– Моите дела првенствено го отсликуваат сопственото внатрешно патување, кое никогаш не престанува. Секогаш се обидувам да го видам убавото во нештата, но тоа не значи дека го гледам светот низ призма на розови очила. Во делата неретко вклучувам и горливи теми на трауми и рани, соочување и чистење до прогрес и експанзија. Тие се составен дел од растот. Верувам дека делото е медиум преку кој и публиката го отплеткува сопствениот јазол, ја препознава својата приказна. Уметноста, во суштина, е дијалог на душите – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР уметницата Татјана Ристовска, добитник на наградата „Боро Митриќески“
Уметницата, поточно вајарка Татјана Ристовска е годинашна добитничка на престижната награда „Боро Митриќески“, која ја доделува Друштвото на ликовни уметници секоја година, во рамките на изложбата „Современа скулптура“ за најдобро скулпторско решение. Во 2009 година, таа беше еден од основачите на уметничката група и уметнички простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, а во 2012 година, во соработка со шест колешки, ја основа уметничката група МОМИ, со која има реализирано голем број изложби. Во својот творечки опус, има учествувано на бројни групни и на четири самостојни изложби, меѓу кои позначајни се: „Отсликани дистанци”, Центар за современи уметности, Куршумли ан, Скопје (2007); „Множество божество рождество“, Белград, Србија (2013); „Табу“, Сплит, Хрватска (2013); „Resist What?“, Загреб, Хрватска (2014); „Нест”, Музеј на Град Скопје, (2018); „Синестетички релации“, Центар за култура „Ѓорче Петров“, Скопје (2023); „Небоглед“, Младински културен центар, Скопје (2023). Во 2013 година, заедно со Борче Богоевски, го основаше брендот „Керакамика“ и редовно одржува работилници за деца и за возрасни од областа на керамиката.

Добитник сте на годинашната награда „Боро Митриќески“ што ја доделува Друштвото на ликовни уметници во рамките на изложбата „Современа скулптура“. Кажете ни нешто повеќе за делото со кое ја освоивте оваа престижна награда, која го носи името на еминентниот македонски скулптор и какво значење има ова признание за Вас.
Најпрво, искрена благодарност до Друштвото на ликовни уметници на Македонија и до жирито, кое едногласно го избра моето дело „Состојби“ (со работен наслов „Home within a home“) за добитник на наградата „Боро Митриќески“, во рамките на изложбата „Современа скулптура“ за 2025 година. Ова признание има длабоко лично и професионално значење за мене, но претставува и огромна чест и истовремено е и поттик да продолжам во иднина со мојот уметнички пат, со уште поголема посветеност. Делото „Состојби“ претставува триптих од заедница на кревки корални теракотни форми, кои, како живи системи, го носат невидливото и ја претставуваат врската меѓу материјата и духот. Секој сегмент е создаден од тактилни површини и претставува еден вид внатрешен дом или место за духовен раст. Преку сенка и светлина, полно и празно, допир и звук, делото го отвора прашањето: дали е телото засолниште на душата или само привремен дом каде што таа го наоѓа својот мир?
Како, всушност, започна Вашата приказна поврзана со уметноста и што беше пресудно вајарството да стане Ваша професија?
Мојата приказна поврзана со уметноста започна многу одамна. Иако може да звучи како клише, сепак, тоа е мојот пат. Од најмали нозе, креирањето беше мојот природен јазик. Креирав секогаш и секаде, на најразлични начини, со најразновидни материјали. Креирањето беше и сè уште е мојот зен, моето сидро, мојот начин да отпатувам кон себе, дома… Иако изборот на средно училиште ми беше медицината (не по моја волја), кога дојде време за запишување на факултет, се изборив одлуката да биде само моја и да се запишам на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на педагошкиот оддел, на насоката за вајарство, во класата на проф. Станко Павлески. Во текот на факултетските денови, ми се отвори еден нов свет за кој не бев ни свесна дека постои. Во тој период, бев и студент демонстратор, улога што ми помогна да увидам дека споделувањето знаење многу ме исполнува, па благодарение на тој момент денес ја работам мојата работа од соништата: држам часови по керамика во нашето студио „Керакамика“ во Скопје, повеќе од 12 години. По завршувањето на студиите, се здобив со диплома за најдобар студент на генерација на педагошкиот оддел, а подоцна престојот во Истанбул, на обука за керамика, ја запечати мојата љубов кон овој медиум. Оттогаш, тоа е мојот жив дијалог со материјата.
Во кои сè медиуми творите и што е најголем предизвик за Вас како уметник?
Во последните години, керамиката е мојот главен изразен јазик. Но, во зависност од концептот, често комбинирам и природни материјали, користам мирис, звук, светлина и дури интерактивни дигитални кодови, како начин на проширување на перцепцијата и создавање повеќесензорно искуство. Најголемиот предизвик секогаш е ист: да останам автентична во процесот и секогаш да ја следам суштината и да го слушам својот внатрешен глас.
9+ експанзија. Тие се составен дел од растот. Верувам дека делото е медиум преку кој и публиката го отплеткува сопствениот јазол, ја препознава својата приказна. Уметноста, во суштина, е дијалог на душите.
Кои ангажмани Ви се во план за наредниот период, во однос на претставување и гостување во и надвор од земјата?
Во нареднава 2026 година, голема желба ми е да реализирам самостојна изложба во еден неконвенционален, природен простор. Сè уште е рано да го откријам концептот, но веќе сум целосно нурната во реализацијата и си дадов слобода на дете, каде што процесот ме води и ме враќа кон љубопитноста и истражувањето, кое ми беше храна додека созревав како автор. Можам само да кажам дека ќе биде „растечко“ дело, кое ќе ја вклучи и публиката и за кое планирам трајна поставка во еден од најубавите краеви, според мене, во Македонија, а тоа е Преспанскиот. Имаме на повидок и неколку проекти во студиото, за кои ни трепери душата и многу се радуваме, но затоа во друга пригода.
Редовно одржувате и работилници за деца и за возрасни од областа на керамиката. Колку има интерес за вакви работилници, на која возраст најмногу Ви се приклучуваат?
Една од моите најчисти радости и љубов ми се работата и пренесувањето на знаењето што сум го стекнала низ годините. На мое огромно задоволство, интересот за керамичките работилници е сѐ поголем, и од децата и од возрасните. Неретко велам дека мојот повик е да им го олеснам патот на креативните што доаѓаат во нашето студио, да им покажам, преку мојот личен пример, дека ништо не е невозможно и дека процесот на создавање е исцелувачки сам по себе. Mногу важно, за мене, во мојата работа е кога ќе излезат од ателјето, клиентите да го имаат тоа добро познато бестежинско чувство на лебдење, дека сѐ е возможно, со нетрпение да го чекаат следниот час или следната средба со глината и, преку меѓусебна соработка, да отидат чекор понатаму во своето лично креативно патување. Цврсто верувам дека преку секој поединец што создава се гради колективна слика на општеството, но и дека секој треба прво да почне од себе, да работи, да се надградува, да придонесува, да верува во подобро утре и најважно: секој од нас да си го одработи „својот дел“ и потоа, со верба, да му го оставиме другото на универзумот.
Даниела ТРАЈКОВСКА












