„Танцовото и музичкото образование имаат големо значење за сестраниот развој како на детската, така и воопшто на човечката личност, на нејзините сензорни, моторни, интелектуални способности, на формирањето на музичкиот вкус и на развивањето на творечките потенцијали. Преку овој сегмент се овозможува избегнување на одредени деформитети на телото и правилна функција на внатрешните органи, како исклучително важно и корисно за работата на целиот организам“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР м-р Благица Илиќ, авторката на книгата „Методика на македонските народни ора“, која е од големо значење за младите
М-р Благица Илиќ е етаблиран етнокореолог, кореограф и педагог, чија стручна и креативна работа претставува значаен темел во современото проучување, сценската интерпретација и педагошката примена на македонската традиционална музичко-танцова култура.
Вашата книга „Методика на македонските народни ора“ е од особено значење за оние што ќе одлучат да се занимаваат со етнокореографија. Но, да објасниме за пошироката јавност каква практична вредност има ова дело?
Книгата „Методика на македонските народни ора“ е дефицитарен стручен дидактички материјал од областа на етнокореологијата со посебен осврт на методиката на изучување на орската традиција. Со оглед на податокот за активната фолклорна дејност како во формалното образование, така и во неформалното дејствување на бројни културно-уметнички друштва или фолклорни ансамбли во државата, трудот нуди систематизирана кинетичка терминологија за структурната градба на народното оро, како и класификација на основните антрополошки и кинетички параметри на македонските ора, заснована врз етнографска и кореолошка анализа. Истата, поткрепена со теоретски рамки и практични вежби, во делот на интердисциплинарноста ја потенцира и заемната поврзаност помеѓу педагошката, музичко-сценската и етнокореолошката област.
Како практична вредност книгата има дополнителна превентивна и едукативна вредност преку јасно структурираните методски вежби насочени кон психомоторниот развој и корекција на сè позачестените телесни деформитети. Преку овој пристап се истакнува важноста на народното оро не само како културна форма туку и како средство за здравствен и психофизички развој. Потребата од кореолошки, систематизирани и стандардизирани контексти како низ етнокореолошката научна дисциплина, така и низ практичната примена на сценската народна игра кај нас, го поттикна создавањето на овој труд.
Која беше причината да се зафатите со изработка на една ваква книга?
Причината за создавање на овој труд е во содејство со повеќе фактори. Станува збор за акумулирано 35-годишно танцово искуство, и перформативно и творечко, кое растеше низ времето и пригодите како низ аматерската сцена, така и низ професионалната. Насоченото етнолошко и етнокореолошко образование, дваесетгодишната педагошка активност во насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, активната соработка со бројни фолклорни ансамбли, учества на семинари, конференции, членството и работата со Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија СОФАМ, кореолошкото искуство од соработката како стручна комисија на интернационални фолклорни фестивали, но пред сè, инспирацијата и љубовта кон игроорувањето, се неминовни проточници за пишувањето на овој труд.
Од кои делови на Македонија и од кој период ја црпевте инспирацијата за да ги сублимирате вашите истражувања и тие да ги претставите во оваа книга?
Примерите на народни ора во овој труд ја застапуваат целокупната орска практика и орско наследство на Македонија, од сите класифицирани игроорни подрачја: Западно игроорно подрачје, Југозападно, Јужно игроорно подрачје, Источно и Северно игроорно подрачје. Структурната рамка на методиката во македонските орски примери кореспондира со концепцијата на стручниот предмет Народни ора, кој со осум часа неделно се изучува во сите четири години од наставниот план на образовниот профил: традициски играч/пејач при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје. Орските примери кои се основен материјал на разработка, се темелат на етнографските истражувања од теренот во Македонија како и од пишаните и аудиовизуелните извори за орската традиција од крајот на 19 век, па до денес. Според бројноста на опфатени примери, истражени се околу педесет македонски народни ора, од кои фокусната позиција во трудот е категоризација на главните конститутивни кинетички елементи и форми од кои се структурирани орските примери, како и методски (телесни) вежби за постепено и систематско совладување на орските структурни елементи. Воедно е нагласена важноста од примената на методски вежби за поттикнување соодветен моторички развој кај децата, при што се понудени и конкретни примери за неколку категории методски вежби, адаптирани според возраста и психофизичкиот развој на учениците. Во финалниот дел на трудот, поаѓајќи од актуелната состојба на присуството на телесни деформитети посебно на ’рбетниот столб и стапалата, состојба, која е во постојан подем кај децата уште од најрана возраст, понудени се неколку превентивни методски вежби што ќе помогнат да се подобрат видливите деформитетни состојби на телото.
