку и како ритам и метрика.
Вашата кариера е исполнета со бројни настапи и со членување во голем број музички групи, а сега сте активен член на ансамблот „Македонисимо“. Како се случи Вашата соработка со Симон Трпчески на овој македонски музички проект, кој постигна огромен успех во целиот свет?
Да, моето искуство во изведувачката дејност како перкусионист и тапанист е долгогодишно и е врзано за повеќе авторски состави како „Верка“, „Корбин“, „Хроматик поинт“, „Moидифајд годс“, „Далтонови“, „Депонија“, „Кал“, „Демостен“… Времен член на „Бумбикс“, „Demency“, „Њу полис state“, „Беј д фиш“. Член на „Вај нот“, дваесет години бев во оркестарот на Македонската опера и балет. Имав многубројни концерти со Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, Биг-бендот на ФМУ, разновидни камерни ансамбли… Целиот тој период е исполнет со многу ентузијазам, многу труд, професионалност во пристапот, дружба и работа на себе. Со Симон се знаеме уште од факултетските денови. Но, клучниот момент на соработка се случи во 2016 година, кога ми предложи да тргнеме на едно патување, кое трае и ден-денес, дружба и професионална надградба, која, за мене, е големо животно искуство и ме прави подобар музичар и човек. „Македонисимо“ е една многу убава приказна, со прекрасни и питоми луѓе. Музичари што ја разбираат музиката како уметност, како емоција, како забава, како начин да го славиме животот. Покрај тоа што ги свирам, исто така имам голема улога во создавањето и обликувањето на партитурата во делот на удирачките делници и инструментариум на таканаречените „Плетенки“, кои ги исплете Панде Шахов на еден уникатен начин и даде еден поразличен израз и видување на македонските ора и песни.
Иако одлично се снаоѓате во сите музички жанрови, во кој жанр, всушност, се чувствувате најкомотно и сметате дека го давате својот најголем придонес?
Како и на претходното прашање за омилените инструменти, и овде е слична приказната. Кога свирам, тоа го правам за музиката. Некој ќе рече дека ние, „тапанарите“, држиме ритам за другите да „свират“. Размислувајќи за ритамот како движење, треба да излеземе од мислата дека ритамот се ритмички фигури нотирани на лист хартија или дадена насока да следиме упатство за одреден нотиран или ненотиран текст. Туку дека ритамот, односно музиката е составена од неколку компоненти како: карактер, интензитет, контекст, боја, кои се директно врзани за темпото, динамиката, метричката одредба, тоналноста. Односно ритамот не е засебен, туку тој е музиката. Оттаму, кога свириме музика, ние сме ритамот, односно тоа го правиме за музиката. Нормално е некој да избере да се насочи и определи за одреден правец, односно израз во музиката и таму да е најкомотен. Јас почнав со анимираните филмови, па „андерграунд“, панк, метал…. паралелно со македонскиот фолклор. Подоцна изучував класична музика, паралелно дознавав за електронската музика, за џезот, за современата музика, за разните фузии помеѓу изразите, стиловите и потстиловите. Денес повеќе се гледам како музичар што свири на одредени инструменти и создава музика отколку како перкусионист или тапанист.

Од аспект на Вашата педагошка работа, големиот број одржани музички работилници и предавања во државата, пошироко, ќе ве запрашам и каков е интересот на младите музичари за удирачките инструменти, каква е музичката иднина на нашата држава, но и каква е Вашата порака до младите што сакаат да се занимаваат со музика?
Мојата педагошка дејност во областа на удирачките инструменти трае речиси 22 години. Уште како студент, мојот интерес за студиозен пристап кон одредена проблематика беше видлив. Колку и да се трудиме да дадеме некој придонес кон одредена област, особено кога се работи за државна институција, нештата тапкаат во место. За жал, државата нема стратегија за развој на музичкото образование, односно колку му е потребна музиката на еден народ. Застапеноста на музиката во основното образование е на ниво на слушање и пеење. Многу далеку од нејзино изучување преку свирење на инструмент и користење на гласот како инструмент. Далеку од тоа дека сите треба да бидат музичари, туку дека музиката ќе му помогне на детето да биде подобро.
