Интервју со Марија Додовска и Ведрана Петрова од Клубот на оратори: Учиме и споделуваме како да не се „кршат“ ентузијазмот и креативноста

31
„Секој ден поминат со членовите во Клубот на оратори претставува креативност каде што меѓусебно се развива мислата, но и се поттикнува критичкото изразување. Клубот ја има најголемата одговорност, а тоа е прогресот. Тој не може да опстои без оние што го сакаат пишаниот збор, македонскиот јазик и јавниот говор!“ Ова за весникот ВЕЧЕР ни го посочија Марија Додовска и Ведрана Петрова, претседателката и потпретседателката на Клубот на оратори „Forum oratores“, единствената сертифицирана организација во нашата држава која се занимава со јавно говорење, сценски настап и реторички вештини

 

Софија БИСЛИМОСКИ

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ 

Креативни, борбени, вљубени во уметноста и културата, а во моментов ги извршуваат функциите претседател и потпретседател на единствената сертифицирана организација во Македонија, а тоа е Клубот на оратори „Forum oratores“ при Правниот факултет „Јустинијан Први“. Сакаат сè што е поврзано со убавините што може да ги направи еден креативен човек. Тие и самите се дел од оние кои често светот не може да ги разбере, а сите ги нарекуваме уметници. За весникот ВЕЧЕР, Марија Додовска и Ведрана Петрова раскажаа како e да се води една ваква организација, колку време се нејзини членови, и да упатат порака до младите кои сакаат да бидат дел од културата.

Колку време постои Клубот на оратори (Forum oratores), единствената сертифицирана организација од овој вид во Македонија?  

Марија Додовска: Клубот на оратори „Forum oratores“ е основан во 2001 година, како иницијатива на неколкумина тогаш млади студенти на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Нивната цел беше желбата за афирмација на едукативниот и културолошки придонес од Ораторските вечери во чест на „проф. д-р Иво   Пухан“. Самата афирмација на Ораторските вечери произлезе од Катедрата по Римско право и професорите д-р Мирјана Аќимовска Поленак, д-р Владо Бучковски и д-р Гоце Наумовски, кои го претставуваат континуитетот и значењето на вештината на говорењето, кое го постулирал токму големиот професор по римско право, д-р Иво Пухан, заслужен за развојот на реториката во македонската научна мисла. Денеска, тимот на професори кои се поддршка на Клубот на оратори  „Forum oratores“, како и на организациониот одбор, кој ги подготвува ораторските натпревари на нашиот факултет, е дополнет со проф. д-р Есин Кранли Бајрам, со која Клубот е во континуирана соработка. Оспособувањето на реторичките и сценските вештини преку изучување на техниките за  јавен говор, есеистиката  и  сценскиот настап, го претставува главниот фокус кој е отворен кон сите љубители, студенти и граѓани за изучувањето на правилната дефиниција за   јавен говор. Од своето постоење, па сè до денес, Клубот на оратори брои повеќе од 400 членови, меѓу кои најбројни се студентите за кои и самата организација е наменета.

Од кога сте членови на Клубот на оратори?

Марија Додовска: Уште од првите денови на моето студирање на Правниот факултет „Јустинијан Први“ (2021 година), се зачленив во Клубот на оратори. Тогаш, беа подготовките за 24. Ораторска вечер „Иво Пухан“, која го претставува и самиот темел на Клубот. Поддршката, соработката и значителната посветеност од страна на менторите кои нè подготвуваа за нашиот настап е од исклучително значење, не само за нашиот академски подем, туку и обликување на нашиот личен развој. Самите активности кои продолжија веднаш по самата Ораторска вечер, организирани од Клубот на оратори, за секого од нас овозможија значително учество во негувањето на културата, општеството и одговорноста која ја има секој млад човек во Македонија.

Ведрана Петрова: Веднаш по запишување на факултет станав член во Клубот на оратори.

Колку време ги извршувате Вашите функции во Клубот на оратори и кажете ни нешто повеќе за тоа како тој функционира? 

Марија Додовска: Клубот на оратори има свој Статут врз основа на кој на   Собрание се одбира раководството. На секои две години се организира посебно Собрание на кое со мандат во траење од две години се одлучува кој ќе раководи со организацијата. Во рамките на организационата структура покрај претседателот на Клубот, се избираат и потпретседателот, генералниот секретар   и членовите на Извршниот одбор. Моменталното раководство и јас како негова  претседателка сме избрани на 12 февруари 2024 година.

Ведрана Петрова: Согласно со Статутот на Клубот на оратори, раководството на Клубот се обновува на годишно ниво. Значи, оваа година ни завршува мандатот. 

