„Потребно е театарот да зборува за вистински и за актуелни теми. Тоа е неговата мисија. Не треба да се однесуваме како да ги знаеме сите одговори, туку само да поставуваме прашања и да дискутираме за нив. Театарот е како животот – мора да ја живее сегашноста, тука и сега. Сè друго е формалност… Понекогаш се прашувам како цивилизација што ги има Достоевски, Толстој, Рацин и Шекспир може да биде само фабрика за производство на војни и детски солзи…“, вели, меѓу другото, во разговорот за весникот ВЕЧЕР, реномираниот македонски театарски режисер Дејан Пројковски, чија претстава „Мајка Храброст и нејзините деца“ во изведба на Новосадскиот театар, Србија, ќе биде одиграна на 25 ноември во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар во рамките на фестивалот Млад отворен театар
Даниела ТРАЈКОВСКА
Под мотото „Нашите во светот“, јубилејното 50. издание на фестивалот „Млад отворен театар“ (19-25 ноември) ја слави интернационалната видливост на македонската театарска мисла и ја истакнува вредноста на уметниците што потекнуваат од нашата културна средина, а се етаблирале во европските и во регионалните театри. Токму со Дејан Пројковски, еден од нашите најреномирани театарски режисери кој со голем успех изминатите години твори и надвор од границите на државата, зборуваме на повеќе теми од театарскиот живот. Неговите претстави, со својата динамика, емоциите, визуелната убавина и со целиот раскош на сцена, се добро познати низ Балканот и пошироко. Тој е еден од најпосакуваните режисери на домашните и на странски театарски куќи, со оглед на енергијата што ја пренесува и на актерскиот ансамбл, но и на публиката која со нетрпение ја очекува секоја негова следна претстава.
Минатата година, на МОТ се претставивте со „Ана Каренина“, претстава во изведба на Новосадскиот театар, која имаше огромен успех каде и да се прикажуваше. Со Вашата претстава „Мајка Храброст и нејзините деца“ од Бертолд Брехт, исто така во продукција на Новосадскиот театар, ќе биде затворен фестивалот. Со оглед на тоа што претставата ја имаше својата премиера на 20 мај годинава, каков е досегашниот повратен одговор од публиката и од критиката?
Во Новосадскиот театар имам поставено три претстави. „Ана Каренина“ е претставата со најмногу освоени награди на фестивали во историјата на нивниот театар. „Ричард трети“ беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот на унгарски театри. Двете претстави учествуваа на театарската олимпијада. Новосадскиот театар е со неверојатно посветен актерски ансамбл и таму ги создавам едни од своите најдобри претстави. Секој нов проект таму ми е театарска лабораторија во која заедно создаваме нова естетика и актерски израз. „Мајка Храброст“ е мојата најнова претстава таму, која имаше одличен прием од публиката и од критиката.

Како се случи оваа најнова соработка со Новосадскиот театар, зошто Брехт и зошто темата војна денес? Која е пораката што ја носи оваа поставка во денешното современо општество во кое живееме?
„Мајка Храброст и нејзините деца“ е драма која сè уште е актуелна како во времето кога Брехт ја напиша. Живееме во специфични времиња во кои времето се мери според војните и жртвите. Историјата не нè научи да се промениме на подобро. Човештвото лесно заборава и повторно се враќаме на истите состојби. Играме слични игри, повторуваме исти трагедии. Светот постојано произведува крв и детски солзи. Достоевски нè потсетува дека никаков идеал не вреди кога ќе падне и само една детска солза. „Мајка Храброст“ е огледало кое го открива вистинското лице на општеството и на човекот. Таа, како и човештвото, постојано ја губи својата суштина. Живееме во свет на амбалажа, без суштина каде што се сè препакува. „Мајка Храброст“ е како Сизиф, кој повторно и повторно ги води своите деца низ војната и ги губи. Тоа е бескраен циклус. Ме потсетува и на Диоген кој со свеќа в рака бара каде исчезнал човекот, што се случува со него во војната, но и во кризите како короната бидејќи секогаш кога амбалажата ќе падне, суштината ја нема. Претставата е универзална приказна за војната, антивоена драма, но и антидрама со структура на античка трагедија. Во античката трагедија има катарза, но овде таа се трансформира во V-ефект – ефект на отуѓување што се раѓа во спојот помеѓу актерите и публиката.
