Анета СТОЈЧЕСКА
Според последниот извештај на ФАО, на светските берзи има пад на цените на растителното масло, сончогледовото масло, пченицата, оризот, млечните производи, месото, на шеќерот… Зошто инфлацијата кај нас расте и покрај тоа што цените на струјата и на суровините паѓаат?
Прашањето е сосема легитимно и јас целосно ја разбирам загриженоста на јавноста кога ќе се споредат глобалните трендови со домашната реалност. Сепак, економијата не функционира со моментално пресликување на берзанските цени врз малопродажните цени, особено во мала и увозна зависна економија како нашата. Сакам да укажам на неколку клучни фактори зошто падот на цените на суровините на светските берзи не се чувствува веднаш кај нас, тоа е, пред сè, поради временски јаз и претходно набавени резерви. Нашите компании не купуваат суровини на дневна база, поголемиот дел од нив работат со договори склучени претходно, кога цените беа на највисоко ниво. Суровините кои се купени по повисоки цени мора да се потрошат. Од друга страна, потребни се месеци за да стигнат производите направени со новите, поевтини суровини на пазарот. Тука се и зголемените трошоци за работна сила, кој е клучен фактор. Суровините можеби паѓаат, но трошоците за плати во Македонија драстично растат поради недостигот на работна сила и притисокот за зголемување на минималната плата. За да ги задржат вработените, компаниите мора да одвојат повеќе средства за плати, што директно ја зголемува финалната цена на производот. Исто така логистиката и транспортот влијаат на крајната цена. Иако суровината е поевтина, трошоците за нејзин транспорт до Македонија се сè уште високи. Геополитичките превирања сè уште влијаат на поскапи и на подолги маршрути за испорака. Сериозно влијание имаат и структурните проблеми во домашното производство. Ние сме силно увозно зависни. Кога има пад на светските берзи, тој пад прво го користат големите економии, а додека пониските цени стигнат до македонските мали увозници, поминува време и се натрупуваат маржи од посредници. Како претседател на ССКМ, одговорно тврдам дека македонските компании не ја користат ситуацијата за вештачки да ги држат цените високи. Напротив, во услови на намалена куповна моќ, во интерес на бизнисот е цените да бидат пониски за да се зголеми прометот. Но, инфлацијата е комплексна појава и, во моментов, притисокот доаѓа повеќе од внатрешните трошоци плати, логистика… отколку од цената на самите суровини.
Владата не донесе мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, кој последниве два месеца е повторно на удар на високите цени. Дали на овој начин ги штити интересите на одредени компании, како што тврдат некои од економските експерти?
Како Сојуз на стопански комори, ние цврсто стоиме на ставот дека економијата треба да се води врз основа на пазарни принципи, а не врз основа на популизам или административни решенија, кои често можат да имаат контраефект. Во однос на тврдењата дека Владата преку недонесување мерки „штити“ одредени компании, сакам да бидам многу јасен – бизнис-секторот не бара заштита за остварување екстра профити, туку бара предвидливост и одржливост. Бидејќи сме конструктивен партнер во економијата, ние не сме само критичари туку асоцијација која нуди решенија во интерес на своите членки и на целата економија. Па затоа, ние од претходните искуства знаеме дека кога вештачки ќе се ограничат цените, ризикуваме да создадеме недостиг на производи или да го уништиме домашното производство кое не може да ги покрие основните трошоци. Тоа е поголем удар за граѓаните отколку моменталните високи цени. Заради тоа, наместо Владата да се фокусира само на интервентни мерки на пазарот на мало, ССКМ апелира за фокус на системски мерки – поддршка за зголемување на продуктивноста, намалување на парафискалните давачки и реална борба со сивата економија. Кога компаниите ќе бидат попродуктивни, тие природно ќе можат да понудат поконкурентни цени. Мора да се разбере дека и компаниите се граѓани на оваа држава во економска смисла – тие плаќаат струја, суровини и плати кои постојано растат. Не може да се зборува за „заштита на компании“ во услови кога многу мали и средни претпријатија се борат за опстанок поради зголемените трошоци за работа. Затоа, не се согласувам со тезата за свесно „штитење“ на нечии интереси. Сметаме дека е потребен конструктивен дијалог меѓу Владата и бизнис-секторот за да најдеме решенија кои ќе ја зголемат понудата и ќе ја зајакнат конкуренцијата, што е единствениот природен начин за стабилизирање на цените во интерес на граѓаните.
