– За мене, како мултимедијален и визуелен уметник, е огромен предизвик присуството на меѓународната ликовна сцена, па и пред париската, со оглед на тоа што Париз е град на уметноста, на големи и врвни уметници. На лична покана од универзитетскиот професор д-р Калил Кофахи, јас сум и единствениот претставник од Р Македонија, како учесник на симпозиумот што ќе се одржи во градот Ирбид, Јордан, а на кој ќе учествуваат уметници од повеќе земји од светот – вели за весникот ВЕЧЕР уметникот Страхил Петровски, кој од 4 до 14 јуни ќе реализира изложба во Париз, а во јуни ќе учествува и на интернационалниот арт-симпозиум во Јордан

Страхил Петровски (1974, Куманово) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Член е на ДЛУМ од 1997 година, од 2024 работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност, а таа година беше избран и за вонреден професор по предметите Фотографија и Мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје. Со Петровски разговаравме за изложбата што ќе ја реализира во Париз, како и за неговото учество на симпозиумот во Јордан.

Во јуни, ќе бидат поставени Ваши дела во Париз. Кажете ни нешто повеќе за изложбата со која ќе се претставите пред француската публика.

Изложбата во Париз ќе се реализира на 4 јуни, во Абстракт проект галерија и ќе биде поставена десет дена, поточно до 14 јуни, како резултат на повеќемесечните подготовки и преговори со тимот задолжен за проекти. За среќа, концептот што го предложив, односно просторната инсталација со наслов „Реминисценции“, предизвика голем интерес кај комисијата, колегите сликари и куратори во галеријата, со што, на заемно задоволство, соработката за нејзина реализација беше неизбежна и изложбата беше договорена за јуни оваа година. Бидејќи станува збор за камерен простор, концептот налагаше да бидат изложени селектирани дела – слики на платно со помали димензии работени во комбинирана техника, како дел од мојата понова продукција, но и дела на индустриска хартија, од 2023 година, со поголеми димензии, поставени како просторна инсталација во галеријата.

Што беше Вашата главна инспирација за овој творечки циклус и со што се карактеризира оваа изложба?

Јас не би се согласил со терминот „инспирација“, иако е најчесто експлоатиран. Повеќе би сакал да зборувам за идеја, перципирање или опсервација на нештата што нè опкружуваат или, можеби, нè обременуваат како луѓе, уметници творци во доменот на културата и уметноста овде и сега… да зборувам за присутноста, улогата и за предизвиците на уметникот во современото општество. Уметноста е начин на живот и уметникот постојано трага и истражува, барем гледано од мој аспект… постојано се раѓаат нови идеи, се натпреварувате сам со себе, творите и оставате некаква трага зад себе. Што се однесува до изложбата, таа ќе биде составена од шеснаесетина дела, како што кажав и погоре, дела што се работени во комбинирана техника, некои од нив со експериментирање дури и со несликарски материјали, а се однесуваат на истражување на прашањата поврзани со личниот и со колективниот идентитет, колективната меморија и навраќањетп кон „вистинските вредности“, со симболика што на моменти има минималистичка визуелна естетика. Наративот во самите дела се карактеризира со игра на светло-темни тонови, експресивни потези, создавајќи атмосфера што поттикнува на размислување за современите општествени состојби и за човековата природа. Асоцијација на ротулуси, односно записи што ги симболизираат сите досегашни цивилизациски слоеви од почетокот на настанокот на светот и земјата, апстрактно-калиграфски формации и „ракописи“ (дела на индустриска хартија) со придушен и топол земјен тоналитет, кои сугерираат на слоеви од старост и патина од минатото, а кои одекнуваат во сегашноста.

Ова не е Вашето прво претставување во Париз, но да се потсетиме кога изложувавте во Париз и со кои изложби (дела, инсталации, перформанси) се имате претставено пред париската публика?