Интересно е што секоја Ваша претстава, по некое непишано правило, станува хит што буквално ги собира фестивалските награди или, во најмала рака, е претстава за која долго се зборува и која долго опстојува на театарските сцени. Кој е рецептот, според Вас, за добра претстава, претстава атрактивна за публиката? На што се фокусирате додека работите, дали е тоа пораката или?…
Секогаш почнувам од себеси, од тоа да станам подобар и да се променам. Потребно е театарот да зборува за вистински и актуелни теми. Да го каже она за што другите молчат. Тоа е неговата мисија. Не треба да се однесуваме како да ги знаеме сите одговори, туку само да поставуваме прашања и да дискутираме за нив. Театарот е како животот – мора да ја живее сегашноста, тука и сега. Сè друго е формалност. Претставата има смисла само ако е резултат на нашиот процес и средба. Оваа година направив две претстави за две многу важни теми: „УНА“ во Звездара театар Белград, која зборува за борбата помеѓу индивидуата и системот и „Мајка Храброст“, која се занимава со војната и со бесмисленоста на човештвото. Понекогаш се прашувам како цивилизација што ги има Достоевски, Толстој, Рацин и Шекспир може да биде само фабрика за производство на војни и детски солзи.
Дали е потешко да правите претстава дома или надвор во однос на очекувањата на публиката и со какви предизвици се соочувате?
Се трудaм да правам театар што мене ме возбудува и ми носи радост бидејќи само така може да создадам претстави што ќе комуницираат со публиката. Секогаш се обидувам да бидам подобар од самиот себеси. Тоа е најтешкиот и најважниот натпревар за секој режисер. Уметноста е маратон.
Како ги избирате текстовите што ќе ги режирате со оглед на широкиот спектар на драмски автори, домашни и странски. Што е она што може да Ве предизвика, да Ве поттикне на размислување да се зафатите со одреден театарски проект?
Важно е да работиме теми што нè допираат и ни се важни. Само така ќе создадеме автентичен театарски израз и претстави кои се резултат на средбата на режисерот и на актерите. Претставата треба да биде интимна исповед на одредена тема. Кога така настапуваме пред публиката, таа веднаш го чувствува тоа и го препознава. Клучна е посветеноста. Имам среќа да работам со актери кои ја доживуваат театарската уметност како идентитет, а не само како професија. Актери кои имаат храброст да скокнат во непознато море и храбро да пливаат заедно со режисерот. Изборот на текстот и на естетиката е мојата почит кон публиката, таа е единствената причина поради која ние постоиме.

Во моментов ја работите претставата „Црнила“ во Прилепскиот театар, но изминатите години слушавме повеќе за Вашите проекти, поточно претстави, со театарските куќи од Балканот и од Европа, со кои освоивте значајни награди. Зошто Ве имаше многу почесто (барем таков впечаток добивме) на странските театарски сцени отколку на домашните?
Имав период кога бев странец дома, во сопствениот театарски дом. Зошто беше така, треба некои други да одговорат. Јас сум научил дека простувањето е една од најважните човечки доблести. Како што пишува Меша Селимовиќ во романот „Дервишот и смртта“: „Ќе простам, но нема да заборавам.
Дали веќе имате во план некоја нова соработка во државата и надвор од неа и дело на автор што би сакале да преточите во претстава?
Во следниот период ме очекуваат претстави во Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, мастер класови во Будимпешта и Букурешт и една голема копродукција со актери од целиот регион.
На крајот од годината е најавена претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето“ во Македонскиот народен театар, која исто така Вие ја режирате. Како одат подготовките?
Сега сме во фаза на продукциски подготовки бидејќи станува збор за многу комплексен сценски спектакл. Наскоро ќе почнат и пробите на мизансцената. Основната идеја е да се создаде мултимедијален спектакл во кој ќе се доживее спојот помеѓу минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар (љубов, уметничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, зачувување на традицијата и создавање нови вредности за иднината). Претставата ќе биде аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние што стојат зад сцената и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ. Публиката ќе доживее големо мултимедијално патување во театарот на сонцето – патување по земја, вода и воздух.
Легенда:












