– Во монографијата „Античка македонска архитектура и урбанизам“ е детално истражуван периодот од почетокот на освојувањата на Александар Македонски, од средината на 4 век пр. н. е. до смртта на последната македонска кралица, Клеопатра. Римјаните, освојувајќи ги териториите на Александровото Кралство, доаѓаат во допир со достигнувањата на античката македонска архитектура, ги прифаќаат, и понатаму многу успешно ги развиваат. Така, за многу елементи од архитектурата и урбанизмот сѐ уште се смета дека се оригинална творба на римската цивилизација, иако тие настануваат и првично се развиваат во античката македонска држава, објаснува во разговорот за весникот ВЕЧЕР д-р Меланија Шерденковска, чија книга неодамна беше објавена од „Матица македонска“
– Искрено се надевам дека оваа книга и ова истражување ќе побудат интерес кај нашата јавност, а посебно кај младите истражувачи, дека ќе продолжат анализите и истражувањата и дека ќе успееме еден ден да се избориме термините „античка македонска архитектура“ и „антички македонски урбанизам“ да бидат прифатени на светско ниво, вели д-р Меланија Шерденковска, авторката на монографијата „Античка македонска архитектура и урбанизам“ во која првпат, на научно ниво, детално се анализираат, презентираат и афирмираат карактеристиките на изворната античка македонска архитектура и урбанизам.
Од каде ги црпевте информациите за книгата и што презентира и докажува таа пред стручната и пред македонската јавност?
Морам да нагласам дека, пред повеќе од 25 години, читајќи го Спиро Костоф, извонреден историчар на архитектурата од САД, прв пат се сретнав со автор кој ги нагласува тие разлики помеѓу хеленската и хеленистичката архитектура. Хеленистичка архитектура е поим поставен на светско ниво и се однесува на севкупната уметност, архитектура и урбанизам, во периодот од почетокот на освојувачките походи на Алескандар Македонски, сè до смртта на последната македонска кралица, Клеопатра. Тогаш почнав да ги анализирам останатите автори, од кои би го истакнала сер Б. Флечер, од полето на историјата на архитектура и В. Хепнер и Е.Л. Швандер, како и Б. Милиќ од полето на историјата на урбанизмот. Сите тие недвосмислено ги откриваат суштинските разлики помеѓу хеленската и хеленстичката архтиектура, но заради општо прифатената терминологија, остануваат без последниот чекор, односно да ја наречат античка македонска архитектура и урбанизам, како што и реално заслужува. Затоа, си поставив цел, онолку колку ми дозволуваат можностите, да го анализирам целиот овој период, да создадам книга и да ги поставам темелите на идејата дека, преку многу понатамошни истражувања и анализи, треба да се избориме за промена на терминологијата. За тоа многу ми помогнаа моите теренски истражувања, патувањата низ Македонија, Грција и Турција.
Кои елементи, всушност, ги издвојуваат македонската архитектура и македонското античко градителство од архитектурата на другите цивилизaции во текот на историјата?
Многу е тешко да се даде концизен и краток, прецизен одговор на ова прашање, бидејќи се работи за многу разлики, кои, детално се обработени во книгата. Меѓутоа, во интерес на вашите читатели, ќе се обидам да издвојам неколку најбитни. За почеток, во поглед на употребата на естетските стилови. Во античката македонска архитектура, како и во хеленската и во римската, се користени дорскиот, јонскиот и коринтскиот стилски ред. Меѓутоа, во античката македонска архитектура, стиловите се користени многу послободно, како во поглед на употребата на материјалот, така и во примената на естетиката и правилата, кои ги носи редот. Еве само два примера кои го објаснуваат ова. Во поглед на користењето на материјалот, би ги нагласила јонските столбови од палата во Пела, кои се во јадрото изведени од камен, а обвивката е изведена од висококвалитетен бел малтер, и од него се оформени канелурите, како и декоративните елементи на базисот и капителите. При употребата на естетските правила на редот, би ги истакнала столбовите од атриумот на палатата во Вергина, кои се елипсовидни и кај кои канелурите се изрезбани само во кружниот дел од елипсата. Ваквите отстапки се карактеристични само за античката македонска архитектура. Во однос на архитектурата на јавните објекти, има многу разлики, но би истакнала дека има многу нови типови јавни објекти, и дека самите објекти добиваат многу повеќе функции и стануваат посложени објекти. При изградбата на станбената архитектура, мора да се нагласи основната разлика помеѓу македонската и хеленската куќа. Во хеленскиот свет била непримерна секаква раскош и куќите и на најбогатите биле градени како скромни објекти, а тоа е и заради фактот дека, главно, животот се одвивал во јавните простори во градот, најмногу на агората. Во Македонија, аристократијата градела палати, по углед на палатите на монарсите. Заедничкиот живот бил најмногу во машките простории, кои ги имале и многу поскромните објекти. Освен социјализацијата, таму се решавале и важните општествени прашања. При изведбата на станбената архитектура, мора да нагласиме уште една карактеристика, а тоа се тремот и чардакот, кои се составен елемент на речиси секој објект од антиката, воедно тоа е елемент, кој е присутен во македонската архтитектура низ епохите, сè до почетокот на 20 век. Најбитната карактеристика на урбанизмот е ортогоналната изведба на градовите, многу порано пред да почнат да ја применуваат Римјаните. Исто така, треба да се нагласи дека, дури и помалите градови, имаат вградено водоводна и канализациска мрежа во градот и дека дури и поскромните домови имаат водовод и канализација. Еден куриозитет, во еден од станбените објекти на локалитетот Вардарски Рид, кај Гевгелија, е пронајдена и када, освен водоводната и канализациската мрежа. За урбанизмот во овие два века, најбитна карактеристика е дека по освојувањата на Александар, сите добивале многу средства за обнова на градот и градовите биле дооформувани и градени така што освен што ги следеле основните принципи на македонскиот урбанизам, почнале да ги нагласуваат монументалноста и јачината на монархијата. Така, главните улици добивале ред столбови, т.е. фасада и тремови од двете страни на улицата, со што се изедначувала линијата на венецот на сите објекти и се оформувала засенчена патека за движење на луѓето. Тоа биле вистински ѕидови кулиси, со што се добивал монументален пристап до главните јавни објекти во градот.
