Само еден ден по интерпелацијата во Собрание, весникот ВЕЧЕР направи ексклузивно интервју со Државниот обвинител Љупчо Коцевски. По повеќе од еден час разговор во неговиот кабинет, заклучокот е дека и покрај интерпелацијата Коцевски засега не размислува да поднесе оставка, туку уште поревносно ќе им пркоси на големите случаи на криминал и корупција. Онкологија, Кочани, милионскиот криминал на бизнисменот Крмзов се предметите во кои, уверува дека се обезбедени црврсти докази за пред надлежните судови. Најави најстроги казни за пироманите и користење на сите ресурси во истрагите за подметнување пожари заради идентификација на сторителите. Во однос на дивоградбите во Чаир, Коцевски одговара дека се водат темелни истраги во скопското Обвинителство и во Организиран криминал и корупција, а вклучени се финансиската полиција и МВР. Во врска со истрагата за полициските службеници од ОВР Кочани и СВР Штип за пожарот во „Пулс“, вели дека ќе финишира во септември, а доколку е потребно, ќе се случи уште една средба со родителите на загинатите деца. Состојбата во Вишото јавно обвинителство се враќа во нормала, Коцевски е категоричен: „Директно ќе го повикам на одговорност секој јавен обвинител за кого ќе констатирам дека непрофесионално и нестручно ја врши својата функција“. Анкетата од 2% доверба во правосудството ја смета за нереална, но нагласува дека реалност се минималните 0,2 % кои обвинителствата ги добиваат од Буџетот во ситуација кога бројот на истраги е двојно зголемен. Апелира до граѓаните да не веруваат во црната кампања против обвинителите, впрочем борбата во која треба да победи правдата е заедничка.

Пандорче АНТЕСКА

ФОТО: П.Стојановски

Обвинителе, после интерпелацијата која помина во македонскиот Парламент, неминовно е првото прашање, а тоа е дали ќе си поднесете оставка?

Не можев да ја следам целата дискусија во Парламентот, овде во обвинителството имаме многу работа, особено по откривање на големите случаи каде што моравме да ангажираме и по неколкумина обвинители. Политиката ја оставам на политичарите и ќе употребам еден тежок збор, а тоа е пркос, пркос кон предметите за кои во моментов ве уверувам дека имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд : „Онкологија“ случај за кој и лично чувствувам обврска да го докажеме, потоа случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов, докажуваме криминал тежок 90 милиони евра, потоа убиствата причинети од криминалните пресметки и секако случајот за кој се обврзав пред семејствата дека ќе има правна завршница, а тоа е пожарот во дискотеката „Пулс“. Ние како обвинителство обезбедивме илјада докази за два ипол месеци срочени во обвинение за сторено кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, сега зависи од судот за колку време случајот ќе има судска разрешница.

Македонија гори и политички, но и буквално, изгореа стотици хектари шума ама и се палат депонии кои дополнително прават екоцид врз граѓаните. Дали Обвинителството има индиции за она што министерот за полиција го наметна како сомневање – дека зад пожарите стојат организирани структури, а за подметнување шумски пожари секојдневно обвинуваа од ДЗС. Наспроти ова, казнивост за шумски пожари речиси и да нема?

Би почнал со последниот дел од Вашето прашање и не би се согласил дека нема казнивост за намерно предизвикување шумски пожар. Јавното обвинителство кривично го гони секое лице кое е идентификувано од органите надлежни за откривање и за кое се обезбедени докази дека намерно предизвикал пожар. Сепак, точно е дека идентификацијата на овие сторители не е лесна, особено кога пожарите се предизвикани во ненаселени подрачја, каде фреквенцијата на луѓе е мала и нема камери или други средства за надзор кои можат да помогнат во откривањето. Меѓутоа, и тука имаме одреден напредок, во смисла на средства и дејства кои им стојат на располагање на надлежните органи, така што бројот на вакви предмети се зголемува. Исто така, тенденција на кривичното законодавство е постојано зголемување на санкциите и на казнената политика за кривични дела со кои се загрозува животната средина. Затоа би ги предупредил сите кои имаат намера да се впуштат во вакви дејства со кои ги доведуваат во опасност не само екосистемот туку и животите и имотот на луѓето, дека ќе се соочат со најстроги казни. Главниот проблем е што колкави и да се казните, нема да можеме да ја надоместиме штетата која непоправливо се нанесува. Затоа, кога станува збор за пожарите, клучна е и превенцијата и јакнењето на свеста кај граѓаните за одговорен однос кон животната средина.

