Интервју, Никола Мемов: Го подобруваме стандардот на пензионерите, ги зголемивме пензиите вкупно за 7.000 денари!

Во денешни услови, сметам дека е оправдано покачувањето на пензиите на два пати по 2.500 денари, септември 2024 и март 2025 година и последното законско усогласување за септември 2025 и март 2026 година за по 1.000 денари, заради подобрување на животниот стандард на пензионерите во Македонија. Сведоци сме дека има тренд на пораст на платите и следствено на тоа, мора да има и зголемување на пензиите – вели директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов

190
Никола Мемов, директор на Фондот за ПИОМ

Светлана БЛАЖЕВСКА

Фото: Ѕвонко Плавевски

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување располага со најголем буџет во државата и одговорноста е најголема кога се работи за парите на граѓаните. Со директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, разговараме за предизвикот со кој се соочува на оваа позиција, околу обезбедувањето финансиски стабилен и одржлив Фонд, кој би бил отпорен на демографските предизвици, околу стеснувањето на буџетскиот дефицит и за зголемувањето на пензиите, кои се вечна тема во јавноста, за дигитализацијата на Фондот и надминување на проблемот што постоеше во минатото околу издавањето на документи за идните пензионери и за граѓаните…

*Деновиве беше усвоен Стратешкиот план на Фондот за ПИОМ за 2026-2028 година и има барање за следната година за поголем буџет за 13 милијарди денари. Колкава е сумата што ја покриваат придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, како основен извор, за редовна исплата на пензиите?

– Фондот на ПИОМ согласно законските прописи поднесе Буџетско барање до Министерството за финансии за 2026 година за зголемен буџет во вкупна вредност од 149,38 милијарди денари, што е за 13 милијарди денари повеќе од буџетот во 2025 година. Ова зголемување е за покривање на трошоците за исплата на зголемените пензии, што вкупно изнесува околу 10,6 милијарди денари и зголемените расходи за придонесот за здравствено осигурување на пензионерите. Капиталните и другите расходи во буџетот за 2026 година се на нивото како и во 2025 година. Приходите по основ на платени придонеси за ПИО, како изворни приходи, за 2026 година се планирани на 86,98 милијарди денари, додека  планираните расходи за исплата на пензии се во износ од 117,16 милијарди денари. Ова значи дека 74,23 проценти од изворните приходи учествуваат во делот на исплата на пензиите. Треба да напоменеме дека стапката на придонес за ПИО изнесува 18,8 проценти од бруто платата. Од нив 12,8 проценти се користат за исплата на пензиите, додека шест проценти се префрлаат во вториот пензиски столб. Констатација е дека 12,8 проценти од придонесите апсолутно не се доволни за покривање на трошоците за исплата на пензиите. Поради тоа Фондот на ПИОМ од државата, преку Министерството за социјална политика, демографија и млади добива трансфери од буџетот на државата за покривање на трошоците за исплата на пензии, за плаќање на придонеси за здравствено осигурување и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот пензиски столб. Овие трансфери за 2026 година се планирани во износ од 60,15 милијарди денари, од кои 15,23 милијарди се за здравствено осигурување на пензионерите и 15,95 трансфери по основ на задолжително пензиско осигурување.

*Две третини од наплатата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување Фондот за ПИОМ ги наменува за исплата на пензии, а една третина се трансферира во вториот пензиски столб. Колкава сума средства има акумулирано во вториот пензиски столб и дали при евентуална одлука, по примерот на некои европски држави, за префрлање на тие средствата во државниот пензиски фонд, би се покрил дефицитот?

– Согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување шест проценти од придонесите по основ на ПИОМ се префрлаат во пензиските друштва од вториот задолжителен пензиски столб. Тие средства, кои се лични средства на осигурениците, понатаму се оплодуваат преку инвестирање, регулирано со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Агенцијата за супервизија на капиталното осигурување МАПАС го следи и контролира работењето  на пензиските друштва. Од 2007 година, заклучно со август 2025 година Фондот на ПИОМ има направено транзициски трошоци кон вториот столб во вкупен износ од 123,667 милијарди денари. Заклучно со 31 јули 2025 година осигурениците во вториот пензиски столб имаат вкупно акумулирано  175,49 милијарди денари или околу 2,84 милијарди евра, согласно објавените официјални податоци на МАПАС.

*Фискалниот совет минатата година предложи радикален рез на пензискиот дефицит, зголемување на придонесите и подигање на старосната граница на 67 години. Предлогот беше отфрлен од страна Владата и од Пензискиот фонд. Дали, во меѓувреме, сепак се размислувало на таа опција?

