ЕКСКЛУЗИВНО СО МАКЕДОНКАТА ШТО ЈА ОБЕЛЕЖА 2025 ГОДИНА
Во пресрет на долгоочекуваната македонска премиера на „Приказната за Силјан“ што ќе се одржи на 4 јануари (недела) во 20:30 часот, во Македонскиот народен театар, во новогодишното издание на весникот ВЕЧЕР пренесуваме интервју и фотографии од ексклузивната фотосесија со македонската режисерка Тамара Котевска, која периодов е во Македонија. Со успехот што го постигна со документарецот „Силјан“, според многумина, е личноста што ја обележа 2025 година. Млада, успешна и позитивна, Котевска со својот независен филм, од снимањето што започнало како истражување за миграцијата на штрковите, спиењето во трејлер, фаќањето болви, преку уништувањето на дел од скапоцениот снимен материјал, стигна до страниците на светските реномирани весници и списанија, каде што филмската критика го оцени како „триумф“, „апсолутен шармер“, „импресивно дело“…
Наташа ИЛИЕВСКА-ТАНЕВСКИ
Македонската режисерка Тамара Котевска, со успехот што го постигна со документарецот „Приказната за Силјан“, според многумина, е личноста што ја одбележа 2025 година. Млада, успешна и позитивна, Котевска со својот независен филм „Силјан“, од снимањето што започнало како истражување за миграцијата на штрковите, спиењето во трејлер, фаќањето болви, преку уништувањето на дел од скапоцениот снимен материјал, стигна до страниците на светските реномирани весници и списанија, каде што филмската критика го оцени како „триумф“, „апсолутен шармер“, „импресивно дело“…
Македонскиот кандидат за „Оскар“, иако не успеа да влезе на кратките листи на кандидати за најпрестижната филмска награда во категориите за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм, од светската премиера во Венеција досега учествуваше на реномирани фестивали, се закити со повеќе престижни номинации и награди, а беше препознаен и откупен од еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот, „Нешенал џеографик документари филмс“, за што самата Котевска ќе каже дека е нејзино најголемо животно достигнување, односно врв во кариерата на еден филмаџија.
И врапчињата што летаат заедно со штрковите веќе знаат дека филмот е инспириран од познатата македонска бајка „Силјан Штркот“. Третиот документарец на Котевска ја следи судбината на земјоделецот Никола, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа штрк со повредено крило, на кој решава да му помогне. Во пресрет на долгоочекуваната македонска премиера на „Приказната за Силјан“ што ќе се одржи на 4 јануари (недела) во 20:30 часот, во Македонскиот народен театар, во новогодишното издание на весникот ВЕЧЕР ексклузивно пренесуваме интервју и фотографии од фотосесијата со македонската режисерка, која периодов е во Македонија, најпозната за пошироката јавност по документарецот „Медена земја“. Во стилот на документарист кого повеќе го привлекува снимањето на некој зафрлен регион на светот од блицовите на црвениот килим, таа предложи сет што е во духот на природата. Облечена во модни парчиња во земјени тонови на Антонија Гугинска-Јорданоска, со шминка на Небојша Пешевски и со часовник „11|11 саат“, креација на Петар Кајевски, се фотографираше опуштено и срдечно и ни остави чувство на надеж со пораката дека секогаш ќе ги поддржува младите македонски филмаџии, што, пак, не било случај со неа. Вели дека приказните за Македонија допрва ќе се раскажуваат.
Како се чувствувате пред македонската премиера на „Приказната за Силјан“?
Предизвикот е голем, од визуелен аспект до тоа да бидат пополнети повеќе од 700 седишта во гледалиштето. Успеавме, заедно со Македонскиот народен театар, да го претвориме тој уникатен простор во сала за кинопроекција. Се надеваме дека публиката што ќе биде дел од премиерата, ќе успее во вистинско светло да ја доживее „Приказната за Силјан“. Верувам во „Силјан“ како и од првиот ден. Оваа приказна им припаѓа на публиката и на местото од кое потекнува. Македонија е инспирација. Македонија е една скапоцена ризница со приказни кои треба да се раскажуваат и за кои светот допрва ќе дознае.