Скопската градоначалничка ви донесе на увид документација за фантомски градби во Чаир кои се реализирале со амин на градоначалникот. До каде е истрагата?

Врз основа на документацијата доставена од градоначалничката на Скопје, согласно со индициите, оформени се два предмета – едниот е во ОЈО Скопје, а другиот во Обвинителството надлежно за гонење организиран криминал и корупција. И во двата предмета се постапува интензивно и се издадени детални наредби до Управата за финансиска полиција и до МВР за проверките што треба да ги направат. Не би можел да навлегувам во повеќе детали за конкретните дејства за да не ги загрозам предистражните постапки, но ќе се преземе сè што е потребно за да се истражат наводите во целост. Независно од ова, јавните обвинителства водат и други постапки за поединечни објекти – дивоградби и во Чаир и во други општини во државава. Некои од нив се во истрага, а некои и во судска постапка.

Прашање е како да се убедат граѓаните дека водите сериозна борба против организираниот криминал и корупција кога главните осомничени во последните милионски кражби се во бегство?

Од позиција на прв човек на Јавното обвинителство, одговорно тврдам дека граѓаните во Обвинителството имаат сојузник во борбата против сите кривични дела, а особено против организираниот криминал и корупцијата. Ниту едно од лицата што ги наведувате како „бегалци на правдата“ не е во бегство поради одговорност на Јавното обвинителство. Напротив, напредокот во нашата борба против овие сериозни облици на криминал е нотиран и во последниот извештај на Европската комисија за владеење на правото во нашата земја. Таму се истакнува Упатството за давање приоритет на предметите од областа на корупцијата кое го донесов и е задолжително за сите јавни обвинители, како и функционалноста на четирите истражни центри во обвинителствата во Скопје, Тетово, Куманово и ОЈОГОКК, кои сега работат со полн капацитет. Неделава отвораме уште еден, петти истражен центар во ОЈО Битола бидејќи и во тоа Обвинителство во изминатиот период имаше неколку предмети за сериозни облици на корупција. Затоа би рекол дека и Европската комисија веќе препознава сериозен исчекор во борбата што Обвинителството ја води со корупцијата која ни ја разјадува државата, и покрај недоволните ресурси кои му се ставаат на располагање за таа намена.

Во последниот извештај за напредокот на земјава, вашето разрешување беше во фокусот во делот за правосудството. Сепак, се случи пожарот во „Пулс“ и вашиот „работодавец“, односно Собранието преку „налогодавачот“ Владата ви го продолжи „договорот“, префрлувајќи ви ја одговорноста да ја испорачате правдата за Кочани. Растегнати меѓу очекувањата на семејствата и јавноста, соочени пред можеби најголемиот предизвик во вашата професионална кариера. Дали ќе барате максимална затворска казна за најповиканите, а тоа се: газдите, градоначалниците, полицајците. Ќе остане ли ЈО доследно на кривичното дело Тешки дела против општата сигурност?

Од првиот момент, од моментот на увидот непосредно по трагичниот настан, до денеска, предметот за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ е еден од најтешките со кои сум се соочил и јас и јавните обвинители кои директно постапуваат. Воопшто не сакам овој предмет на ниту еден начин да го доведувам во каква било релација со политички одлуки. Она што можам да ги уверам семејствата на загинатите и повредените е дека Јавното обвинителство ќе направи сè што е во негова надлежност за да испорача правда за овој тежок настан. Во тоа ги уверив и на директните средби што ги имавме. Горд сум на обвинителскиот тим, кој и покрај исклучително мачната и траурна атмосфера веднаш по настанот, успеа за исклучително кратко време да ги прибере сите докази неопходни за целосно утврдување на одговорноста и да подигне обвинение против 34 физички и 3 правни лица. Еден дел од постапката е сè уште во тек. Во ОЈОГОКК во тек е истрагата против полициските службеници, а се испитува одговорноста и на други институции и лица. Пожарот во „Пулс“ ги покажа сите аномалии на системот повеќе години наназад и начинот на кој тие можат да резултираат со катастрофа, предизвикана и од негрижа, но и од корупција. Тоа го потврдуваат и доказите, и вербалните искази и комплексните вештачења кои ги обезбедивме. Особено градежното вештачење кое ќе покаже како на „диво“ се работело во дискотеката. Еве на пример ако ходникот требало да биде широк пет метри, се стеснувал на два со цел да се доградат канцеларии. Или пак доколку имало уште една врата, тогаш присутните би излегле за три минути, и не би се случила загуба од толкави размери. Последицата на ова кривично дело е загуба на млади животи. Затоа и одговорноста мора да биде сеопфатна. Како држава имаме обврска да се погрижиме ваква трагедија никогаш повеќе да не ни се повтори. Секако од вештачењата на електронските уреди не се исклучува можноста да се обезбедат докази и за други кривични дела.