Во кој период од минатото е најочигледна таа разлика?
Целата оваа анализа се однесува на периодот на антиката. Детално е истражуван периодот од почетокот на освојувањата на Александар Македонски, од средината на 4 век пр. н. е. до смртта на последната македонска кралица Клеопатра, во 31 г. пр. н. е. Римјаните освојувајќи ги териториите на Александровото Кралство, доаѓаат во допир со достигнувањата на античката македонска архитектура, ги прифаќаат и понатаму многу успешно ги развиваат. Така, за многу елементи од архитектурата и урбанизмот, сè уште, се смета дека се оригинална творба на римската цивилизација, иако тие настануваат и првично се развиваат во античката македонска држава.
Каде во државата има примери од античката македонска архитектура и дали се заштитени тие од државата?
За жал, во Македонија, во најголемиот број истражувани локалитети, остатоците се од римскиот период, бидејќи Римјаните најчесто своите градови ги граделе над темелите на освоените градови. Има неколку целини, кои се остатоци од македонскиот период, од кои би ги истакнала локалитетот Вардарски Рид, во близина на Гевгелија и Билазора, во близина на Свети Николе. Од поединечните наоди, треба да се истакнат подземните гробници во Бразда, во близината на Скопје, во Тетово, во Охрид и најголемата и најмонументалната близу Бонче, во околината на Прилеп.
Дали се среќаваат карактеристиките на оваа античка архитектура (македонска) и во денешното современо градителство или се целосно изгубени?
Периодот од повеќе од 20 века, кои нè делат од античката македонска држава, односно држави, носат толку многу промени во однос на завојувачите, со сосема кратки периоди на самостојно функционирање и толку многу цивилизациски и културолошки промени, што најголемиот дел од карактеристиките не можеме ниту да очекуваме да се појавуваат. Меѓутоа, сепак постојат елементи кои ги преживеале овие векови и трансформации и кои се сè уште дел од архитектурата. Тоа се, како што веќе спомнавме, тремот и чардакот, кои се одличен елемент кој одговара на климатските услови на нашата територија и на потребите на животот на една фамилија и кои во многу различни варијанти се дел од секој објект од традиционалното градителство во Македонија. Исто така, имаме една карактеристична обработка на камените блокови која се појавува кај јавните и станбените објекти, а тоа е призматичен камен блок кај кој рабовите во широчина од околу 2 сантиметри се рамно изделкани, а централниот дел е со испупчена и нерамна структура. Таква обработка на каменот не се појавува ниту во хеленската ниту во римската архитектура. Во Македонија, пак, го сретнуваме во мијачката куќа и тоа речиси во сите објекти, како одлична естетска обработка на агловните камени блокови. Искрено се надевам дека оваа книга и ова истражување ќе побуди интерес кај нашата јавност, а посебно кај младите истражувачи, дека ќе продолжат анализите и истражувањата и дека ќе успееме еден ден да се избориме термините античка македонска архитектура и антички македонски урбанизам да бидат прифатени на светско ниво.
Авторката на монографијата, Меланија Шерденковска е доктор на науки, а вработена е на Архитектонскиот факултет при УКИМ, од 1986 година, најпрво како асистент професор, а од 1997 година е раководителка на Библиотеката на Факултетот. Авторка е неколку повикани и отворени архитектонски конкурси, како и на повеќе проекти за ентериер. Се истакнува како авторка на поголем број трудови објавени во стручни и научни списанија и учесничка на повеќе меѓународни конференции. Во нејзината научна работа посебно место заземаат долгогодишните истражувања и тезите сублимирани во докторската дисертација „Мијачко станбено градителство – потекло, развој и дострели“, коишто во малку изменета форма се објавени во книга со истиот наслов, во издание на „Матица македонска“.
Даниела ТРАЈКОВСКА