„Недозволиво е само отворањето да биде настан на еден фестивал што се подготвува во текот на целата година, непрофесионално е, но нам ни се случува. Зошто? Затоа што најмалку време, средства и енергија се одвојуваат за промоција за тоа што сте го намениле за публиката. Меѓу другото, за тие нечии забави плаќа народот, но кој го прашува и кој го гледа народот, битна е промоцијата на некои ликови и добрите хонорари“, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР долгогодишната новинарка и филмска критичарка Гена Теодосиевска

Јубилејното 10. издание на МФФ „Киненова“ беше отворено со документарниот филм „Загубениот тим од соништата“ на хрватскиот сценарист и режисер Јуре Павловиќ, а годинава фестивалот до 5 октомври ќе прикаже повеќе од триесетина филмски наслови, кои според организаторите, се вистински манифести на автори кои се бескомпромисни, смели, јасни и гласни. На свеченото отворање што се одржа синоќа, во Националната опера и балет, на македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски и на норвешкиот писател и режисер Даг Јохан Хагеруд им беше врачена наградата „Златна грива“ за особен придонес во филмската уметност. Годинава добитник на наградата „Златна грива“ за животен опус е Лив Улман, една најголемите европски актерки, позната и како „муза“ на шведскиот режисер Ингмар Бергман. Актерката (86 г.) не дојде во Скопје, но испрати писмено обраќање во кое се заблагодари за признанието. Повод за разговорот со Гена Теодосиевска, уметнички директор на „Киненова“, долгогодишна новинарка и филмска критичарка е фестивалот, но и актуелните филмски состојби во нашата земја.

Како уметнички директор на „Киненова“, во чиј тим сте од 2021/22 г., фестивалот, покрај тоа што прикажува дебитантски филмови и промовира млади филмски автори, што ја носи неговата посебност, естетика?

МФФ „Киненова“ е единствениот филмски фестивал во Скопје кој континуирано ги одржа своите изданија и во најголемите кризни години, не само оние две кога имаше Ковид кинокриза, туку и потоа, бидејќи многу постари од него не ја издржаа битката со административните пречки, ниските буџети и со лошите менаџирања. Не велам дека сè во „Киненова“ е совршено, но дури и на финансиска штета за многумина од нас, ние ја продолживме нашата мисија. Да, звучи патетично од оваа дистанца бидејќи јас организирам вакви фестивалски промотивни и културно-образовни настани од 1989 година, значи од минатиот век, и многу добро знам да работам и со достоинствен буџет и со понижувачки буџет и без буџет. Дебитантскиот филм го носи предзнакот на свежа идеја, ново име, силни емоции, храброст во креативниот израз, особено кога се обработуваат стории со социјален и политички контекст, а поединецот е во центарот на случувањата. Такви естетики ние избираме. Затоа годинава специјалните награди ги добиваат такви смели автори како нашиот мајстор на филмската фотографија, Владимир Самоиловски, сценаристот и режисерот од Норвешка, Даг Јохан Хагеруд, добитник на годинешната берлинска „Златна мечка“, затоа „Автор во фокус“ ни е српскиот режисер, сценарист и продуцент Срдан Голубовиќ, кој со своите играни филмови „Апсолутните 100“, „Стапица“, „Кругови“ и „Татко“ ги освои срцата на фестивалската публика, но и на меѓународната филмска критика. „Киненова“ е средиште на автори и луѓе од кои многумина не се стеснуваат и „големи товари“ да носат сами.

Претходните изданија на „Киненова“ се одржуваа во втората половина на октомври. Зошто започнувањето годинава се доближи до друг филмски фестивал? Колку во Македонија има филмска публика, па фестивалите да се одржуваат еден по друг, како на лента? Се размислува ли за интересот на публиката?