Вие сте член на културно уметничко друштво и игроорец уште од детството, каква е судбината на македонското оро и има ли кој да ја продолжи традицијата со оглед на напливот на различни култури од Запад?
Интересен е фактот дека во поглед на применливоста и одржливоста на орската традиција во нашето општество, се случува период на „ревитализација“ на орската практика, посебно преку можноста за насочено кореолошко и музичко образование, профилирањето на стручни кадри на релација фолклорни ансамбли, средно образование и високо образование. Од 2001 година, со образовна дејност започна насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во Скопје, а оваа учебна 2025 се отвора ваков тип насока и во Средното музичко училиште во Битола. Десетина години наназад низ градските центри и основните музички училишта во Македонија, активно работат и оддели за изучување на народните инструменти, а еден од клучните фактори е и можноста за високо образование прв и втор циклус студии на музичката академија, Катедрата за етнокореологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и сродните научни дисциплини Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ во Скопје и студиите по Фолклористика при Институтот „Марко Цепенков“ во Скопје. Остручувањето на кадри во фолклорната област, посебно орската и музичката, овозможија посоодветен однос и свесност за афирмативност кон народните ора и нивната сценска примена. Во последниве 10 години се формираа и започнаа со квалитетна работа неколку нови фолклорни ансамбли низ државата, се профилираа стручни кадри и во Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ од Скопје. Дополнителен позитивен причинител е „свежата“ и иновативна енергија во фолклорното дејствување, преку креирање нови изразни форми на творештво како едукативни и високоестетски етнолошки и кореолошки филмувани материјали, ревии на народни носии со тематски содржини, зголемување, но и познавање на интересот и платформата колекционерство на традиционални носии, се профилираа и млади ентузијасти изработувачи на облековни елементи според техниката на изработка на оригиналните народни носии (ткаење, везење, шиење), се оформија оркестарски групи изведувачи на народни инструменти како и инфилтрирање на вокални групи низ тековното и концертното работење на фолклорните ансамбли.
Според Вас, која возраст е најдобра едно дете да почне да ги учи чекорите?
Танцовото и музичкото образование имаат големо значење за сестраниот развој како на детската така и, воопшто, на човечката личност – на нејзините сензорни, моторни, интелектуални способности, на доживувањето и на вреднувањето на естетските својства на танцот и музиката, на формирањето на музичкиот вкус и на развивањето на творечките потенцијали. Како важна придобивка се смета стекнувањето на здрави и културни навики. При решавањето на физичко-здравствените задачи, најважно е стекнување на правилен и природен антрополошки став на телото кој е резултат на биолошкиот развој на човекот. Преку овој сегмент се овозможува избегнување на одредени деформитети на телото и правилна функција на внатрешните органи (срце, бели дробови, циркулација, коски, мускули и сл.), како исклучително важно и корисно за работата на целиот организам. При исполнување на воспитно-образовните задачи, од една страна е неопходно стекнувањето или градењето на чувството за ритам, простор, време, динамика, а од друга страна стекнување и зацврстување на колективно-социјалните содејства проникнати од соодносот на учесниците и воопшто целокупниот начин на дејствување и социјализирање. Посебно важен бенефит од контактот со народните ора и народната музика е стекнувањето сознанија за сопственото традиционално игроорно наследство, колективната припадност, како и сценското интерпретирање и валоризирање на традициските вредности.
Најрана возраст за почетно изучување на орски и ритмички чекори е 6-7-годишната предучилишна возраст, како и периодот на основното училиште, кога кај детето се оформуваат основните естетски чувства, основниот стил на играње и кога можноста за развој на неговиот талент и способност е најсилна и најпогодна за оформување, затоа што во претшколскиот период, брзината на создавање невронски врски и број на нови врски помеѓу мозочните неврони е неспоредливо поголем од оној по седмата година. Од друга страна, не е погрешно да се каже дека секое време за игроорување е погодно време, посебно кога желбата и меракот за на „оро“ стануваат видливи и хранливи причинители.
За крај, која е Вашата порака до младите во однос на зачувување на традицијата преку македонските народни ора?
Би дала искрена и персонална порака која јас сè уште ја живеам. Игроорувањето, танцувањето, музицирањето, пеењето се есенцијални катализатори на среќа, радост, припадност, сигурност, сценска видливост и изразна креативност, како и можност за трансмисија на „живата“ традиција во современото време низ нови творечки форми, изразни средства и доживувања. Македонските народни ора за мене биле инспирација, перформативна и творечка мотивација, од хоби станаа професија како неминовно важен културолошки и уметнички сегмент во зачувувањето и афирмацијата на културното наследство.
Даниела ТРАЈКОВСКА