– Благодарен сум на мојата мила мајка Македонија, каде што ако не си снаодлив, нема да преживееш! Тоа не значи да бидеш лош човек, да се разбереме, напротив, бара да имаш такт, сензибилитет и добро познавање на психологијата на луѓето… вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, стендап комичарот Влад Илиќ. Тој е роден во Куманово, но во моментов живее и работи во Лондон, каде што неодамна ја доби престижната титула – најдобар стендап комичар во Велика Британија за 2025. За себе ќе рече дека е првиот комичар во светот кој сака да биде сфатен – сериозно!

 

Влад (Владислав) Илиќ, македонскиот актер кој ја започна својата кариера во проектите во Кумановскиот театар, а од 2017 живее и работи во Лондон, неодамна беше прогласен за најдобриот стендап комичар во Велика Британија за 2025. Настанот се случи во култниот „Комеди стор“ (Comedy store) во Лондон, а престижната титула ја доби во конкуренција на 700 комичари од Обединетото Кралство. Она што го издвои од другите комичари, како што кажа тогаш и самиот, се токму нашата култура, нашиот менталитет и уникатниот начин на изразување. Тогаш на шега изјави: „Можеби, секогаш ќе губиме од Англија во фудбал, ама за хумор нè бидува“. Тој веќе 10 години се занимава со стендап и своите шоуа ги изведува на четири јазици – англиски, македонски, српски и италијански. Mотивацијата  за своето занимавање со стендап, додава, е од љубовта кон професијата, поддршката на семејството, како и од гордоста што ја чувствува на секој настап, претставувајќи ја татковината. Тој пламен, вели, го грее и во најстудените денови на овој врнежлив остров.

Прво, честитки за наградата „Најдобар стендап комичар во Велика Британија за 2025“. Од каде, како Македонец, поточно кумановец, најдобар комичар во Обединетото Кралство?

Ви благодарам. Како и секој друг Македонец, така и јас си фатив врски навреме и, ете, си добив награда… Станиславски вели на еден актер аматер му се потребни 10.000 часа поминати на сцена за да стане професионалец. Не знам дали истото важи и за стендап комедијата, но вкупно имам преку 2.000 настапи. Тоа е еден фактор. Друг фактор е добро познавање на британскиот начин на живот и култура. Трето, како мал пиев многу вода од фонтаните во Куманово, и има нешто во неа изгледа, сè на смешка нè тера, отрусмо се сви.

Дури и оние што не се во тек со стендап сцената во државата, а уште помалку во светот, сега слушнаа за Влад, но можеби самиот Влад би требало да ни каже нешто повеќе за себе. На пример, како се станува стендап комичар, нешто има во гените или?

За мене, секој стендап настап е навраќање во детството, во таа невина и безгрижна состојба каде сѐ е дел од играта. Тоа впрочем и е стендап формата, поигрување со идеи и мисли на сцена. Не може баш да се дефинира што е суштината, дел се учи, дел се работи, дел доаѓа природно. Моето размислување е дека не бираш свесно да станеш стендап комичар, туку некако изборот самиот те наоѓа. Стендап или актерство не е само професија, тоа е начин на живот.

Наградата не се добива случајно, факт е дека трудот се исплати (најчесто). Како се подготвуваш за сцена, има ли трема, прашања од типот – ќе бидат ли шегите доволно интересни за да го привлечат вниманието на публиката?

Секако дека трема има, ако нема, би бил загрижен дека можеби она што го работам не ми значи доволно. Подготовките се секојдневни, но не е сѐ извежбано, нешто треба да се остави и на таа спонтаност, на тој шарм, таа интуиција што му претстои на стендапот како форма. Овде велат – среќата ги прати храбрите. Ако покажеш смелост и застанеш зад своите зборови, веќе си ја освоил публиката

Всушност, што е она што успева да те „испровоцира“ или да те инспирира толку многу што стануваш толку креативно духовит (или можеби доволно ироничен) и успеваш да ја насмееш публиката до солзи и кога реалноста е, всушност, „толку црна, што поцрна не може да биде“?

Во различни периоди ме инспирираат различни работи. Сега размислувам за градење семејство, па ми се шегува за тие универзални машко-женски односи и прашања. Пример, зошто кога жената е во право мажот се извинува, а кога жената не е во право, мажот пак се извинува?

Дали може добро да се живее од стендап настапи како странец во Велика Британија, со оглед на долгата традиција што ја има оваа земја со стендап настапи и голем број артисти на кои ова им е професија?