Дали казните што ги најавува власта за непочитување на Законот за нефер трговски практики може да ги опаметат трговците и да го запрат дивеењето на цените?
За ССКМ, воведувањето ред и фер конкуренција на пазарот е врвен приоритет и затоа ја поддржуваме иницијативата на Владата преку Законот за нефер трговски практики да создаде јасни и транспарентни правила на игра меѓу сите учесници во синџирот. Што се однесува до казните и до нивниот ефект, ССКМ цврсто стои на ставот дека правилата мора да важат за сите еднакво. Целта на овој закон не е репресија, туку дисциплина. Казните ги гледаме како инструмент за заштита на сите оние компании кои работат чесно и согласно со правилата, од оние што евентуално би се обиделе да ги изиграат. Веруваме во намерата на Владата дека поентата не е казнувањето по секоја цена, туку приспособувањето на бизнисот кон новите правила. Потребен е период на усогласување каде што преку дијалог ќе ги разјасните сите недоумици, со цел законот да ја постигне својата цел – стабилизирање на пазарот без непотребни шокови. Нашата заедничка цел со Владата е граѓаните да добијат фер цени. Законското уредување е еден чекор, а вториот е продолжување на соработката за намалување на влезните трошоци за компаниите, енергија, логистика…, што природно ќе доведе до долгорочна стабилизација на цените. Затоа, сметаме дека комбинацијата од јасни правила и санкции за нивно непочитување и партнерски дијалог за економска поддршка е вистинскиот пат до функционален систем.
Останувате ли на ставот дека зголемувањето на минималната плата ќе биде дополнителен удар за малите и за средни компании кои и онака се борат со ликвидност и едвај обезбедуваат пари за плати на вработените?
Да, ССКМ останува на тој став бидејќи тоа не е политичко мислење, туку економска реалност поткрепена со бројки од теренот. Не сакам да бидам погрешно разбран, бизнис-секторот сака да плаќа повисоки плати, бидејќи тоа е единствениот начин да ги задржиме квалитетните кадри во земјава. Сепак, зголемувањето на платите мора да биде резултат на зголемена продуктивност и на економски пораст, а не на декрети. Ова е сериозен удар, особено за малите и за средните претпријатија затоа што се прави директен притисок врз ликвидноста. Како што забележувате, многу компании веќе работат на работ на рентабилноста. Административното зголемување на минималната плата за нив не е само поголем трошок за плата, туку и поголеми придонеси кон државата. За компанија со тенка ликвидност, ова може да значи затворање или префрлање во сивата зона. Зголемувањето на минималната плата креира домино ефект, односно повлекува притисок за скалесто зголемување и на останатите плати за да се задржи хиерархијата и мотивацијата. Тоа драстично ги зголемува вкупните трошоци за работење. Докажано е и во теорија и практика дека кога платата расте побрзо од продуктивноста, тој трошок мора да се прелие некаде – или ќе се намалат инвестициите во развој, или ќе се зголеми финалната цена на производот, што, пак, стимулира инфлација, или во најлош случај, ќе дојде до намалување на бројот на вработени. Ние апелираме за решенија кои ќе ѝ помогнат на економијата да стане попродуктивна преку дигитализација и нови технологии. Само така ќе дојдеме до одржливо зголемување на платите, кое нема да биде на штета на опстанокот на компаниите.