Која е улогата и целта на Клубот на оратори и какви можности отвора членувањето во оваа организација? 

Марија Додовска: Како што истакнав и погоре, Клубот на оратори е  единствената сертифицирана организација во нашата држава која се занимава со јавното говорење, сценскиот настап и реторичките вештини. Сите оние кои имаат желба да бидат дел од Клубот се здобиваат со можноста да ги совладаат техниките на јавното говорење, а со самото тоа и да бидат поуспешни во нивните професии. Исто така, во Клубот се изучува како да се совлада тремата, усовршувањето на дикцијата при говорењето, правилниот изговор, како и да се развива способноста за пишување на говор. Идејата на самиот Клуб е да биде катче за сите оние кои сакаат да го кажат, разменат и подобрат својот став од секоја гранка на општеството.

Што за Вас лично претставува работата во Клубот на оратори раководење со оваа организација? 

Марија Додовска: Да се води една толку значајна организација, со толкав број членови, претставува голема чест како еден претставник на оваа долгогодишна традиција. Низ овие 24 години постоење на Клубот на оратори се обелодени целта кон развојот за поттикнување, анимирање и афирмирање на јавниот говор, есеистиката и говорништвото. Мојата цел е да продолжиме да ги негуваме   културата на говорењето, уметноста на живеењето, стилот на говорењето,   правото на изразување, креативноста на пишувањето и методот на однесувањето, како главни постулати на Клубот на оратори. Целта е да го издигнеме Клубот на уште повисоко ниво и да покажеме со нашата работа дека имаме исклучителни млади луѓе кои не само што се надеж во македонското општество во поглед на   интелектуален капацитет и знаења, туку сме и тим на луѓе кои ја носат идејата и се спротивставуваат на безидејноста. Клубот на оратори ја има најголемата одговорност, а тоа е прогресот!

Ведрана Петрова: Би издвоила неколку точки за она што значи за нас работењето во Клубот. Најпрво ни претставува одговорност кон членовите и кон оние кои ги менторираме, но и кон она што ќе го пренесеме како знаење. Задоволство, бидејќи овој Клуб не може да опстои без оние што го сакаат пишаниот збор, македонскиот јазик и јавниот говор. Секој ден поминат со членовите во Клубот претставува креативност каде меѓусебно ја развиваме   мислата и меѓусебно се поддржуваме, но и се поттикнуваме на критичко изразување.

 

Дали и какви настани организирате во рамките на дејствувањето на Клубот? 

Марија Додовска: Клубот на оратори покрај ангажманот во организирањето на Ораторската вечер на Правниот факултет „Јустинијан Први“, организира и голем број на обуки за јавно говорење, сценски настап и академско пишување. Нашиот мотив е да ја поттикнеме креативната страна, да овозможиме теоретски и практични подготовки кои ќе ја реализираат основата на јавното говорење и   реторичката   вештина. Преку манифестации, дискусии, разговори и предавања, ги отвораме темите на тоа што претставува јавниот говор како уметност на живеење, начин на комуникација која е важен сегмент во општеството, културата, книжевноста, уметноста и правото. Досега сме ги организирале  работилниците  и  обуките  за јавно говорење, како и реторички и комуникациски вештини на темите „Комуникациски вештини во говорништвото“ и „Низ призмата на јавниот говор и   сценски настап“, како и вклученоста во развојот на нашите најмлади генерации  кои се нашиот најголем мотив за работа. Најголемата и најсоодветната поддршка која може да се овозможи е можноста да ја доловиме суштината на една од најважните вештини во светот – кажаниот и пишан збор!

Што сакате да им порачате на младите креативци кои сè уште се двоумат како да се изразат? 

Марија Додовска: Секогаш да го следат својот сон. Да го прават сето она што ги инспирира. Да не ја „кршат“ иновативноста, мотивот, ентузијазмот и љубовта кон креативноста која ја имаат, само за да бидат дел од некаков стандард кој им го   налага некој друг. Креативноста е душата на секое општество, израз на   посебноста која го креира огледалото на идеите и стремежите.

Ведрана Петрова: За некој добро да се изразува треба да чита, но и да слуша туѓи говори од кои може да научи како треба и како не треба да се изразува. Следната важна, ако не и најважна точка е да вежба правилно да ги изговара зборовите. За некого можеби тоа ќе претставува проблем, но не е невозможно да се надминат примесите на дијалекти од регионите од кои доаѓаат. И на крајот, доколку некој навистина го сака ораторството, постојано ќе се надградува и ќе прифаќа добронамерни критики, но и ќе даде сè од себе за да им помогне на другите.

ИЗДВОЕНИ