Норман Бекер е фронтмен, еден од најистакнатите претставници на островскиот блуз и човек кого го нарекуваат „херојот на британската блуз-сцена“. Човекот е жива легенда, а како доказ, покрај снимените авторски блуз-албуми, концерти, влијанието во развивањето и ширењето на блузот, е и фактот дека е добитник на наградата „Легендарен блуз-уметник од Англија“, во Блуз-салата на славните. Заедно со својот бенд, тој настапи на фестивалот „Котон блуз“, кој традиционално се одржува во Скопје

 

 Љупчо ДАВЧЕВ 

Фестивалот „Котон блуз“ се одржува во Скопје веќе подолг период. Самото име кажува дека е тоа фестивал посветен на еден од најпрекрасните, најемоцинални и најборбени видови музика, а тоа е блузот. Оваа година траеше четири дена, во организација на Здружението „Блуз-фамилија“. Продефилираа неколку странски и домашни групи, давајќи ѝ се самите себеси немилосрдно на публиката. На еден од тие концерти, се сретнавме со 75-годишниот Норман Бекер, лидер на својата група, еден од најистакнатите претставници на островскиот блуз и човек кого го нарекуваат „херојот на британската блуз-сцена“. Човекот е жива легенда, а како доказ, покрај снимените авторски блуз-албуми, концерти, влијанието во развивањето и ширењето на блузот, е и фактот дека е добитник на наградата „Легендарен блуз-уметник од Англија“, во Блуз-салата на славните. Неговиот опус е достапен на повеќе од 10 издадени регуларни албуми, а има свирено и пеено со имиња што поттикнуваат особена почит кај секој почитувач на блуз соул-музиката, како, на пример, Алексис Корнер, Чак Бери, Крис Фарлоу, Б.Б. Кинг, Бади Гај, Џек Брус, и е редовен студиски и концертен музичар на Сир Ван д’Ман Морисон. Додека траеше концертот на една македонска блуз-група, се тргнавме настрана со него и започнавме разговор.

Добре дојдовте! Немаме многу време, па да продискутираме малку за Вашиот блуз. Од каде, пак, сега човек од Mанчестер и блуз? Манчестер е познат по многу нешта, по клубот „Фектори“, компанијата за издавање плочи, клубот „Хациенда“, групите „Стоун роузис“, „Смитс“, „Њу ордер“, „Хепи мандејс“, Оезис“, „Шарлатанс“, по музичките стилови бритпоп, инди рок, ацид хаус, по развлечениот стил, Тони Вилсон, сето она што воопшто го движеше светот на крајот од 80-тите и 90-тите.

Убаво спомена дека во 80-тите и 90-тите Манчестер и околината го „тресеа“ светот. Но, пред тоа имаше и друга музика, други групи, други стилови, освен оние што ти ги спомена, како, на пример, „Холис“, „Би-џис“, „10сс“, Херман хермитс“… Зборуваме за периодот кога беа инспирирани овие бит-групи од блузот и од рокабилито и кога го вметнуваа тоа во своите песни. Па во првиот музички бран што ги покори американската и светската сцена беа островски групи („Ролинг стоунс“), кои го преработија, препакуваа тој суров американски блуз и им го продадоа на Американците.

Блузот е една тажна епопеја, но и надеж, симбол на едно ропство и ослободувањето од него. Каде е Манчестер во сето тоа?

По Втората светска војна, Островот, како и цела Европа, беше уништен. Тежок живот за сите, особено за компаниите што создаваа свои производи и сакаа да му ги продадат на светот. Ливерпул е на заливот на самото море и беше многу полесно да се развива трговијата преку море, а со тоа и мешањето на културите и на музиката. Затоа и го имаа најдоброто, мислам на Битлси. Е сега Манчестер е длабоко во внатрешноста, но затоа ги имаше бродските канали во должина од околу 60 километри. Со тоа, големите бродови, трговијата, размената на културата почнаа да се развиваат како да се со излез на море. За нас, децата, беше тешко, еден тежок живот. Ние бевме деца на таа работничка класа чии родители работеа во компаниите, на самите пристаништа, моравме да најдеме некој начин да се занимаваме со нешто. Немаше работа за сите, така што повеќето од времето бевме гладни. Како што доаѓаа бродовите со морнарите (кои носеа американски плочи, американски начин на живот) до Манчестер, така дојде и до запознавање со блузот, рокенролот, оној вистинскиот, афроамерикански. Многумина од нас се пронајдоа во нивните текстови. Со часови ги слушавме и ги симнувавме песните на најголемите блуз-музичари, па создававме наши нови песни, со наши текстови. Така и јас почнав со блузот и сè уште се наоѓам во него. Всушност, почнав да свирам на седум години, па доживеав  сообраќајна несреќа и бев во кревет 18 месеци. Е, во тој период, најмногу напредував музички. Мои идоли во тој период, најмногу благодарение на брат ми, кој ги донесе плочите дома, беа Мади Вотерс, Хаулин Вулф, Сони бој Вилијамс, Шак. И оттука почна сè, првиот бенд, првата свирка, сè до најголемите височини, свирејќи со најголемите блуз, соул-легенди. Па почнав да се занимавам со продукција, студиски и концертен музичар на најголемите ѕвезди. Доволно е да ги споменам Крис Фарлоу и Ван Морисон.

Кажете ни нешто за Вашиот последен албум?

Тоа е двоен албум снимен во живо, и тоа во Загреб, во 2020 година. Со него одбележав 50 години музичко творештво. Насловот е „Running down the clock“, има 18 песни и е мешавина на блуз, џез, соул, рокабили.

Веќе е време да излезете на сцена. Дали сакате да додадете нешто за македонската публика?

Благодарам што сè уште го сакате блузот, во каков било облик. Вечерва ќе дадам сè од мене, заедно со мојот бенд, за да ѝ ги прошириме хоризонтите на македонската блуз-публика.

 

ИЗДВОЕНИ