„За фестивалот го одбравме Дојран затоа што го има потенцијалот да биде средиште кое ќе ги обедини и претстави културните и туристичките потенцијали на цела југоисточна Македонија. Тоа е приказната која почнува од Дојран, а потоа како камче убавина фрлено во езерото во бескрајни сферични кругови ќе се шири на сите страни“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР директорот на филмскиот фестивал „Преку езерото“, што од 7 до 12 август ќе се одржи во еден од нашите познати туристички центри

Јани Бојаџи, режисер, сценарист и продуцент, е роден во 1970 во Струмица, дипломирал и магистрирал режија за филм и ТВ на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, докторира на режија за филм и ТВ на универзитетот „Неофит Рилски“ во Бугарија, вонреден професор е по режија за филм и ТВ на Универзитетот „Еуропа Прима“ во Скопје. Автор е на десетина долгометражни и кусометражни играни и документарни филмови, две играни серии за телевизиите Канал 5 и Алфа. Режисер е на петнаесетина театарски претстави поставени во Македонија, но и автор на неколку драмски текста. Добитник е на повеќе награди и признанија на фестивали во Македонија и во светот. Бил директор на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, а во моментов е директор на филмскиот фестивал „Преку езерото“, чие четврто издание ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран што е повод за разговорот во весникот ВЕЧЕР.

Најавивте богата програма на Фестивалот на балкански и на медитерански филм „Преку езерото“. Што очекувате од годинешното издание?

Ние сме амбициозни луѓе! Како и минатата, така и оваa година очекуваме да бидеме подобри од лани. Во принцип, може да звучи самобендисано, но во овој момент ние се натпреваруваме со самите себе! Јас реално не гледам ниту еден фестивал во Македонија кој е блиску до „Преку езерото“ во трите суштествени работи кои го прават еден фестивал на филм да се нарече фестивал: 1. Ние сме оригинални (наш фокус е балканскиот и медитеранскиот филм), 2. Ние сме уникатни – единствени на овој дел од светот, односно од Битола на југозапад, па сè до Куманово на североисток не постои друг таков фестивал во Македонија! Но не постои ниту во северна Грција од Александрија преку Драма, Кавала и Кукуш, па сè до Солун! Ние сме едни и единствени. И под 3. Ние сме функционални, односно, ја исполнуваме својата функција да бидеме забава, образование и да ја промовираме културата и туризмот! Ова се факти. И убеден сум дека бизнисот и воопшто, регионот на тој дел од Македонија ова веќе го гледа и знам дека ќе се случи експлозија на публика која фестивалот ќе ја препознае како најважен настан во август во овој дел од светот. За тоа немам дилема. На сите ви препорачувам да си купите со време билети за „Преку езерото“ број 5 уште на овој фестивал број 4!

Лазар Ристовски е годинешен лауреат на наградата „Мето Јовановски“. Каква беше неговата реакција за наградата и какви содржини ќе има фестивалот во чест на познатиот српски актер со македонско потекло?

Многу сме среќни што оваa година по вторпат лауреат на наградата „Мето Јовановски“ е големиот српски и балкански актер, Лазар Ристовски. Што да се каже за човекот кој има одиграно преку седумдесет улоги на филм и телевизија? Како да го опишеме човекот кој од Вардар па до Триглав припаѓа на онаа мала и во сè посебна група уметници кои сите ги нарекуваат „наши“ и „домашни“? Немам дилема дека присуството на една таква филмска легенда ќе придонесе за афирмација на делото на најголемиот македонски филмски актер Мето Јовановски на Балканот, на Медитеранот и на светот. Но, и дека ќе биде вистинско задоволство, навистина големата публика која Лазар Ристовски ја има во Македонија, по долго време да го види одблизу, да разговараат за филмот, за уметноста, за животот и за сите убави работи на овој свет. Ристовски ќе има прес-конференција на 7 август во Скопје, интервјуа и разговори со медиумите, на 8 август во Дојран пред учесниците на работилниците за развој и продукција на филм и актерство ќе одржи мастерклас за актерството во уметноста на филмот, а на 9 август, пред свеченото отворање ќе му биде врачена големата Плакета. Подоцна вечерта ќе приредиме забава во негова и во чест на името на Мето Јовановски! Сè на сè, многу му се радуваме и на Лазар му посакуваме добредојде дома, во Македонија.

Фестивалот, освен промоција на македонскиот филм, македонските автори и кинематографијата, има за цел и промовирање на туризмот, историјата и културата во регионот на Дојран, но и привлекување публика од преку езерото. Филм за затворање е „Стелиос“ за грчкиот пејач Стелиос Казанѕидис. Доаѓа ли публика од преку езерото и задоволни ли сте од нејзината бројност?

