ИНТЕРВЈУ СО ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИОТ МИТРОПОЛИТ ГЕОРГИЈ: Ќе се сретнам со викарниот епископ Партениј, Бог ќе ни помогне и ќе ни го покаже патот

288

Бранко ЃОРЃЕВСКИ

Новиот дебарско-кичевски митрополит, Георгиј, со месеци е во фокусот на јавноста. Најмногу поради брзината со која за само 16 дена го изоди патот од замонашување кон крајот на мај, па до изборот за нов владика на 12 јуни. Во тој период, познато е, се случуваа и собирите на верниците, кои реагираа на тогаш неофицијалните најави дека ќе стане наследник на починатиот митрополит Тимотеј и сметаа дека на тронот треба да се најде викарниот епископ атаниски, Партениј од Бигорскиот манастир. Тие бранувања во црковните редови веќе се минато, но сега се отвораат прашањата за плановите на новиот владика во оваа значајна Епархија, но и за односот со епископот атаниски, Партениј. Митрополит Георгиј, кој повеќе години беше декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, шеф на Кабинетот на поглаварот на МПЦ-ОА, но и македонски амбасадор во Ватикан, најавува дека наскоро ќе се сретне со епископот антаниски, Партениј, и верува дека, во духот на христијанските љубов и разбирање, Бог ќе помогне и ќе го покаже патот како понатаму да им служат верно Нему и на Црквата.

По Вашето неодамнешно ракополагање и устоличување, за што искрено Ви честитаме, во какви активности Ви поминуваат деновите? Кои Ви се сегашни приоритети во работата, а кои ќе бидат во иднина?

Ви благодарам за честитките, како и за поканата за разговор за вашиот ценет дневен весник. Ми претставува чест што ќе можам да ги споделам првите искуства и размислувањата поврзани со епископската служба, но и со црковниот живот во Дебарско-кичевската епархија. Обемот и одговорностите на епископската должност се огромни. Првите денови, секако, минуваат во внимателно запознавање со состојбите во Епархијата, со духовниот живот на верниот народ, како и со црквите и со манастирите. Административното раководење со Епархијата, секако, бара големо внимание, трезвено расудување, време и посветеност, но мојата основна служба е пастирската служба, изразена преку литургиските собранија и преку заедничките богослужби во бројните цркви и манастири.

Можам да кажам дека затеков богобојазливо и посветено свештенство и богољубив народ, ревносен во верата. Како ретко каде, овдешните жители живо учествуваат во животот на Црквата, ја сакаат и имаат почит кон неа. Таквото оцрковено живеење на овој народ е вистински благослов и непроценливо богатство. Верувам дека заедничкото споделување на богослужбената радост ќе биде најсилната основа за надминување на сите можни идни препреки, искушенија и предизвици. Молитвено се надевам дека, со Божја помош, ќе ја надградуваме живата заедница во која Христос е центарот, а љубовта и единството – мера на нашето заедничко дело.

Вашиот избор за митрополит, поточно Вашето замонашување, а потоа и унапредувањето во повисоки чинови, предизвика голем интерес во јавноста. Како дојде до Вашата одлука да се замонашите, а потоа и да станете митрополит?

Одлуката за доделување на митрополитското достоинство беше на Синодот, мое беше само да ја прифатам, во послушание кон нашиот архиепископ, г.г. Стефан, и кон сиот Синод. Сето ова, пак, е само продолжение на мојата животна служба на Бога и на мојот народ. Неразбирливата Божја промисла и претходно ме водела по неочекувани патишта – со Негова помош и закрила ќе врвам и по новиот пат што стои пред мене.

Дали тој краток, 16-дневен период е некаков преседан што се прави сега во нашата Црква и дали може да Ви предизвика хендикеп во митрополитската работа? Покојниот владика Тимотеј администрираше и со Австралиско-сиднејската епархија, но Синодот не донесе решение за неа. Може ли да се случи Вие да бидете администратор и таму?

Временскиот рок од моето замонашување до мојот избор не е преседан ниту во историјата на нашата Македонска православна црква, ниту, пак, во сеправославната екумена. Напротив. Познати се бројни такви случаи и низ историјата и во совремието. Она што е од важност е да се почитуваат законите и правилата при секој избор, што беше сторено и во случајот со мојот избор.

Во однос на Австралиско-сиднејската епархија, пак, во моментов таа е управувана од Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски и верувам дека Синодот на нашата Македонска православна црква наскоро ќе изнајде соодветно постојано решение за таму. Тоа што претходниот митрополит дебарско-кичевски, Тимотеј, беше и тамошен администратор, ниту упатува ниту наметнува заедничко управување со двете епархии. Во секој случај, грижата за нашинците во дијаспората е, секако, еден од приоритетите на нашата Црква, а од исклучително значење е црковното помирување и обединување на нашиот народ во Австралија. Имено, да не заборавиме, нашата православна заедница во Австралија е голема. Впрочем, таа е една од најголемите православни заедници воопшто во Австралија. Затоа се од голема важност нејзиното добро уредување и единството.