Сè уште нема обвинение за полициските службеници во ЈООГОК, сите се под мерки на претпазливост. Дали има дефинирани кривични дела што ги сториле полициските службеници?

Истрагата против полициските службеници во ОЈОГОКК очекувам да заврши најдоцна до септември и таму интензивно се вршат распити и се прибираат докази. Потенцирам дека на таа истрага работи само еден јавен обвинител од специјализираното одделение во ОЈОГОКК за гонење кривични дела сторени од полициски службеници. Сите докази кои беа прибрани во другата постапка, а се однесуваа на постапувањето на полициските службеници, беа доставени до ОЈОГОКК и таму постапката повторно се води за Тешки дела против општата сигурност, затоа што последицата е иста – трагична смрт на 62 лица и стотици тешко повредени. Истрагата напредува и по завршувањето јавноста ќе биде запознаена во целост со сите детали, а доколку има потреба, ќе организираме и уште една средба со родителите за жртвите, бидејќи тоа им го ветив.

Каква е сега состојбата во Вишото јавно обвинителство? Дали некој од новоизбраните обвинители можеби ќе ги преземе предметите на обвинителот Хајрулахи?

Состојбата во Вишото јавно обвинителство Скопје се подобрува. Таму неодамна беа избрани двајца искусни и квалитетни јавни обвинители од ОЈО Скопје, кои сметам дека значително ќе помогнат за јакнење на ова Јавно обвинителство кое постапува во втор степен. Точно е дека дисциплинската комисија, која е целосно независен орган, едногласно ја прифати мојата иницијатива, поведе постапка, ги испитуваше сите докази и повторно едногласно донесе одлука дека шефот на тоа Јавно обвинителство и уште еден јавен обвинител, навистина сториле тешка дисциплинска повреда. По однос на одредените санкции не би коментирал, бидејќи одлуката сè уште не е правосилна, но факт е дека во прв степен им се изречени најтешките санкции кои за ваква повреда се предвидени во Законот за јавното обвинителство. Меѓутоа, по однос на вашето прашање за предметите, со оглед на тоа што одлуките не се правосилни, сè уште не знам за колку предмети станува збор и не можам да претпоставам што евентуално ќе се случува со нив. Она што знам е дека и во иднина, додека ја извршувам оваа функција, решен сум директно да го повикам на одговорност секој јавен обвинител за кого ќе констатирам дека непрофесионално и нестручно ја врши својата функција.

Според новиот Закон за ЈО кој е дел од Реформската агенда и сеуште не е донесен, е предвидено буџетот на ЈО да биде самостоен и да изнесува 0,5%. Колку овие проценти се реални?

