ИНТЕРВЈУ СО Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ: Партиските лидери се нарциси – тенка е линијата меѓу здрав и патолошки нарцизам 

197

Партиските лидери се најчесто дефинирани нарциси или нарцисоиди. За време на изборните кампањи нарцисите добиваат огромна нарцисоидна испорака пред сè поради масовноста на испорачувачите и нарцисите многу бргу се навикнуваат на квантитативно голема испорака и валидација. Но по завршувањето на кампањите, квантитетот на испорака драстично опаѓа поради што нарцисот чувствува закана по безбедноста на своето его и се впушта во т.н. „лов на вештерки“ во кој го бара виновникот за малата нарцисоидна испорака и најчесто се фокусира на личности кои се спротивставуваат или го критикуваат неговото централистичко поведение. Ова се дел од сознанијата од истражувањето на епидемиологот Сашко Олумчев преточено во магистерски труд „Нарцисоидната конституција на личноста како извор на конфликти и насилство во секојдневната комуникација и поведение“ во кое се опфатени млади со наполнети 18 години, здравствени работници и политичари. Тој во интервју за весникот ВЕЧЕР ги објасни разликите меѓу здравиот и патолошкиот нарцизам 

 

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Д-р Сашко Олумчев, епидемиолог од Институтот за јавно здравје Велес, подрачна единица Гевгелија, досега често ни гостувал на страниците на весникот ВЕЧЕР. Ги паметиме неговите извештаи од времето на епидемијата на „Ковид-19“, а исто така и неговите стручни анализи и препораки за време на сезоните на вирусот на грип, како и за другите вирусни инфекции.

Но, повод за денешното интервју со него е  магистерскиот труд „Нарцисоидната конституција на личноста како извор на конфликти и насилство во секојдневната комуникација и поведение“,  кој, д-р Олумчев неодамна со успех го одбрани на Меѓународниот славјански универзитет Свети Николе, Факултет за психологија,  и се стекна со звање магистер по Клиничка и советодавна психологија.

Д-ре, најнапред честитки. Вашиот труд е прилично обемен, има 163 страни и обработува многу интересни појави во врска со нарцизмот, но овој пат ќе се ограничиме само на неколку, кои ни се видоа поинтересни. За почеток  да ни објасните што значат поимите нарцис, нарцизам, нарцисоидност ?

„Ви благодарам на честитките. Накратко,  нарцизам  е особина на личноста која се карактеризира со зголемено чувство на самоважност, длабока потреба за восхит и недостаток на емпатија кон другите. Луѓето со нарцисоидни  тенденции честопати ги ставаат своите потреби и желби пред другите, можат да бидат манипулативни и може да се борат со формирање здрави врски.  Нарцисите страдаат од прекумерно чувство на самобитност поради што секогаш ги предимензионираат нивните достигнувања и успеси и задолжително очекуваат награда и признание за нешто што реално не го заслужиле. Што и да прават, тие се главна ѕвезда (one man show), оставајќи впечаток дека на рамениците носат епска одговорност за своето семејство или општество, дека мораат да се грижат за сè бидејќи од нив зависат нивните сопружници, партнери или соработници, т.е. тие не можат да функционираат без нив. Тие ги игнорираат или ги минимизираат, па дури и ги негираат компетенциите и придонесите на другите личности и редовно се жалат дека никогаш никој не им помага во квазиобврските кои самите си ги делегираат, ги глорифицираат и  предимензионираат.

Сепак, некои особини поврзани со нарцизмот, како што се самодовербата и харизмата, можат да бидат корисни во одредени контексти, како што се лидерство или јавно говорење. Од суштинско значење е да се направи разлика помеѓу здрава самодоверба и нарцистички тенденции. Урамнотеженото чувство на самодоверба, емпатија и почит кон другите е генерално покорисно од нарцисоидните особини.“

Која беше главната цел  на вашето истражување во магистерскиот труд?

„Главната цел на истражувањето беше детекција и квантитативна идентификација на процентуалната застапеност на здравиот и патолошкиот нарцизам во одредени средини, групи на население, возрасни и професионални групи. Акцентот го ставив на групи граѓани кои се од јавен интерес за општеството (во моето истражување тоа се млади со наполнети 18 години, здравствени работници и политичари). За да се добијат квантитативни податоци, во истражувањето користев метод на анкета со прашалници, што е погоден метод за мерење на нивоата на нарцизам преку самопроценка.  Истражувањето опфати околу 100 испитаници за да се обезбеди статистичка сигурност и репрезентативност. Се проценува дека околу 1-6% од општата популација ги исполнуваат критериумите за нарцисоидно растројство на личноста, според дијагностичките упатства како DSM-5.“

Какви видови нарцизам постојат?