Интересот на јавноста е насочен и кон Вашиот однос кон викарниот епископ антаниски на ДКЕ, г. Партениј, кој, според мислењата во јавноста, очекувал да биде избран за нов митрополит. Дали веќе имавте средба со него, каков однос ќе имате кон него и кон братството на Бигорскиот манастир? Планирате ли тука некои посебни новини во однос на она што го правеше досега поранешниот владика Тимотеј?

Секое време си носи свое бреме и секој од нас различно се соочува со проблемите и предизвиците воопшто. Неколкудецениското мудро раководење на претходниот надлежен архијереј на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј, остави огромен простор за унапредување и надградување на дејноста на Епархијата на сите полиња, но сите ние сме повикани според сопствените можности во дадените околности да го дадеме својот придонес. Бигорскиот манастир е еден од бројните манастири во Епархијата, на кој подеднакво ќе му се посвети соодветно внимание. Тој е наше големо светилиште, во кое монахуваат многу монаси и броен верен народ го посетува и наоѓа духовно прибежиште во него. Со викарниот епископ, неговото преосвештенство, епископот антаниски, Партениј, ќе се сретнам наскоро и верувам дека, во духот на христијанските љубов и разбирање, Бог ќе помогне и ќе го покаже патот како понатаму да им служиме верно Нему и на Црквата.

Бигорскиот манастир досега имаше интензивна комуникација со Вселенската патријаршија, што доведе и до некои сомнежи, етиектирања и дисквалификации. Дали сметате дека се потребни одредени промени тука?

Моите сознанија за ова прашање се сочинети исклучиво од информациите во јавните гласила. Во секој случај, очекуваниот пат на комуникација е оној меѓу поглаварите и синодот на двете цркви. Воедно, чинам дека е сосема разбирливо дека секоја некоординирана комуникација без согласност или против ставовите на архиепископот или на Синодот на нашата Црква не може никако да биде од полза.

Во јавноста неретко се зборува за постоењето најразлични крила во врвот на МПЦ-ОА. Дали Вие досега, во Вашите претходни функции што сте ги извршувале, сте почувствувале постоење на некои такви крила, групации и слично?

Мислам дека треба да прифатиме дека различните мислења и ставови за определени прашања може да бидат двигател во подобрувањето и унапредувањето во состојбите воопшто, па и во Црквата, се разбира, доколку ги следат и не се противни на нејзините канони, правила и уредување. Од друга страна, пак, секогаш треба да имаме на ум дека е од исклучително значење и мора да биде мнението на поглаварот, кој е кормилар на Црквата и чие дејствување е секогаш сообразено и урамнотежено со размислувањата на другите членови во Синодот. Благодарение на Неговото разборито и внимателно раководење на Црквата, Синодот донесувал заеднички и усогласени одлуки за сите важни прашања, кои се јасен израз за нашето синодално единство.

Деновиве го прославивме најголемиот македонски државен празник, 2 Август Илинден, ден и на светиот пророк Илија. Државата ни е изложена на најразлични искушенија. Што ни е неопходно во моментот?

На Илинден не треба да гледаме како на датум, туку како на завет пред кој мораме да стоиме со одговорност. Затоа што од нас зависи дали ќе ја претвориме здобиената слобода во благослов или ќе ја задржиме во заборав и ќе ја зачуваме само како спомен на минатото херојско дело на нашите предци. Борбената грижа на светиот пророк Илија за зачувување на духовниот идентитет на својот народ, заедно со подвигот на славните илинденци, треба да ни биде пример за тоа како се бранат слободата и правдата: со посветеност и чесност, како и со достоинствена и отчетна одговорност кон сопствената црква, народот и татковината.

Црквата одамна ни е автокефална де факто, на пат сме да биде прифатена и де јуре

Врзано со Вселенската патријаршија, односите на МПЦ-ОА со неа се во своевиден застој околу поставените услови од нејзина страна за добивање на томосот за наша автокефалност. Архиепископот Стефан соопшти дека се работи за три неприфатливи услови: името, дијаспората, односот кон ПЦ на Украина… Истовремено, во Синодот има мислења дека сме веќе автокефална црква со томосот добиен од СПЦ. Што мислите за овој проблем, дали сме веќе автокефална црква или „цело е кога има сè“?

Во своето управување, ние сме автокефална Црква од 1967 година.  Проблемот беше оној на прифаќање на нашата црковна реалност, што траеше повеќе од половина век. Дури пред три години, по одлуката на Српската православна црква да ја признае автокефалноста на нашата света Македонска православна црква – Охридска архиепископија, како и одлуката на Цариградската патријаршија за воспоставување канонско и литургиско единство, таа беше прифатена и признаена и од другите православни цркви.  Сега каноничноста на нашата света помесна Црква е препознаена од полнотата на сеправославната екумена. Сите сестрински помесни цркви сослужуваат со наши архијереи и јереи и нашиот верен народ се причестува насекаде. Доколку, пак, изникнуваат какви било недоразбирања меѓу помесните цркви, треба да се направи сѐ за да се надминат преку евангелски љубовен дијалог. Повторувам, Црквата ни е автокефална одамна, сега сме на патот кон тоа нејзината автокефалност, која е де факто признавана преку најважниот знак за препознавањето – сослужувањата, да биде прифатена од сите и де јуре. Сигурен сум дека ќе се случи тоа.

ИЗДВОЕНИ