– Минатата година Фискалниот совет во јавноста излезе со предлог за зголемување на старосната граница за одење во пензија на 67 години и зголемување на стапката на придонес за 0,7 проценти годишно, почнувајќи од 2026 година. Фискалниот совет, како што беше соопштено од него, овие мерки ги предложи во насока на креирање на развоен буџет со акцент на зголемување на капиталните инвестиции и креирање на одржлив буџет. Од друга страна Владата не ги прифати овие мерки и тие не се составен дел на фискалната стратегија на Владата за 2025-2029. Во денешни услови сметам дека е оправдано покачувањето на пензиите на два пати по 2.500 денари, септември 2024 и март 2025 година и последното законско усогласување за септември 2025 и март 2026 година за по 1.000 денари, заради подобрување на животниот стандард на пензионерите во Македонија. Сведоци сме дека има тренд на пораст на платите и следствено на тоа мора да има и зголемување на пензиите. Овие мерки што ги предложи Фискалниот совет доаѓаат како континуирани предлози и од Светска банка и ММФ. Мое мислење е дека апсолутно не соодветствуваат со реалните прилики на живот во Македонија. Имено, просечниот период на користење на пензија е 11 години, ако се зголеми старосната граница на 67 години, тој просек ќе падне на околу седум години. Од друга страна, зголемувањето на стапката на придонеси за ПИО по автоматизам не мора да значи и зголемување на изворните приходи во Фондот. За оваа тема мора да има дијалог и консултации со приватниот сектор, преку стопанските комори за да се најде баланс за одржливоста на ваков тип мерки.

*Линеарното зголемување на пензиите во септември колку ќе го чини Фондот за ПИО месечно, а колку до крајот на годината?

– Вкупниот износ на августовската пензија исплатена во Македонија изнесува  8.907.460.635 денари за 338.468 корисници на пензија. Зголемувањето на пензиите од септември по основ на законското усогласување, кое изнесува 1.036 денари на месечно ниво за 340 илјади пензионери ќе изнесува 352,24 милиони денари, или 5,73 милиони евра, а до крајот на годината од буџетот на државата ќе треба да се одвојат дополнителни 17,2 милиони евра. Вкупното зголемување на пензиите од минатата година до март 2026 година во износ од 7.000 денари по пензионер за 340 илјади пензионери изнесува 28,56 милијарди денари или 463,63 милиони евра на годишно ниво. Тоа значи дека оваа влада кон пензионерите трансферира на нивните лични сметки, речиси половина милијарда евра на годишно ниво.

*Како да се стабилизира финансиската каса на Фондот за ПИОМ, какви се плановите да се дојде до одржлив модел што ќе биде отпорен на демографските предизвици?

– Би сакал да посочам дека политиките и моделот на пензискиот систем го креира Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади. Ние како Фонд на ПИОМ сме инструмент за имплементирање на политиките на Владата, но секако даваме свои мислења, сугестии и предлози за негово унапредување. Кога станува збор за стабилизација на буџетскиот дефицит на ПИО потребно е да се гледа големата слика, а не селективно изолиран само Фондот на ПИОМ. Според мене концептот за надминување на дефицитот би требало да се состои од стабилизација на петте основни столбови на државата кои се во меѓусебна поврзаност. Тие се безбедносен систем, политички систем (правосудство, администрација…), економски систем, здравствен систем и пензиски систем. Не може да има стабилизација само на еден од овие столбови, затоа што било кое зафаќање од еден столб, ќе има последици и дестабилизација на останатите четири. Сите пет столбови се во директна зависност од буџетот на државата и генералниот заклучок е дека ние во суштина треба да имаме стабилизација на вкупниот буџет на државата. За ова постојат три основни мерки, според мене:

Прво, мора да се обезбеди зголемен економски раст, второ, државата мора да ги наплати во целост сите свои побарувања од сите субјекти и трето, директно за  стабилизирање на пензискиот систем потребно е да се обезбеди пасивен извор на приходи, за полнење на касата во ПИОМ и во друштвата во вториот столб (акции во профитабилни компании, внимателно инвестирање на пензиските друштва на берзите итн).

*Што се случува со пензионерите чии придонеси не се целосно уплатени од работодавачите? Има ли механизам за заштита на нивните права и дали се иницираат инспекциски надзори по службена должност?

– Од 2006 година наплатата на придонесите оди преку Управата за јавни приходи. Ние како Фонд немаме механизам да ги наплатиме, ниту пак имаме надлежност за иницирање на инспекциски надзори во таа област. Плаќањето на придонеси е обврска на работодавачите. Измените што се направија во 2006 година, беа за да се спречи праксата на неплаќање на придонесите од страна на работодавачите, а што особено се случуваше во деведесетите години. Сакам да посочам дека сите податоци што работодавачите ги доставиле во Фондот во периодот пред 2006 година се внесени во нашата база на податоци.

*Дали се планира поедноставување на постапката за добивање на пензија за работници кои имаат работен стаж и во странство, особено за Германија, Швајцарија, Италија и Словенија, каде има голем број иселеници?

