– Филмот „Самотија“ е трогателна и длабоко човечка приказна за поврзаноста, искупувањето и за малите моменти што можат да променат сè. Ова е филм што нè потсетува дека никогаш не е предоцна да бараме светлина, дури и во најтемните моменти. Но, исто така, и за моќта на емпатијата, човечноста и љубовта – вели продуцентот и режисер Боби Грубиќ, чие краткометражно остварување „Самотија“ ќе ја има својата балканска премиера на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, кој ќе се одржи од 4 до 8 август, во Струмица

Хрватско-американскиот продуцент, режисер и музичар Боби Бошко Грубиќ, добитник на повеќе награди „Еми“, како и на бројни признанија за своите дела, на годинашниов интернационален филмски фестивал „Астерфест“ ќе се претстави со хрватскиот краткометражен филм „Самотија“ (Lonely). Во филмот играат Душко Валентиќ, Свен Јакир и низа други познати актери. Неговото европско потекло и американското влијание создаваат уникатен и разновиден пристап, кој е привлечен, емоционален и допирлив за широката публика. Инаку, Грубиќ, кој е и медиумски консултант и меѓународен предавач на теми поврзани со медиумската конвергенција, продукцијата и маркетингот, дипломирал на меѓународно признатите програми за ТВ-продукција и аудиоиндустрија на државниот Универзитет на Средно Тенеси во Нешвил, ја завршил програмата за професионално продуцирање на Факултетот за театар, филм и телевизија на УКЛА и поседува магистратура по комуникации од Универзитетот „Џон Хопкинс“. Неговото креативно искуство опфаќа документарци, ТВ-реклами, корпоративни видеа, туристички промоции, биографии, играни филмски проекти. Некои од неговите филмски дела може да се гледаат и на „Amazon Prime“.

Вашиот проект, краткиот филм „Самотија“ (Lonely), ќе има балканска премиера на меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“, кој ќе се одржи од 4 до 8 август, во Струмица. Кажете ни што Ве инспирираше да се зафатите со работа на едно вакво остварување и како дојде до негова реализација?

Инспирацијата за филмот „Самотија“ ја најдов во краткиот расказ „Во прегратката на реката“ од најпреведуваниот хрватски писател, Миро Гавран, кој веднаш ме импресионираше и ме привлече, и знаев дека сакам да ја преведам и адаптирам таа приказна во сугестивен краток филм со силни карактерни актери. Пишувањето на Мирo е едноставно, но длабоко и слоевито, што ме привлече кон оваа приказна и нашиот прв заеднички проект.

Што значи учеството на фестивал каков што е „Астерфест“?

На сите во тимот многу ни значи да го прикажеме најновиот филм на Душко Валентиќ на фестивалот „Астерфест“ во Македонија, најмногу затоа што е важен фестивал во регионот, а уште повеќе затоа што знам дека Македонците се вистински љубители на уметноста и сум убеден дека пораката на нашиот филм длабоко ќе ги импресионира… а тие се и одлични домаќини, па затоа со нетрпение очекувам да дојдам на вашиот фестивал. Ова е одлична можност за луѓето што ги ценат драмската фикција и кратките независни авторски филмови да го видат нашиот филм. Во овој филм е последната филмска улога на Душко Валентиќ, која тој мајсторски ја одигра покрај Свен Јакир и многу ми е важно, како и на сите во екипата, филмот да го видат што е можно повеќе луѓе, како во нашиот регион, каде што работеше Душко целиот свој живот, така и во целиот свет, бидејќи пораките на филмот се универзални. Затоа се надевам дека вашиот фестивал ќе биде одлична отскочна штица за мала мини турнеја во регионот и одлична увертира на хрватската премиера на филмот, која е само неколку дена по „Астрфест“, а потоа ќе продолжиме со проекциите во Хрватска и во регионот, а наесен – низ целиот свет.

„Самотија“

Животната приказна што ја третира филмот ги одразува тажните чувства на осаменост и дава чувство за тоа што е важно во животот. Што, според Вас лично, е најважно за еден човек и каква, всушност, порака носи овој филм?

Верувам дека осаменоста е најголемата тема на овој век, и покрај поврзаноста што ја имаме преку новите технологии и социјалните мрежи. Ми беше предизвик да покажам дека осамената личност може да најде нова надеж во време кога изгледа сосема невозможно тоа. Оваа животна приказна ги одразува тежината на осаменоста и копнежот по семејство и ѝ нуди на публиката простор да размисли што е навистина важно во животот. „Самотија“ е трогателна и длабоко човечка приказна за поврзаноста, искупувањето и за малите моменти што може да променат сè, ова е филм што нè потсетува дека никогаш не е предоцна да бараме светлина, дури и во најтемните моменти. Но, исто така, и за моќта на емпатијата, човечноста и љубовта.

Дали е ова Ваше прво учество на филмски фестивал во Македонија и дали сте соработувале со македонски филмаџии досега?

Ова е мој прв настап на филмски фестивал во Македонија и искрено се радувам што ќе дојдам во Скопје и во Струмица. Досега немав можност да соработувам со македонски филмски уметници, но се надевам дека ќе произлезе нешто од моето доаѓање во Македонија.

Вашите филмски и музички проекти се вреднувани во светски рамки, а со оглед на тоа што сте и автор на музика, што, според Вас, е причина да бидат забележани тие, а некои од нив и наградени со престижни филмски, но и музички награди?

Наградите се секогаш добредојдени, особено ако доаѓаат од колеги што се вклучени во истата работа, ве инспирираат и ви даваат дополнителна енергија да работите уште понапорно. Но, добивањето награда е секогаш прашање на време и комбинација од околности. Секако, мора да имате нешто различно за да се издвоите од морето проекти што се произведуваат секоја година во светот. Важно е да бидете различни и да барате сопствен израз, во мојот случај се трудам моите проекти да бидат универзално разбирливи и привлечни, а воедно и емоционално трогателни.

На што работите во моментов и дали во иднина почесто ќе имаме можност да ги видиме Вашите филмски остварувања во Македонија? 

Долгометражниот филм „Заговорниците“ (The Conspirators) е веќе во подготовка, инспириран од една од раните театарски претстави на Гавран, легендата за двајца хрватски благородници, Зрински и Франкопан, кои во 17 век сакале поголема независност за Хрватска во рамките на Австроунгарската Империја, па се побуниле и биле погубени од австрискиот император Леополд. Значи, краткиот филм „Самотија“ беше мал тест да се види колку добро можеме да соработуваме Миро Гавран и јас пред да се впуштиме во многу поголем филмски проект. А, кога ќе биде завршен, се надеваме дека ќе го видиме и во Македонија.

Даниела ТРАЈКОВСКА

ИЗДВОЕНИ