Со „Силјан“, оваа есен бевте во кампања за номинацијата за „Оскар“, која ја водеше „Нешнал џеографик документари филмс“. Периодов се сретнавте и со Леонардо ди Каприо, Бенисио дел Торо, Бен Стилер… Кој од нив Ви остави најголем впечаток?
Кампањата се одвиваше два и пол месеци, со преку 30 лета меѓу цела Америка и Европа. Почнавме од Лос Анџелес, па Њујорк, Сан Франциско, Чикаго, Савана, Лондон, Копенхаген, Берлин, Амстердам, па неколку пати враќање меѓу Њујорк и Лос Анџелес, па неколку пати враќање Лондон – Америка… Беше навистина интензивно.
Секое од имињата што ги споменавте има своја автентичност и беше импресивно да имам шанса да зборувам со нив. Тоа беше неофицијален разговор, на исто ниво. И Бен Стилер и Ди Каприо многу добро го знаеја „Медена земја“. Продуцентот на Бен Стилер, пред да почине, му го препорачал како еден од филмовите што мора да ги гледа. Бен често се наоѓаше во истите документарни кругови, бидејќи и тој годинава имаше документарен филм во конкуренција. Токму затоа беше толку заинтересиран за другите документаристи. Ди Каприо, пак, веќе одамна е познат по својата фондација за документарци за заштита на животната средина и поради тоа, сериозно и искрено ги поддржува документаристите што се занимаваат со еколошки теми. На „Медена земја“ особено се сеќаваше поради истата година во која бевме номинирани. Беше искрено заинтересиран за мојот нов филм и побара линк, кој подоцна му беше доставен од „Нешнал џеографик“. Исто така, зборувавме и за еден наш заеднички пријател и колега, Ричард Ладкани, кој е долгогодишен документарист со кого соработува и има филм на трката за „оскарите“ годинава.
Рековте дека „Силјан“ Ве убедил дека најдобро знаете и најмногу сакате да раскажувате приказни од Македонија. Може ли да направите паралела со процесот на работа на „Медена земја“? Колку беа различни двата процеси, колку беа различни Вашите перцепција и искуство?
Не можам да кажам дека процесот беше драстично различен. Целосната посветеност да се соживеам со светот за кој раскажувам, да опсервирам многу долго време со мала лојална екипа, од материјалот да креирам цврста филмска драматургија… Тоа е мојот печат, стил и животен повик.

Целото Ваше патување со „Медена земја“ (од создавањето до салата за „Оскарите“) е еден сон што го посакува секој филмаџија. Кога бевте номинирани и за најдобар интернационален филм и за најдобар документарец, на настаните на кои бевте во Холивуд, сретнавте едни од најголемите актерски имиња на денешницата. Од оваа перспектива, како гледате на тоа искуство (црвен килим, дружење со филмски ѕвезди, интервјуа…)?
Тие луксузни настани се интересни авантури и незаборавни животни моменти, особено кога се работи за луѓе што ме инспирирале уште од раното детство и сум сонувала да ги запознаам во живо. Но, тоа не е суштината на мојата работа и она што навистина ме исполнува. И покрај двете поминати кампањи за „Оскарите“ до мојата 32. година, работата со најголемите дистрибутерски компании во Америка и во светот, фестивалите, наградите, интервјуата и црвените килими, можам гордо да кажам дека тоа е нешто што го сметам за чист бизнис и за дел од мојата професија во која морам да останам крајно професионална, достоинствена и со висока енергија. Но моето срце, страста и вистинската суштинска исполнетост остануваат во самиот процес на работа, во бидувањето слободна во природата, поминувањето време на магичните сетови што сама ги создавам и борбата со моите колеги соборци со кои заедно често сме сведоци дека сме го постигнале невозможното и дека магијата постои, барем онаа филмската. Процесот на создавање филм е како процес на раѓање живо суштество, разбираш дека самиот филм е засебен, жив организам со сопствено темпо, енергија и логика дури откако ќе се впуштиш целосно и бескомпромисно во тоа создавање. Тоа е оној пат што не може да го изоди секој, додека секој може да изоди по црвените килими.
Не се сеќавам дали Ве прашал некој и дали сте дале одговор на вакво прашање. Дали носевте говор во џебот на „Оскарите“ во 2020 година, кога беше номиниран документарецот „Медена земја“? И ако ја земевте златната статуетка в раце, што ќе кажевте?
Никогаш не носам говор во џебот. Сите мои говори ги носам во срцето. Така секогаш најдобро и најискрено испаѓа кажаното. Она што ќе го кажев ќе беше прашање на моментот. Така што не би можела сега, од оваа дистанца, да се сетам што ќе беше тоа тогаш. Всушност, јас навистина одам целосно неподготвена за говори на сите тие настани. Едноставно уживам да им се препуштам на моменталните емоции и да се изненадам самата себе. Прв пат да се слушнам, тогаш, во моментот. Тоа ми е најинтересниот дел.

