Актерката Нина Деан толкува еден од главните ликови во филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи, чија премиера е најавена за 19 ноември, во 19:30 часот, во киното „Синеплекс“. Во интервју за весникот ВЕЧЕР, Деан вели дека е благодарна што добила можност да толкува лик во филмот бидејќи силните женски улоги се ретки. „Веројатно, тоа се должи и на фактот што сме мала земја, со помал број актери и публика. Сепак, важно е да се даваат шанси на различни таленти. Би било убаво режисерите и продуцентите да бидат поотворени и посмели, да не се ограничуваат само на сигурни избори. Публиката заслужува нови ликови и лица, нешто свежо и неочекувано“, вели таа
Нина Деан (1987, Нови Сад) има дипломирано на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра, во 2010 година. Од 2012 до 2015 година, таа беше дел од ансамблот на Театар Комедија, а потоа, во 2016 година, премина во Македонскиот народен театар. Зад себе има голем број театарски, филмски и ТВ-улоги, а има соработувано и со речиси сите релевантни македонски режисери. Вели дека нејзина прва љубов е танцот, кој многу ѝ помага во актерскиот израз. Во пресрет на премиерата на филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи, која е најавена за 19 ноември, во киното „Синеплекс“, во разговор за весникот ВЕЧЕР, зборува за ликот што го толкува во ова остварување, за можноста/неможноста да се добие силна женска улога во Македонија, за своите претходни улоги во претстави и филмови, за танцот…

Во пресрет на премиерата на „Утре наутро“, во кој толкувате еден од главните ликови, кои се Вашите очекувања од филмот? Нашите режисери и актери најмногу се плашат од прикажувањето пред македонската публика. Дали и Вие го делите ова чувство?
Не сум го гледала филмот од почеток до крај, а секој филм на крајот од снимањето е само половина од она што ќе стане кога ќе се прикаже. Затоа не можам со сигурност да кажам каков ќе биде конечниот резултат. Но знам дека снимањето беше прекрасно и вредно искуство за мене, а верувам и за колегите. Драгоцено, поради големината на ликот, ангажманот што го имав, убавата мака и непреспаните ноќи. Самото искуство на сетот, соработката со Јани и со колегите, беше исклучително пријатно и протече мазно. Ако судам според тоа, верувам дека и резултатот ќе биде одличен. Се надевам дека ќе разбуди нешто кај публиката, ќе допре, ќе размрда и ќе остави впечаток. Научив дека патувањето е исто толку важно колку и дестинацијата.
Ја толкувате улогата на Јоана Пеласка, сопруга на поранешен премиер. Дали е тоа жена што успева да се избори со предизвиците што ѝ се наметнале во животот, иако претходно живеела прилично лежерен, спокоен и привилегиран живот? До кој степен се согласувате или не се согласувате со нејзините постапки или одлуки?

Јоана и јас сме многу различни во начинот на кој сме растени и какви личности сме. Но има нешто што нè поврзува: моментот кога животот нè носи на крстосница и треба да избереме пат. Верувам дека секој човек има такви моменти во животот, кога му се дава шанса за трансформација. Кој и како ќе ја искористи, е индивидуално. Јас и Јоана го делиме тоа што во клучен момент го избираме потешкиот, но, на долг рок, подобар пат. Таа минува низ голема трансформација во филмот, а и јас низ мојот живот имав неколку такви пресвртни точки што ме променија.
Филмот беше најавен како политичка драма, но режисерот Бојаџи го „подигна влогот“ со изјавата дека е инспириран од настаните поврзани со 27 април. Рековте дека „авторот на сценариото критикува сè што смета дека треба и не штеди некоја страна, така што е правично“. Кога го читавте сценариото, што Ви остави најголем впечаток?
Најголем впечаток ми остави драмата што ја преживува Јоана – нејзините длабоки чувства и целата палета емоции што ги носи. Тоа ме привлече веднаш, бидејќи одамна посакував да играм лик со таква тежина и комплексност. Кога го прочитав сценариото, знаев дека тоа е нешто што навистина го сакам. Кога реков дека авторот не штеди никого, мислев на тоа дека сите страни се прикажани и критикувани кога е заслужено тоа. Сметам дека тоа е и една од суштинските улоги на уметноста: да биде огледало на непријатните и темни аспекти на човекот, на групите, политиката или на системот. Уметноста има моќ да поттикне промена, индивидуална или колективна.
Со актуелната продукција на филмови и на ТВ-серии, колку е тешко да се добие главна улога во филм во Македонија, но и да се добие можност да се толкува содржаен и силен лик, кој има свои ставови, дилеми и развој? Дали е тоа уште потешко за актерките?
Да, силните женски улоги се ретки и затоа сум особено благодарна што ја добив оваа можност. Веројатно, тоа се должи и на фактот што сме мала земја, со помал број актери и публика. Сепак, важно е да се даваат шанси на различни таленти. Би било убаво режисерите и продуцентите да бидат поотворени и посмели, да не се ограничуваат само на сигурни избори. Публиката заслужува нови ликови и лица, нешто свежо и неочекувано. Сепак, чувствувам дека има мал, но значаен напредок. А мојот вечен оптимизам ми вели дека со време, сè ќе биде подобро.
Зад себе имате голем број театарски, филмски и ТВ-улоги. Со Сузан Таир („Ах, љубов моја“) се појавивте и на театарската сцена и на филм. Со која улога најмногу се имате поврзано, а каква посакувате да играте?

