– Фактот што беше избран мојот плакат меѓу 33. финалисти од над 1.500 пристигнати дела од целиот свет и доби мотивациска награда, за мене претставува огромна чест и поттик за понатамошна работа. Ова искуство ми покажа дека дизајнот има универзален јазик и дека пораката може да допре многу подалеку од границите на нашата земја – вели Ивана Славковска, студентка на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, насока графички дизајн
На меѓународниот конкурс за социјални плакати во Софија, студентката Ивана Славковска од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, заедно со уште тројца други студенти, е добитник на мотивациската награда од жири-комисијата. Овие награди, покрај трите главни, беа доделени на отворањето на изложбата со селектирани плакати во галеријата „Алма матер“ во Софија, на 17 февруари. Меѓу 142. селектирани плакати за дигиталниот каталог, освен на Ивана Славковска, се избрани и делата на уште тројца студенти на Европскиот универзитет – Скопје: Анастасија Спиркоска, Ангел Стојчевски и Меланија Стојанова.
Инаку, признанието што го доби Славковска претставува голема мотивација за младите дизајнери, кои се вброија во најдобрите седуммина во глобална конкуренција на 1.500 пријавени плакати. Со Ивана, за весникот ВЕЧЕР, зборуваме токму за нејзината љубов кон уметноста, но и за плановите поврзани со уметноста.
Родена е во Свети Николе, град што, како што вели, иако е мал по големина, за неа отсекогаш бил голем како инспирација. Таму го завршила средното образование и таму започнала нејзината љубов кон уметноста – прво преку цртањето, а подоцна и преку пишувањето.
Што значат за тебе учеството и наградата на меѓународниот конкурс за плакати во Софија?
Конкурсот за социјален плакат во Софија и изложбата во галеријата „Алма матер“ ми беа предложени од мојата професорка, проф. д-р Гордана Вренцоска, во рамките на предметот Графички дизајн 1, каде што работевме на темата „Реални светови“. Тоа воедно беше и мое прво учество на меѓународен конкурс. Фактот што беше избран мојот плакат меѓу 33. финалисти од над 1.500 пристигнати дела од целиот свет и доби мотивациска награда, за мене претставува огромна чест и поттик за понатамошна работа. Ова искуство ми покажа дека дизајнот има универзален јазик и дека пораката може да допре многу подалеку од границите на нашата земја.

Кажи ни нешто повеќе за плакатот со кој конкурираше и каква порака носи?
Плакатот е насловен „Ова не е игра“ и се однесува на насилството врз жените, а е решен преку симболиката на играта икс-окс. Наместо играчи, се појавуваат женските симболи и со црвена дијагонална линија ја прекинувам „играта“, со што се потенцира дека ова не е нешто што смее да се третира како забава, статистика или како секојдневие. Минималистичкиот пристап и редуцираниот колорит се во функција на пораката: со малку елементи да се постигнат силна визуелна реакција и јасен став.
Каде сè досега се имаш претставено со твоите дела и дали претставувањето во Софија е прво од ваков вид?
Моите дела беа дел од годишните изложби на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет, а имам учествувано и на конкурси во нашата земја, меѓу кои и со стрип како медиум за визуелно раскажување. Учеството на конкурсот во Софија е мое прво меѓународно претставување.

Дали, освен со плакат, ја претставуваш твојата креативност и преку други видови уметност?
Паралелно со дизајнот, пишувам поезија и моментално работам на мојата прва книга, што претставува мој личен и интимен простор на изразување и многу важен дел од мојот креативен идентитет. Уметноста, за мене, не е само професија, туку и начин на живот и начин на гледање на светот. Ме интересираат илустрацијата, визуелниот идентитет и дизајнот на простор, бидејќи верувам дека дизајнот не е ограничен само на хартија или екран туку може да се живее. Графичкиот дизајн, пак, го избрав затоа што претставува спој на визуелното и на концептуалното размислување. На Европски универзитет добив можност да го развијам мојот авторски пристап, да работам на различни проекти и да бидам дел од годишните изложби на Факултетот за арт и дизајн. Таму започнав да го гледам дизајнот како медиум што може да отвора општествени теми и да носи порака, вели Славковска.
Со оглед дека твојот избор на Европски универзитет – Скопје е графичкиот дизајн, дали и идните планови и проекти се поврзани токму со овој вид дизајнирање или, пак, твојот интерес е многу поширок?
Моментално сум четврта година на студиите по графички дизајн и се наоѓам пред дипломирање – период во кој природно се насочувам кон тоа како да премине моето образование во реални авторски проекти. Мојата цел е да продолжам да работам на дизајн што носи порака и културна вредност. Како дел од тој процес, го создадов „Чао“, мал урбан кафе-бар во Свети Николе, кој целосно го дизајнирав како визуелен и концептуален простор. За мене, тоа е жив пример како функционира дизајнот во секојдневието. Во иднина сакам да го развивам мојот препознатлив израз и да реализирам самостојна изложба. (Д.Т.)