Точно така. Морам да кажам дека Париз ми е еден од омилените градови во Европа и имав среќа да реализирам две самостојни изложби. Првиот проект со кој се претставив беше изложбата „Урбани еха“ во 2018 година, поставена во македонската Амбасада – фотографска инсталација од педесетина црно-бели фотографии и видеа што беа просторно поставени во просторот, а втората изложба што ја реализирав беше во тој простор, во 2022 година, со видеоинсталацијата насловена „Синергија во времето“, која наиде на одличен прием кај париската публика. Проектот „Синергија во времето“ претходно беше претставен на Спомен-костурницата во Велес, со видеомапинг на фасадата на објектот, во рамките на манифестацијата „Европски денови на културното наследство во 2022 година“.

Какви се Вашите впечатоци од досегашните изложувања во Градот на Светлината и што значи за Вас присуство на париската ликовна сцена?

Со сигурност тврдам дека Париз е град на светлината и секогаш кога повторно му се навраќам, град кој ме облагородува и оживува, град во кој се чувствувам како да сум дома, опуштено… Го има тој посебен шмек како еден од најзначајните центри во уметноста, модата, дизајнот, архитектурата итн. Со секоја нова поставка на изложба, имате посебно чувство и голема одговорност прво пред самиот себе како автор, а потоа и пред публиката/реципиентите, која ги восприема делата, без разлика на градот и државата во која изложувате. Тоа се тие значајни моменти на возбуда и позитивни вибрации кога имате можност да ги претставите своите дела надвор од ателјето, пред публика, особено пред париската, која е прилично специфична. Секако, за мене, како мултимедијален и визуелен уметник, е огромен предизвик присуството на меѓународната ликовна сцена, па и пред париската, со оглед на тоа што Париз е град на уметноста, на големи и врвни уметници, на прекрасни музеи и галерии, каде штоп постојано се случуваат отворања на изложби, настани од секаков вид, ревии итн. За среќа, од досегашното мое лично и професионално искуство, имам позитивни впечатоци од тамошната публика за изложбите што ги имам реализирано во годините наназад. Навистина една убава емоција и голема можност, особено за нас, уметниците, генерално, па и за мене, како автор, да имам(е) што повеќе можности за изложување и реализирање на изложби во музеи и галерии во странство, со промоција на македонските култура и уметност, што е од исклучително значење и лична карта на државата од која потекнувам(е).

Во јуни, исто така, ќе присуствувате и на симпозиум на уметници во Јордан. За каков настан се работи и што ќе биде тема на симпозиумот?

Интернационалниот арт-симпозиум во Јордан се организира по 15. Пат, во јуни и е под покровителство на Министерството за култура на Аман и асоцијацијата за култура ликовни уметности „AL Rowad Association for Fine Arts“, како и други поддржувачи-спонзори на културата и на туризмот во Јордан. На лична покана од универзитетскиот професор д-р Калил Кофахи, јас сум единствениот претставник од Р Македонија, како учесник на овој симпозиум што ќе се одржи во градот Ирбид, а на кој ќе учествуваат уметници од повеќе земји од светот: Турција, Ирска, Либан, Норвешка, Полска, Грузија, Литванија итн. Тема на годинашниот симпозиум е „Простори на љубов и слобода / Spaces of Love & Freedom“.

Какви се Вашите ангажмани на симпозиумот и какво значење има овој настан за Вас, како уметник, и воопшто за уметниците?

Како и од досегашното мое искуство како учесник на голем број симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство, и овој пат, покрај стандардното сликање на зададената тема и дружењето со колегите уметници, нè очекува богата културно-туристичка програма со посета на културно-историските локалитети и богатства на Јордан и особено на градот Петра. На крајот од престојот, според нивната програма, ќе се реализира завршна изложба од делата настанати на симпозиумот. За мене, па и за секој автор-уметник, секако е голем предизвикот да се учествува на вакви симпозиуми на кои, покрај професионалниот – творечкиот дел, останува простор и за запознавање, дружба и за размена на искуства со другите колеги уметници, кои се од особено значење за збогатување на персоналните видици и на личните искуства.

Даниела Трајковска

Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