Прво, зборуваме за претпоставена ситуација, а не за реалност. Јавното обвинителство секоја година добива едвај околу 0,2% од Буџетот, иако со Законот и во овој момент е одреден минимум од 0,4%. Дополнително, и новиот Закон за јавно обвинителство, барем она што е последната верзија во овој момент, не предвидува целосна самостојност во располагањето со средствата, а тоа е нешто што ЕУ го бара од нас. Сега би се осврнал на мерливоста на резултатите. Јавното обвинителство има 10% пораст на предмети во една година. Бројот на преземени истражни дејства е зголемен речиси двојно. Водиме постапки за сложени и сериозни предмети со десетици обвинети лица. Трошоците за вештачења, но и за други дејства се значително зголемени, а буџетот што ни се доделува не го следи тоа. Се соочуваме со сериозен одлив на кадар за кој не ни се одобрува да го надоместиме, а за зајакнување на капацитетите не станува ниту збор. Парите вложени во Обвинителството не треба да се гледаат како некоја награда за работата. Тие се резерва која државата ја инвестира за да ја гарантира ефикасноста на кривичниот прогон и правдата која граѓаните ја заслужуваат. Тоа го сфатиле сите останати земји во опкружувањето. Така, со 14,5 милиони евра, македонското Обвинителство има ист буџет со црногорското, иако црногорскиот вкупен буџет е двојно помал, а Црна Гора има само околу 600.000 жители. Всушност, сите земји во регионот, иако немаат процентуална законска обврска, издвојуваат за обвинителствата околу 0,5% од буџетите, а некаде и повеќе. Со европските земји нема ниту цел да се споредуваме.

Зошто академците повеќе сакаат да бидат судии отколку обвинители?

Веројатно од сите овие причини за кои зборуваме. Обвинителската работа е многу тешка, макотрпна. Почнува веднаш по самиот кривичен настан и трае до пресуда. Не би сакал да ми се налутат судиите, но со измените во Законот за кривична постапка и со префрлањето на истрагата во Јавното обвинителство, тие во судница добиваат готов предмет. Јавните обвинители и ги истражуваат кривичните дела, и обезбедуваат докази, и ги застапуваат обвиненијата во суд. Дополнително, оваа комплексна улога ја вршат практично со „врзани раце“, односно без соодветните ресурси кои би им ја олесниле работата.

Зошто струшкото Обвинителство не може да го убеди судот во обвиненијата против градоначалникот, толку ли се слаби доказите?

Јавното обвинителство е странка во постапката пред Судот. Сите докази во предметите против струшкиот градоначалник се обезбедени на законит начин и се резултат на макотрпна работа не само на Обвинителството, туку и на полицијата и на други истражни органи. Прашањата зошто тие докази во еден предмет Судот не ги ценеше како доволни за осудителна пресуда или зошто во друг му изрече преблага казна треба да ги упатите на надлежниот суд. Јавниот обвинител не се откажува и ќе ги искористи сите жалбени механизми кои му стојат на располагање.

Хрватскиот закон за ЈО најстрого забранува притисок врз обвинителите од лица од позиција на моќ на друга власт. Да важеше кај нас ова, во колку случаи досега ќе пријавевте кршење на оваа законска одредба?

Лично, не дозволувам никој да врши притисок врз мене. И колегите ги охрабрувам да се отпорни, а секој обид за влијание да го одбиваат и да го пријавуваат. Меѓутоа, искористувањето на медиумите и на јавноста воопшто за политички притисок врз правосудството не е исклучено и кај нас. Потенцирањето на оние фамозни 2% доверба во правосудството за кои никој не знае како се утврдени е токму со таква цел. Иако, ете на пример, во тек е нова анкета на Светската банка во која прелиминарните резултати веќе покажуваат многу поинакви бројки и која се надевам дека наскоро ќе биде и јавно презентирана. Моќта на медиумите и на социјалните мрежи за притисок врз правосудството не е занемарлива, а тоа веќе започнува да го користи и одбраната во дел од предметите, па обвинетите ангажираат и цели ПР-тимови за да се обидат да прикажат поинаква слика од реалната што се случува во судница и со тоа да влијаат на судската одлука. Затоа, од тој аспект, хрватското законско решение ми се чини логично.

Имате ли некогаш дилеми дали системот навистина овозможува правдата да победи, или се чувствувате ограничено?

Тешко е од оваа позиција да се даде единствен одговор на ова прашање. Секој предмет поединечно е нова битка за јавните обвинители. Кога ќе успееме да стигнеме до разрешница, да обезбедиме докази и да добиеме осудителна пресуда, секако дека сум задоволен и јас и јавните обвинители кои постапуваат. Особено кога станува збор за покрупни предмети, од кои и сите граѓани можат да добијат чувство на правда. Од друга страна, во одредени ситуации, навистина чувствувам дека сите како институции, но и секој од нас поединечно, мораме и можеме и многу повеќе. Борбата во која треба да победи правдата е заедничка и само така може да успее.

 

ИЗДВОЕНИ