Забелешката ви е на место, октомври е месец на „Киненова“, и ние навлегуваме во него со нашата програма, но започнавме порано, од едноставна причина што сакавме ова 10. јубилејно издание да го одбележиме и да го направиме во поголема сала за што поголем број посетители и публика да имаат шанса да можат да присуствуваат. Датумите се менуваат понекогаш заради гостите, понекогаш заради други објективни причини. Националната опера и балет ни ја даде најповолната понуда, имаа разбирање за нашиот скромен буџет, но единствените термини што тие ги имаа се кон крајот на септември, бидејќи и тие ја започнуваат следната недела својата сезона на претстави и настани. Затоа е малку порано и да, за жал, навлегуваме во термините на еден друг фестивал, кој за среќа, пак, има друга целна група, тоа е фестивал за млади. Во Македонија нема координација во однос на настаните при промоција на филмската уметност во фестивалски изданија. Постојат повластени фестивалски организатори кои го добиваат целото внимание и оние оставени на маргините сами да се снаоѓаат. Се согласувам, кај нас има многу фестивали „по глава на жител“. Јас не сум против фестивалите, но не може сите фестивали да бидат финансирани од Агенцијата за филм на РС Македонија. Потребна е стратегија која ќе ја предложат познавачи на овие состојби, а не случајни луѓе, потребни се критериуми кои фестивалите би требало да ги исполнат за да бидат финансиски истретирани на достоинствен начин. Вака, во оваа состојба, најмоќните кои што со години ги кршат правилата ќе го добиваат и тоа што според многу правила не им следува. Јас ги охрабрувам општините да им се приклучат на организаторите на фестивалите во нивните средини и да изградат партнерство за промоција на овие креативни настани во име на визуелната култура и образовните процеси за нашите граѓани. Уште подобро е кога тие организатори би селектирале програма која е оригинална, која ќе биде само кај нив прикажана, а специфична, тогаш и јас ќе одам во Кратово, Кичево, Гостивар, Крива Паланка, Делчево, Гевгелија, Свети Николе. Малку се мисли на интересот на публиката, особено малку се мисли на интересот на публиката вон Скопје и Битола, тоа е недозволиво по толку многу години финансирање на филмски фестивали. Ние последниве години се обидуваме да имаме проекции и во Охрид, Велес, а годинава и во некои други градови. Но, тоа сè уште е недоволно, според мене. Многу зависи од буџетот кој ви е доделен. „Киненова“ има буџет од само 1 милион денари, а нуди програма како за 2,5 милиони денари. Ова е сосема објективна процена, бидете сигурни, точно знам што говорам.

„Киненова“ одбележува 10 години. Ќе ги надмине ли детските болести – ќе ја подобри ли организацијата, ќе почнуваат ли проекциите во закажаниот термин, ќе стигнат ли наградите навреме за да се врачат на лауреатите?…

Да, новинарите никогаш не забораваат, го почитувам тоа, ве разбирам, сум била на вашето место. Ќе се потрудиме да нема грешки, доцнења, никој не е совршен, но би замолила, кога ќе направиме грешки покудете нè, но и пофалете нè кога ќе согледате дека има зошто.

Имате богато искуство како селектор, уметнички директор и директор на ИФФК „Браќа Манаки“ (2008 – 2020). Во кој дел најмногу можете да придонесете за „Киненова“?

Моето богато искуство ми овозможи да придонесам во повеќе сегменти на овој фестивал. Пишувам текстови, најави, селектирам програми, давам совети, пречекувам гости, преговарам, разговарам, водам работилници, претставувам автори, промовирам филмски наслови, работам на фестивалскиот каталог. Освен делот за техника и филмските проекции, вклучена сум во сè. Јас сум вешта во менаџирање со луѓе и програма. Ги почитувам сите вклучени во процесот, одговорно ја бирам програмата што сакам да ја презентирам. Сите членови на екипата понекогаш навлегуваат во работата на другите, така се надополнуваме, имаме таква атмосфера. Заедно ги решаваме и проблемите и јас, и Небојша, и Игор, и Невена, и Димитар, и Бранка, и Ирена, и Петар, и Викторија и Филип, Зорица, и Искра… На „Киненова“ ѝ се приклучив во 2021 година, на нивното петто издание на покана на директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ, кога највисоката награда за животен опус ја доби извонредната унгарска режисерка и сценаристка, Илдико Ењеди. Во „Милениум“ имавме едно сосем друго отворање на „Киненова“. Беше незаборавно, барем за мене.