„Постојат два генерално различни вида нарцизам, здрав и патолошки,  кои се разликуваат не по симптоматологијата туку по нивниот евалуат кој се добива како производ на тие карактеристики на личноста. Границата помеѓу здравиот и патолошкиот нарцизам е толку тенка што наликува на жица по која одат балансерите над некоја бездна. Емпиријата покажува дека не постои личност без барем мала доза нарцизам. Прашање е само дали нивната љубов или восхит кон себеси спаѓа во здрава или нездрава категорија на нарцизам или нарцисоидност. Поради тоа се наметнува потребата да се воведе концептот на здрав нарцизам, кој би можеле да го замислиме како еден вид рационално и здраво однесување кое ги самопромовира сопствените квалитети. но на реална основа. Навременото препознавање на здравиот нарцизам, особено кај талентираните личности, овозможува контролирано и канализирано стимулирање на здравото его и зголемување на неговите перформанси со цел постигнување на поголеми успеси на здравиот нарцис кои се од голема корист за околината, науката и општествените сфери воопшто.

Патолошкиот нарцизам е нарушување на личноста кое се карактеризира со преувеличено чувство на сопствена важност, потреба за восхит, недостаток на емпатија и склоност кон манипулација на другите за лични цели. Иако не сите личности со нарцистичко нарушување покажуваат агресивно однесување, нерешените симптоми на патолошкиот нарцизам може да доведат до насилство, особено ако личноста се чувствува загрозена или понижена.

Патолошкиот нарцизам може да води кон авторитарно однесување, создавање на токсична околина и охрабрување на насилство како средство за зачувување на контролата. Таквото однесување често се пројавува во семејни, работни или политички односи, каде што доминираат деструктивни модели на комуникација и интеракција и станува сè почест извор на насилство насочено кон валидаторите.“

Постои ли врска помеѓу нарцизмот и семејното насилство?

„Емпириското истражување за особините на нарцисот фрла негативна светлина на нарцисоидните личности во однос на нивниот интимен и семеен живот. Во таквите односи и врски, нарцисите секогаш се асоцирани со конфликтни ситуации, злоупотреби на партнерот или елементите на семејството како и со и непријателски став кон нив. Редовна појава е нискиот степен на посветеност на врската со партнерот и честа склоност кон промискуитетно поведение и неверства. Доколку се јави отпор или спротивставување од страна на партнерот, нарцисот одговара со агресивно одмаздничко однесување, изразита неконтролирана љубомора, експлоататорски пристап кон партнерот во врската. Сето ова поведение за нарцисот е сосема нормално и прифатливо од негова страна и семејното насилство го разбира како сосема нормален одговор на чинот на спротивставување.“

Каква е интеракцијата меѓу нарцизмот и социјални мрежи?

„Со ширењето на социјалните мрежи се добива впечаток дека со тоа се отвора можност за поголем егоцентризам кај одредени луѓе. Сè почесто како алатка за сопствена експресија, самоизложување и саморекламирање ги користат социјалните мрежи, а нарцисна испорака и валидација добиваат преку бројот на „лајкови“ или преку бројот на следбеници. Доста се чувствителни на негативните коментари, особено на коментарите кои се однесуваат на нивниот изглед, моден тренд или родова определба. Социјалните мрежи не предизвикуваат нарцисоидност, туку веќе постојната ја прават видлива.“

Посебен осврт во вашиот труд давате на нарцизмот кај здравствените работници и кај политичарите.

„Така е. Во здравствениот сектор, кај некои здравствени работници може да се појави нарцисоидно однесување, особено во висококонкурентни средини каде што успехот, престижот и статусот се високо ценети. Ова може да доведе до ниско ниво на емпатија и до појава на отуѓување од пациентите, што може да влијае негативно на квалитетот на грижата и задоволството на пациентите. Недостатокот на емпатија може да доведе до помала доверба меѓу пациентот и здравствениот работник.

Некои студии укажуваат дека нарцисоидни карактеристики може да бидат почести во професии каде што се бара високо ниво на самопочит и лидерски вештини, како што е медицината. Особено во специјалности како хирургија, каде што самоувереноста и одлучноста се клучни, може да се забележат поизразени нарцисоидни тенденции  во споредба со други медицински специјалности.“

Интересно е да чуеме каква е ситуацијата кај нашите политичари?