„Силјан“ почна како истражување за преселбата на штрковите за Вашиот прв игран долгометражен филм, „Човек против јато“, а неодамна добивте и награда на фестивалот „Лез аркс“ во Франција што Ви овозможи постпродукција во Париз. Во која фаза е филмот, што е главната приказна, кога и каде се снимаше и кога се очекува да биде готов?
Не би сакала да споделувам премногу информации во моментов, бидејќи сакам да го почитувам ексклузивниот момент кога ќе дојде за овој филм. Но, можам да потврдам дека инспирацијата за „Силјан“ тргна како истражување за тој филм и дека е инспириран од вистински настани во Македонија.
Во овој период требаше повторно да снимате во Сибир. Станува збор за Вашиот четврти документарец, „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“, кој беше селектиран на престижниот копродукциски маркет во Венеција. Во Сибир ја следите приказната на шаманското племе Долгани во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и копачите на мамутски заби. Кажете ни нешто повеќе за искуството во Сибир, како се дојде до идејата за овој документарец, чиј проект е. Ќе ги направите ли сибирските мамути славни како нашиот Силјан?
Ова е оригинална идеја инспирирана од соработката со снимателот Жан Дакар, кој го делеше истиот сон да го види далечниот Сибир како мене, двајцата инспирирани од фотографиите во статиите што сме ги читале во „Нешнал џеографик“. Тргнавме сами да го продуцираме, исто како и Силјан. Откако почна војната, не успеавме три години да најдеме финансии, па затоа и, всушност, му се посветивме на „Силјан“. Со филмот сè е многу непредвидливо, но од дистанца се гледа дека сè се случувало во вистинско време. Прво требало да се случи „Силјан“. И драго ми е за тоа. Авантурата со Сибир ќе продолжи, а до каде ќе стигне – ќе видиме.
Имате одлична соработка со Жан Дакар, која ја започнавте на сириско-турската граница додека го снимавте документарецот „Патување пеш“. Заедно веќе имате четири заеднички проект (со „Мамутите…“, „Силјан“ и „Човек против јато“). Што е клучно за еден успешен тандем: принципот на работа, заедничката естетика, сличните светогледи?
Сето тоа. Би додала и степенот на жртвата што се сложни да ја дадат соработниците за да успее нешто. Како и страста кон филмскиот процес.
Вие сте млада и многу успешна. Кога доаѓате до слободно време, како сакате најмногу да го искористите: за одмор, за дружба со пријателите или?…
Скапоцено време поминато со фамилијата и со избран круг блиски пријатели. Времето поминато во природа ми е бесценето и секогаш ме „рестартира“. Сама или со луѓе. Секаков вид спорт, танцот и другите форми на физичка активност ми се огромен дел од слободното време и она што ме прави среќна. Многу читање. Дури повеќе од гледањето филмови во одредени периоди кога минувам долго време пред компјутер. Особено при долгите летови, кои се пречести во мојот живот. Различни хобија поврзани со рачна изработка, особено со дрво – го обожавам тоа. Генерално ме движат огромната љубопитност и вишокот енергија во животот, кои секогаш ме ставаат во нови предизвикувачки искуства и ситуации.

Со позитивната енергија, постојано им давате поттик на филмаџиите во Македонија. Вашите филмови (со еколошки, културолошки, политички теми) испраќаат силни пораки. Која е Вашата визија за овој наш свет?
Искрено верувам дека одиме со огромни чекори напред со македонската кинематографија. Се случува некое ново струење, нов бран на воинствени, инспирирани автори. Тоа е логично во однос на тешката енергија, која ја има сериозно потиснато нашата земја во сите сфери. Токму во таквите тешки периоди за една земја, гласовите се будат, авторите имаат за што да зборуваат и сакаат да се борат преку уметноста. Тоа е еден колективен бунт, кој природно се случил во многу земји во историјата на филмот. Уметноста е најсилна кога игра во окови. Тоа никогаш нема да го заборавам.

Кај нашиот народ често се слуша поговорката пред Божиќ, зад Божиќ, кај и да си, дома да си. Како планирате да ги поминете новогодишните и божиќните празници? Колку време ќе Ви треба да ги наполните батериите дома пред новите предизвици што следуваат со „Силјан“, но и со другите филмови?
Ќе ги поминам празниците со блиските и драги луѓе. Ќе ми треба подолго време да закрепнам од интензивната кампања. Она што се гледа во медиумите и она што се должни да го поминат авторите на секогаш неплатените кампањи за филм е навистина напорен процес на работа, постојан физички напор, промена на зони и огромен притисок од постојаната јавна изложеност. Тоа е еден маратон што бара многу повеќе напор отколку што може да замисли кој било отстрана.
Што ќе Ви биде прва професионална обврска по празниците и на што ќе се фокусирате во првите месеци од 2026 година?
Во мојот фокус е монтажата на „Човек против јато“. Сериозно напорен и детален процес, кој треба да го отслика сето она што е снимано низ призмата на еден режисер и на еден кинематограф, заедно со целата екипа.

И на крај, што си посакувате во новата 2026 година?
Нова меморија на мејлот. (се смее)
Фото: Ѕвонко Плавевски