Условите за работа на сите основни, средни и високи школи за удирачки инструменти во Македонија, се на многу ниско ниво. Од немање соодветни простории до немање основен професионален инструментариум. Кај нас се изучуваат тимпани и удиралки. Тоа се многу инструменти: тимпани, сет тапани, вибрафон, ксилофон, маримба, камбани, глокеншпил, разни оркестарски удиралки, традиционални удиралки… тоа се премногу инструменти за да ги купи едно дете, односно родител, за разлика од другите инструментални оддели, каде што е потребен еден инструмент, кој го има за почеток и по достапна цена. Затоа самата институција, односно државата мора да го обезбеди сиот тој инструментариум, кој ќе го користат сите деца што се запишани на тој оддел. Навидум изгледа сложено, но потребни се само добра намера и разбирање на проблемот. Мојата порака до младите што сакаат да се занимаваат со музика е да го прават тоа затоа што тоа е она што го сакаат. Напорната работа, трудот што треба да се вложи, фокусот и општо целата пожртвуваност ќе бидат природни и ќе биде присутна желбата за развој само ако го сакаме тоа што го работиме.
Со оглед на Вашите бројни настапи во државата и надвор од границите, може ли да ни издвоите настап што ќе го паметите како најемотивен, најзначаен за Вас, но и концерт што, поради вложениот труд, со гордост го паметите?
Мојот прв настап во Скопје. „Поп-рок фест“ во 1994 година. МКЦ. Свиревме со „Далтонови“. Ногата ми леташе во темпото престисимо, не од техника, ами од возбуда, ха,ха. Ју-турнејата со „Верка“, осум концерти во осум дена. Еден куп спомени. Првиот настап со „Македонисимо“ во Лудвигзбург, Германија. Направивме две проби. Првата траеше 14 часа, а втората 12. Концертот беше магија. Ги кренавме Германците на нозе. Особено ми се драги концертите на кои сме свиреле и мои музика, аранжмани и обработки. Во концертната сала „Wigmore Hall“ во Лондон , го свиревме „Дивертименто“. Мој аранжман на „Секстет“ од Гиом Конесон. Во Хонг Конг, на фестивалот „Asia Plus“ свиревме мој аранжман на „Турскиот марш“ од Моцарт, каде што ни се приклучија и кинеските музичари со своите традиционални инструменти како хукин и суона. Концертот за прославата на НЛБ, каде што беше изведена мојата „Рапсодија на македонски за квинтет и оркестар“ на музика од Листовата „Унгарска рапсодија“…
Какви се Вашите моментални ангажмани, но и Вашите наредни планови во однос на музиката, настапите и на музичките соработки?
Во моментот работам на неколку нови проекти. Пишувам книга за ритамот и за метриката, за тоа како ја разбирам музиката. Мое видување на ова поле.
Со моите деца, Илиана и Ѓорѓи, правам нова песна. По „Хрчаче“, имаме ново изненадување. Нова песна со Ице, кој живее и работи во Софија. Како гостин на неколку песни на новиот „гранџерски“ материјал на другар ми Никола. Подготовки за концертот на 20., во арената „Борис Трајковски“, со Симон Трпчески. Потоа ќе следуваат настапите во Чешка и во Либан. Редовни ангажмани на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што сум професор.
Секој музичар има свој сон, кој е Вашиот, дали веќе го живеете?
Музиката не ми е само професија. Таа е и мое хоби и нешто за во слободно време, за дружба со другарите, за секој ден. Сонот ни е здравје на мене и на моите блиски, семејството, фамилијата. Не трагам по никаков успех, сè ќе си дојде на свое место. Само да сме здрави и живи, да имаме слога и разбирање.