– Постапката за остварување на правото на пензија е регулирана во Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Во однос на остварувањето на правото на пензија за лицата кои имаат работено во странство, Министерството за социјална политика, демографија и млади има склучено меѓународни договори за регулирање на остварувањето на ова право. Досега Фондот на пензиското и инвалидското осигурување немал проблеми во примената на овие меѓународни договори. Се случува постапката за остварувањето на правото на пензија да трае подолго. Тоа најчесто се должи на тоа што ние како Фонд чекаме одговор од пензиските фондови во странските држави за потврда на стажот.

*Има ли нови бенефиции или програми за доброволно пензиско осигурување за лица кои не се формално вработени (фриленсери, земјоделци, уметници)?

– За ова прашање, односно за изготвување на предлог законски решенија за сите овие наведени категории е надлежно Министерството за социјална политика, демографија и млади. Информиран сум дека се формирани работни групи во кои членови се и вработени во Фондот и тие работат на новите законски решенија. За резултатите секако ќе информира Министерството, а ние како Фонд, откако законите ќе ја поминат процедурата и ќе бидат усвоени од страна на Собранието, ќе ги спроведуваме.

*Како Фондот ги контролира лажните инвалидски пензии или пензии добиени со фалсификувани податоци? Колку такви случаи се откриени откако сте Вие на оваа функција?  

– Нема лажни инвалидски пензии или пензии добиени со фалсификувани податоци откако во Фондот е ова раководство. Што било порано и дали имало такви случаи ќе кажат органите на прогонот, кои веќе имаат отворено постапки. Ние преземаме мерки правата да се остваруваат согласно законските одредби и во предвидените рокови. Како проблем кој беше забележан во почетокот на мојот мандат беше големиот број на нерешени предмети во Комисијата за оценка на работната способност и немањето на доволен број на стручен кадар во неа. Во изминатиот период ангажиравме пет доктори специјалисти и тие веќе работат на конкретни предмети. Очекуваме да се зголеми ефикасноста во решавањето на предметите, да се намали вкупниот број активни предмети, да се забрза целиот процес, со цел странките навремено да ги остварат своите права во предвидените рокови.

Го олеснуваме пристапот за граѓаните, воведовме 17 дигитални услуги

*Уште со доаѓањето на функцијата директор на Фондот за ПИОМ напоменавте дека дигитализацијата е врвен приоритет во Фондот за пензиско осигурување. Неодамна промовиравте нови вебуслуги преку е-влада, за да можат граѓаните онлајн да ги поднесуваат барањата во Фондот. Рековте и дека секој што ќе поднесе барање за пензија, за 30 дена ќе мора да ја добие. Дали ова ветување се спроведува и дали имате ли доволно вработени да ги обработуваат барањата на граѓаните?

– Да, реков и се уште стојам на тоа дека модернизацијата на информатичкиот систем и дигитализацијата се врвни приоритети на Фондот на пензиското и инвалдиското осигурување. Ова мое тврдење е поткрепено и со наодите и препораките од Функционалната анализа, што е изготвена од страна на Светска банка. За да имаме модерен и функционален Фонд, кој ќе им овозможи на корисниците навремени и точни услуги, треба да сме во чекор со новите технологии. Информатичкиот систем на Фондот е веќе застарен. Тука би сакал да додадам дека во минатото, нашиот Фонд бил водечки во регионот според информатичките решенија што ги има и квалитетот на услугите што се актуелни во светот. Во насока на подобрување на работата на Фондот планирани се  активности за дигитализација и модернизирање на ICT системот. Во овие рамки е предвиден е развој на ново интегрирано софтверско решение за матична евиденција на предметите и исплата на пензиите, заедно со модулите на човечки ресурси, е-DMS и други ERP модули, како дигитализација на архивата на Фондот, за што ќе користиме средства од проект со Светска банка.

Во изминатиов период за да го олесниме пристапот на граѓаните до услугите на Фондот воведовме 17 дигитални услуги. Па така, граѓаните сега можат да поднесат онлајн барање за старосна пензија, а и да го преземат решението преку порталот uslugi.gov. Дел од е-услугите се и утврдување својство на осигуреници  како што се индивидуалните земјоделци или свештените лица, како и добивањето посебни потврди кои содржат податоци од евиденцијата на Фондот, а со кои остваруваат одредени права во други институции/банки.

Исто така, отворивме Кол центар со број 15215, за да можат граѓаните да се информираат за сите прашања во врска со пензиското и инвалидското осигурување и со статусот на нивните поднесоци. Новина е и информирањето на странките со СМС порака дека нивното решение за пензија е готово и дека можат да го подигнат во најблиската филијала на Фондот.

Работиме за да ги оствариме зацртаните цели и да придонесеме граѓаните да добијат квалитетни услуги. Очекувам Владата да одобри средства за идната година за реализација на овие проекти и практично да почнеме со имплементација на  планираните активности во делот на модернизацијата на Фондот.

ИЗДВОЕНИ