Може, ама си бара да си снаодлив – и затоа сум ѝ благодарен на мојата мила мајка Македонија, каде што ако не си снаодлив, нема да преживееш! Тоа не значи да бидеш лош човек, да се разбереме, напротив, бара да имаш такт, сензибилитет и добро познавање на психологијата на луѓето. Во оваа професија ќе сретнеш мал милион разни промотери, агенти, продуценти, артисти кои сите имаат различен табиет и мора одлично да ги процениш како луѓе и да капитализираш на тие можности.

Со оглед на тоа дека зборуваш повеќе јазици, како ти е најлесно да ја насмееш публиката – на англиски, српски, македонски или на италијански, или добра шега е добра на кој било јазик да ја кажуваш?

Секако дека го ценам и го почитувам секој јазик и уживам и во настапите на англиски кои, секако, многу почесто ги работам овде, но, сепак, тоа за мене е јазик кој го имам изучено по логика. Кога настапувам на англиски, зборовите допираат само до мојот ум, но не и до моето срце. Во моето срце лежи македонскиот јазик и македонскиот дух и тие зборови ми се најмили и најтопли.

Можеш ли да се сетиш на кој настап успеа да ја насмееш публиката буквално до солзи и која шега најдобро ти „поминува“ каде и да ја изведуваш?

Не е шега, ама честопати кога ќе ги спуштам торбите дома у своето родно Куманово, си одам по улица па некој ќе ми дофрли: „Куде си бе Сашко! С’г и у Лондон ли ќе ги смееш?” На почеток објаснував дека нити сум Сашко Коцев нити сум му братучед, ама сега веќе се помирив со судбината и, еве, чекам да ме викне на Божиќ за ручек.

Кои теми се најпогодни за добра шега или сè зависи од средината (земјата) во која настапуваш и настаните кои во тој момент се актуелни?

Еден искусен колега еднаш ми рече: „Добрите комичари следат трендови. Одличните ги создаваат“. Она што најмногу ме издвои во финалето на натпреварот е баш таа автентичност. Тоа, можеби, не беше целосно свесно, самото мое доаѓање од друга средина, со друга перспектива, им овозможи на публиката на нов и свеж начин да ги прими тие исти идеи, теми и трендови кои беа одлично прифатени и крунисани со награда.

Како гледа семејството на тоа што се занимаваш со стендап, дали и тие се твоја цел кога ги подготвуваш шегите?

Моето семејство ме подржува максимално, единствен исклучок е кога давам интервју, тогаш влегуваат предвид коментарите на мајка ми: „Немој да си ме ругаја по телевизију, ќе игра дрвена лажица”. Општо кажано, менталитетот полека се менува, но сѐ уште е од типот на: Тоа не е „вистинска” работа, тоа е хоби, па дури и некогаш се гледа како нешто негативно, во смисла „ај бе тој нема работа, па ќе кажува шеги”. Баш затоа, морав темелно, искрено и целосно да се посветам на овој занает за да ги убедам сите во своите вештини. Еве, јавно ќе кажам, јас сум првиот комичар во светот кој сака да биде сфатен сериозно.

Дали и во приватниот живот внесуваш многу хумор, можеби правиш шеги на своја сметка… и дали имаш проблем луѓето да те сфатат сериозно, кога сакаш да бидеш сериозно сфатен?

Шегата за мене е и добро утро и лека ноќ. Се шегувам со семејството, со пријателите, со познајници… Проблемот за комичарите е кога шегите се сфаќаат сериозно, пример, на граница. Можеби Англичаните се познати по хумор, ама граничната полиција дефинитивно е лоша публика.

Иако првично се договаравме за само неколку прашања, всушност, сфатив дека темата е неисцрпна, па за да не станам и јас дел од твоите шеги со моите безброј прашања, ми останува само да прашам која е твојата следна стендап дестинација за освојување на публиката и за ширење на доброто расположение. Всушност, и не е сè секогаш толку црно?

Доцна е за тоа, веќе започнав да пишувам нова стендап рутина за вас – зошто се вика ВЕЧЕР, а ве читаат наутро? А плановиве се следни: Турнеја најпрвин во Австралија, потоа чекам одговор од фестивал на комедија во Монтреал, Канада, а во меѓувреме работам и на комично сценарио за еден поп што се сели во Англија со неговото семејство. Имам и планови за домашна турнеја, ангажманите се во тек и се надевам дека наскоро ќе имаме можност за нови прашања на таа тема!

Даниела ТРАЈКОВСКА

 

ИЗДВОЕНИ