Со различни ликови се поврзувам на различни начини. Еден од најголемите предизвици ми беше мјузиклот „Мама миа!“ по бродвејска лиценца, во режија на Наташа Поплавска, каде што ја играв Софи Шеридан. Таму требаше да глумам, пеам и да играм и, искрено, се надминав себеси, особено во пеењето. Во „Животот на Молиер“ на Ацо Поповски, која ја играме од 2012 година, ликот на Арманда Бежар растеше со мене. Таа остана таму, во театарот, а јас пораснав – сега сум жена и мајка со повеќе животно искуство. Прекрасно е да живееш лик низ толку време. Во иднина би сакала да играм опасна хероина во акционен филм, како Лара Крофт или да се испробам во добар хорор. А во театарот, ги обожавам улогите со целосна трансформација, особено физичка.
Сте соработувале со релевантни македонски режисери. Кој проект Ви остави најголем впечаток и Ви помогна во развојот како актерка?
Секој режисер ми остави по нешто. Еве неколку од театарот. „Животот на Молиер“ на Ацо Поповски ми беше скок во оган. Тој е големо режисерско име, играат најдобрите актери, а јас бев штотуку дипломирана, тоа беше моето огнено крштавање. Со Нина Николиќ работев повеќе пати низ годините, некако растевме и се развиваме заедно и многу патувавме со нејзините претстави, на разни фестивали во светот. Со Дејан Пројковски, во Театар Комедија работев две големи претстави и изиграв две големи улоги: Агафија Тихоновна од „Женидба“ и Беатриче од „Многу врева за ништо“ – голем залак, огромно искуство и многу интересна кореографија. Со Срѓан Јаниќијевиќ имам соработувано повеќе пати и секогаш сме дрим тим. Кај него играв баш секакви интересни ликови. Дуодрамата „Нерон“ во режија на Ѓорѓи Ризески е првата претстава што ја работев откако станав мајка. Ме отвори и ме продлабочи како актерка. По „Нерон“, се чувствувам многу посилно на сцената. Со Нела Витошевиќ во „Замисли нов свет“, претставата, процесот и текстот ги доживеав на друго, метафизичко и емотивно ниво. Имам уште многу, ама ете, секоја соработка и процес носи нешто значајно, барем искуство плус, дури и потешките.
„Жива досада“ е Ваш авторски проект заедно со Јовановска и Јакимова, каде што ја потпишувате и кореографијата. Ја добивте и наградата за сценски движења за „Иванов“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ 2024. Дали танцот и глумењето се сегменти што се надополнуваат во совршениот актерски израз?

Танцот е мојата прва љубов — нешто што никогаш не се заборава и многу ми помага во актерскиот израз. Кога се додава и пеењето, сликата станува целосна. Сепак, кај нас ретко се бара познавање на танц и пејачка техника — тоа е повеќе личен плус за актерот. Недостига повеќе физички театар и кореодрами, тие можат да бидат вистинско освежување за сцената, актерите, публиката, театрите. А наградата за кореографија за „Иванов“ ми значи особено — не само за таа претстава, туку и како признание за сите кореографии што сум ги направила од љубов, дури и оние на кои не сум потпишана.
И за крај, според Ваше мислење, што е најважно за македонската театарска и филмска продукција?
Според мене, продукцијата треба повеќе да се отвори кон светските трендови, да гледа каде одат современиот театар и современиот филм. Кај нас, особено во театарот, недостигаат современи текстови и модерни поставки. Дури и класичните дела може да се постават на начин што ќе ја привлече младата публика. Публиката денес бара побрз ритам, пократки форми, визуелна динамика и понагласени карактери. Тоа не е добро или лошо, едноставно е реалност. Во филмот веќе има режисери што отстапуваат од традиционалниот стил и се отвораат кон светските влијанија, но генерално важи истото: ако сакаме повеќе публика, мора и ние да направиме мал чекор кон нив – да се сретнеме на средина.
Наташа Илиевска-Таневски; Фото: Ѕ. Плавевски