Дали зголемувањето на земјоделското производство и на преработката на храна треба да бидат една од стратешките цели на државата во иднина?
Апсолутно. Не само што треба, туку тоа мора да биде врвен стратешки приоритет за Македонија. Во услови на глобална геополитичка нестабилност и климатски промени, прашањето за храната веќе не е само економско прашање, туку станува прашање на национална безбедност. Поради тоа, ние се залагаме за намалување на увозната зависност. Срамота е земја со вакви природни предиспозиции да увезува основна храна. Со зголемување на домашното производство, директно ќе влијаеме на стабилизација на цените и ќе ја намалиме изложеноста на македонската економија на шокови од меѓународните берзи. Креирање на додадена вредност преку преработка, односно извозот на сурови земјоделски производи носи мал профит. Стратешка цел мора да биде поддршка на преработувачката индустрија. Наместо да извезуваме суровина, треба да извезуваме финални производи со висока додадена вредност – преработки кои ќе бидат конкурентни на европските пазари. Тоа значи повеќе фабрики, повеќе вработувања и повисок БДП. На ова, логично, се надоврзува потребата за модернизација и за дигитализација. Но, ова не значи враќање кон традиционалното, екстензивно земјоделство. Потребна е државна поддршка за воведување модерни технологии, системи за наводнување и „паметно земјоделство“. Само така можеме да бидеме конкурентни со цените и квалитетот. ССКМ е подготвена со своите експертски капацитети да учествува во креирањето на ваква долгорочна стратегија, која ќе ги поврзе примарното производство, преработката и пласманот. Ова е инвестиција во стабилна иднина на државата. Токму и проектот ИННОФЕИТ ЕДИХ, каде што сме партнери, го насочуваме во тој правец, односно нудиме развој на дигитални решенија со 0 трошок за компаниите и за стопанствата.
Младите си одат, имаат ли компаниите стратегија како да ги задржат или потребите ќе ги задоволуваат со увоз на работници од далечните источни земји?
Ова е прашањето што не ни дава да спиеме. Одливот на млади луѓе не е само економски, туку е егзистенцијален проблем за нашата држава и за бизнисот. Сакам да бидам јасен, првата и основна стратегија на македонските компании е да ги задржат домашните работници. Увозот на работна сила од далечни земји не е ниту прва опција ниту е лесно решение. Тоа е изнуден потег за да се одржи производството и да не се затворат фабриките. Тој процес е скап, комплициран и носи културолошки предизвици. Според ССКМ, за да ги задржат младите, компаниите треба да комуницираат јасно и покрај сите тешкотии за кои зборував претходно, компаниите континуирано ги зголемуваат платите за квалитетниот кадар надвор од административните влијанија. Се инвестира во подобри работни средини, дополнителни бенефиции, здравствени осигурувања. Исто така, свесни сме дека за младите не е важна само платата, туку и можноста да напредуваат. Компаниите сè повеќе инвестираат во обуки, менторство и јасно дефинирани кариерни патеки за да им покажат на младите дека тука имаат иднина. Ние во ССКМ интензивно работиме на поврзување на образованието со бизнисот. Целта е младите да влезат во компаниите уште додека учат, да добијат стипендии и да видат дека постојат сериозни, модерни македонски компании каде што можат да се реализираат. Сепак, компаниите не можат сами. Можеме да дадеме европска плата, но ние, како асоцијација на компаниите, не можеме да дадеме европско здравство, европско образование или европска инфраструктура. Задржувањето на младите бара заедничка стратегија: бизнисот да понуди добри работни места, а системот да е функционален и да понуди квалитетен живот. Дури кога ќе ги исцрпиме сите можности за активирање на домашниот пазар на труд, тогаш увозот на работници станува неминовност за опстанок.
Ги следат ли компаниите промените на пазарот на трудот и дали ги спуштија критериумите за вработување, односно дали бараат повеќе работници со вештини отколку со дипломи и со работно искуство?