Така е, основната идеја е да го претставиме македонскиот филм, македонските филмски автори и Македонија воопшто пред нашите гости од Балканот и Медитеранот. Ние можевме овој фестивал да го правиме и во Струмица, или во Штип или Кавадарци, каде ја имаме целата инфраструктура на сепак големи, богати и организирани градови! Но, го одбравме Дојран затоа што Дојран го има потенцијалот да биде средиште кое ќе ги обедини и претстави културните и туристичките потенцијали на цела југоисточна Македонија! Тоа е приказната која почнува од Дојран, а потоа како камче убавина фрлено во езерото во бескрајни сферични кругови ќе се шири на сите страни. Година по година, фестивал по фестивал! Зошто за свеченото затворање на фестивалот во чест на наградените го одбравме најгледаниот грчки филм во последните 10 години, а станува збор за биографска драма за легендата на грчката фолк-музика Стелиос Казанѕидис? Затоа што публиката од двете страни на езерото ја разбира таа приказна, таа музика, таа лудост, таа идеја за светот која нè обединува и ги урива сите граници! И во умот и во телото! Убеден сум дека ова е вистинскиот начин да почнеме од двете страни на езерото да пливаме без граници во умот и да разбереме дека, во суштина, работите што нè обединуваат се сто пати повеќе и поважни од работите што нè разделуваат. Светот на филмот, светот на музиката, уметноста воопшто, ја има таа сила луѓето да ги ослободи од предрасудите на едни за други. Филмот на Јоргос Цимберопулос е вистинскиот бран на духот на кој таа вечер ќе пливаме сите, од двете страни на езерото и така ќе стигнеме Преку езерото.

Фестивалот „Преку езерото“ лани реализираше работилница за развој на сценарија и продукција за дипломски студентски играни кусометражни филмови, каде што многу успешно се претставија студенти од универзитетите за филм и телевизија во Македонија. Сега овие студентски македонски филмови, во продукција на фестивалот, ќе се прикажат на годинешното издание на „Преку езерото“…

Минатата година финансиравме и произведовме три кусометражни играни филмови на тројца студенти по филм и телевизија. Два од нив ќе имаат национални премиери на годинешното издание на „Преку езерото“. Многу сум среќен за филмовите на Софија и Кристијан! И двајцата ги надминаа моите очекувања. Навистина, ама навистина направија филмови кои се повеќе од дипломски и дебитански работи на двајца млади луѓе. Третиот филм има свои специфични постпродукциски потреби бидејќи се работи за филм од жанрот научна фантастика! Е ова, пак, ме прави ептен да ми е мерак што Марија се фати со ваква тема. Затоа, решивме на тој филм да му дадеме уште време, да направиме дополнителни апликации на фондови за комплетирање за да може специјалните ефекти кои се не само визуелна обвивка, туку и драматургија да бидат направени без компромиси. Сè на сè, радости, големи радости се кога гледаш како од јајца се излеваат пилиња кои растат во големи, силни и возвишени птици кои владеат со височините на уметноста на филмот.

Како режисер, сценарист, продуцент и професор по режија за филм и телевизија на Универзитетот „Еуропа Прима“, што мислите, дали и колку може млад филмаџија да успее во нашата земја? Има ли пари и можности за стартување на првите проекти?

Ова е една од оние работи што ми даваат сила. Работи што ми даваат смисла. Работата со млади луѓе кои допрва зачекоруваат во светот на филмот е поголема придобивка за мене, отколку за нив. Јас знам дека учителот е оној што го учи другиот подготвен да научи од него за работи кои нема како да ги знае! Затоа што студентите во себе си го носат својот свет на вредности, на убедувања, на верувања, а на крајот, и на естетика која е посебна и оригинална. Дали има иднина филмот во Македонија? Како никогаш досега. Филмот како уметност, но и како индустрија влегува во фазата во која со помош на вештачката интелигенција ќе ги надмине јазичните, тематските, визуелните и продукциските бариери кои сега ги поставуваат центрите на моќ во Америка и Европа. Буџетите за правење филмови ќе станат возможни за секого. Вештачката интелигенција ќе ја направи уметноста на правење филмови достапна не само до секој филмаџија каде било во светот туку уметноста на филмот ќе биде достапна и за секој креативен и посветен млад човек кој со знаење, вештини и труд ќе може да се претстави себеси и својата уметност пред светот кој нема да има граници. Во таа смисла, убеден сум дека сега е најдоброто време да се биде млад. Да се биде млад филмаџија. Да се биде визуелен уметник, воопшто.

Како ја оценувате македонската кинематографија во моментов?

Во овој момент во македонската кинематографија се одвива процес на ослободување на филмот од мала група луѓе кои дваесет и пет години филмот го доживуваат како бавча која цела Македонија ќе ја сади и одгледува, а само тие ќе ги поседуваат и ќе уживаат во тие прекрасни плодови со кои ја хранат не душата на публиката, туку единствено и само својата суета! Сите други филмаџии во Македонија, за жал, живеат на работ од социјален амбис во паничен страв како да преживеат! Ако итно не се ослободиме од таа самонаречена филмска аристократија, Македонија може да го изгуби оној голем производ на афирмација на културните и уметничките вредности наречен филм. Ова што сега се случува по фестивалите во светот се филмови на оние посветени филмаџии кои за филмот даваат сè што имаат и сè што немаат. Сакам да верувам дека иднината ќе им припадне ним.

 Наташа Илиевска-Таневски; Фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