„Секојдневно, во нашиот поблизок или подалечен амбиент забележуваме се повеќе случаи на т.н. „предимензионирано его“, кои бараат самозадоволување или самоуживање во сите сфери на животот, а особено во политиката како тренд во средина во која има доволно елементи за нарцисоидна понуда како во квантитативна така и во квалитативна смисла. Студиите покажуваат и дека постојат различни видови политички нарцизам, од блага манифестација до тешка доминантност на личноста, што доведува до неспособност на таквата личност да се соочи со реалноста и да се дистанцира од општеството на кое докажано му носи само штетни последици. Кај овој вид нарциси постојат: некритично високо мислење за себе, самоперцепција за уникатност, самоглорификација на личните достигнувања, експресија на грандиозност, самобитност, љубомора, хронична завидливост насочена кон сите, изразена ароганција, непреземање одговорност за ништо и проектирање (префрлање на вината на други), мамење или заобиколување на законот, барање привилегии за себе и блиското семејство, склоност кон манипулации, самоидеализација на сопствената личност, омраза и одмаздољубивост кон сите кои го нарушуваат неговото идеал-его, пречувствителост на критики од околината, проблеми во комуникацијата, понижувачки однос кон другите личности, отсуство на емпатија.

Историјата на човештвото е полна со конфликти засновани на нарцисоидниот карактер на истакнати и важни поединци кои имале улога на политичари или лидери. Ширум светот, свесно или несвесно, многу нарцисоидни авторитети со своето однесување доведуваат до една асиметрична нестабилност (немири, судири, конфликти и војни), која ниту една рамнотежа на големите блокови, кои незабележливо исчезнуваат, не можат да ја вратат во нормала.

Опиена од политиката, нарцисоидната авторитарна личност мисли дека светот е создаден исклучиво за него. Тој е критичар на сите кои не се вклопуваат во неговиот нарцизам. Таквата личност е секогаш во право и никогаш не ги признава своите грешки. За него нема категорија неистомисленик или политички ривал, туку исклучиво партиски непријател кој треба да биде елиминиран на кој било начин. Стравот од демократија го заменуваат со страв од губење на својата позиција.

Никако не трпат слободоумни интелектуалци кои без цензура го искажуваат своето мислење без разлика дали тоа има критичка конотација или не. Таквите кадри ги уриваат темелите на нивното его и затоа на секој можен начин се отстрануваат од блиската околина на политичкиот нарцис.  Партиските лидери се најчесто дефинирани нарциси или нарцисоиди. За време на изборните кампањи нарцисите добиваат огромна нарцисоидна испорака пред сè поради масовноста на испорачувачите, и нарцисите многу бргу се навикнуваат на квантитативно голема испорака и валидација.

Но по завршувањето на кампањите квантитетот на испорака драстично опаѓа поради што нарцисот чувствува закана по безбедноста на своето его и се впушта во т.н. ,,лов на вештерки,, во кој го бара виновникот за малата нарцисоидна испорака и најчесто се фокусира на личности кои се спротивставуваат или го критикуваат неговото централистичко поведение. Поради тоа, нарцисот само го лоцира ,,непријателот,, а блиските соработници го елиминираат. Извршителите или продолжената рака на политичарот – нарцис се полтроните, најблиските соработници на авторитарно-нарцисоидните личности доброволно се покоруваат со цел да се додворат на ,,шефот. Послушноста им служи како средство да останат на својата позиција. Суштинската дефиниција на Меша Селимовиќ за ваквите типови гласи: „Полтроните се ѓубрето на кое растат сите зла на овој свет“. Тоа се политички „марионети“ во туѓи раце. Полтронот учествува во власта благодарение на моќта на владетелот кому безрезервно му дава поддршка , а за возврат добива „трошки од масата“ за што е бескрајно благодарен.

Спротивно на ова, доколку се работи за здрав, функционален нарцизам, доколку се препознае, канализира и стимулира, тој  ќе носи квалитетни бенефити на политичкиот субјект чиј припадник е таквата личност. Со контролирана грандиоозност и  контролирана експресија на лидерство ваквите личности лесно ги освојуваат симпатиите кај пошироките народни маси. “

– За крај, очекувате ли овој ваш труд да предизвика внимание во јавноста?

„Овој труд може да поттикне понатамошни истражувања за здравиот нарцизам и влијанието на нарцисоидните личности во средината. Стимулацијата на здравиот нарцизам може да биде корисна за личен развој и благосостојба. Здравиот нарцизам е клуч за личен и професионален успех, а правилната стимулација на овие аспекти на самопочит и емоционална зрелост може да доведе до значителни бенефити за физичкото и менталното здравје.

Раната детекција пак  на нарцисоидните личности би го променил и пристапот кон таквите типови на личности. Имено,овој проблем може да биде предмет на истражување и анализа на патолошкиот нарцизам и за можната ескалација кај нашата популацијата по неколку години. Предмет на дискусија и истражување е и професијата како фактор за експресија на нарцистичко поведение.“

 

 

ИЗДВОЕНИ