Ова е одлично прашање кое ја отсликува длабоката трансформација на пазарот на труд. Јас не би рекол дека компаниите ги „спуштија“ критериумите, туку дека ги редефинираа и ги модернизираа. Пазарната реалност и недостигот на кадар ги принудија компаниите да станат многу пофлексибилни и поинвентивни. Таа промена се рефлектира согласно со условите. Точно е дека вештините се пред дипломите. Тоа е глобален тренд кој интензивно се применува и кај нас. Дипломата е сè уште важна за одредени регулирани професии, но за мнозинството работни места во реалниот сектор, суштинско е што знаеш да работиш, а не каде си учел. Компаниите бараат конкретни технички вештини, но уште повеќе т. н. „меки вештини“ – способност за учење, приспособливост, тимска работа и решавање проблеми. Бидејќи не можат да најдат кадар со готово работно искуство, компаниите сè повеќе вработуваат луѓе со потенцијал и силен мотив за работа, а потоа самите инвестираат во нивна обука и во преквалификација. Ова е огромна промена – компанијата станува и едукатор. И дополнително на ова, сè повеќе се потпираме на дуално образование како модел. Така и ССКМ силно го поддржува овој модел бидејќи тој е токму тоа – градење вештини уште во текот на образованието. Така добиваме млади кои на 18 или на 20 години веќе имаат вештини, иако немаат формално работно искуство во кратката биографија. Сакам да подвлечам и да потенцирам дека бизнисот е прагматичен. Ако пазарот не нуди кадар со искуство и со дипломи, компаниите сами ќе создадат кадар преку вештини и обуки. Тоа е единствениот начин да се опстане и да се развива производствениот процес.
Сојузот на стопански комори беше казнет со 2.000 евра за откриеното картелско здружување на четири компании, членки на ССК. Дали тоа го наруши угледот и на кој начин ќе го вратите и ќе ја издигнете Комората на едно повисоко ниво?
Ова прашање ќе ви го одговарам со целосна искреност и сериозност. Секое обвинување, а особено казна поврзана со картелско здружување, е сериозен предизвик за репутацијата на која било институција, вклучително и на ССКМ. Не ја релативизираме ситуацијата, важно е да се нагласи дека оваа казна е последица на работењето на претходното раководство на ССКМ. Како што е познато, Собранието, како највисок управен орган на Комората, го делегитимираше, го разреши тоа раководство и го избра новиот тим со јасен мандат за прочистување и за враќање на интегритетот. Со ова прочистување на организацијата, ние јасно ставаме до знаење: дека во иднина, вакви работи нема да се случуваат и дека ССКМ ќе работи наполно во склад со законите и со принципите на фер конкуренција. Моја задача како претседател е да гледам напред и да дејствувам. Ние ќе се справиме со ова и ќе ја издигнеме Комората на повисоко ниво преку воведување строги процедури. Воведуваме засилени процедури за усогласеност во работењето на сите органи и тела во Комората. Нашата цел е сите состаноци и активности да бидат во согласност со Законот за заштита на конкуренцијата. Исто така, работиме на ревизија на Етичкиот кодекс на ССКМ, кој ќе биде обврзувачки за сите членки кои сакаат да бидат дел од телата на управување. Сакаме да изградиме култура каде што конкурентноста се заснова на квалитет и иновации, а не на договори. Што се однесува до угледот – ќе го вратиме и ќе го зголемиме преку конкретни резултати за бизнисот – со решенијата за дигитализација, поддршка за извоз и дуално образование. Нашата цел е ССКМ да биде препознаена како двигател на модернизацијата на македонската економија. Верувам дека институциите се препознаваат по тоа како реагираат кога се соочуваат со предизвици. ССКМ од ова ќе излезе посилна, потранспарентна и со уште појасни принципи за фер пазарна конкуренција.