Милениум денес е оставен, запуштен, осамен, како мртов агол во Трговскиот центар, каква штета, каква срамота. Единственото вистинско наменско кино во Скопје (не ги имам на ум големите кино комплекси). Ние од минатата година почнавме да прикажуваме фестивалска програма во „Киноверзум“, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела вода. Општината ни ја даде својата огромна поддршка. Тоа кино нуди одлична проекција. Низ годиниве соработуваме и со Кинотеката на С Македонија и со Младинскиот културен центар.

Како познавач на филмските состојби, можете ли да ми кажете дали и колку филмските фестивалите во Македонија личат еден на друг, колку привлекуваат публика (освен отворањата и по некој проекција, салите зјаат празни), колку кај нас има критична маса за квалитетни филмови? И што мислите за филмските ревии кои се нарекуваат фестивали?

Нема да заобиколувам отсекогаш сум мислела дека голем број од фестивалите се одржуваат заради формата бидејќи никој не им „дише во врат“ за суштината, за концептот на фестивалот, за изборот и влијанието на програмата врз публиката и за квалитетот на креативните продукции кои ги нудат. Ние, филмските критичари, членови на ФИПРЕСЦИ, отсекогаш сме го воочувале тоа и сме пишувале за тој  момент. Но, знаете, ние и не сме ни уредно поканувани на фестивалите во нашата земја, а камо ли испочитувани. Не сме им по ќеф на организаторите. Срамно… што да кажам, а по ќеф сме им кога сме дел од меѓународните жирија на познатите фестивали, и кога има наш филм во некоја од натпреварувачките програми. Наша работа… ама не е баш така, нели.

Недозволиво е само отворањето да биде настан на еден фестивал што се подготвува во текот на целата година, непрофесионално е, но нам ни се случува. Зошто? Затоа што најмалку време, средства и енергија се одвојува за промоција за тоа што сте го намениле за публиката. Меѓу другото, за тие нечии забави плаќа народот, но кој го прашува и кој го гледа народот, битна е промоцијата на некои ликови, добрите хонорари. Таквите ревијални настани треба да ги организира Агенцијата за филм, бидејќи според сите мои сознанија, секоја земја во која постои фонд, агенција или Институт кои ги регулираат филмската продукција, промоцијата и финансирањето на сето тоа, имаат обврска на крајот од годината или на почетокот на следната да ги прикажат сите продукции кои таа институција ги има финансиски субвенционирано во годината што изминала. Секој друг начин на промовирање на овие филмови е невнимателен избор на институцијата.

А тие ревии добиваат два до трипати повеќе средства од еден независно подготвен и организиран фестивал што ги содржи сите неопходни критериуми да биде подобро евалуиран од телата кои одлучуваат за тоа. Не говорам само за „Киненова“. Постојат и фестивали кои јас ги нарекувам „пикник“ фестивали и „забави на плажа“, „коктел“ фестивали итн. Сериозна држава не би требало да си го дозволи тоа, затоа апелирам да се стави крај на овие приватни забави.

И сосема сте во право, отворањата на фестивалите се местата да бидеш виден и забележан, а програмските содржини остануваат игнорирани, со чест на исклучоците, кои ги има. Дури и студентите од Академиите за драмски уметности не се интересираат за нив. Ужас, но тука, пак, улога има промоцијата и маркетиншкиот елемент, за кој многумина од организаторите не се обучени или, пак, воопшто не ги ни интересира, или немаат средства да платат маркетинг-агенција. Ова е многу важен сегмент од едно фестивалско издание. Да, социјалните мрежи донекаде помагаат, но дали само така треба да ги привлечеме нашите граѓани за да видат барем дел од она каде отишол и нивниот денар. Но, од друга страна, како да им помогнеме на младите од малите места, од приградските населби да видат квалитетна филмска продукција. Патната инфраструктура 30 години е необновена, тие и да сакаат не можат да дојдат, а да одиме ние кај нив нема каде, и нема на што да ги прикажеме програмите кои би ги подготвиле за нив. Еден непријатен круг на околности, за кои многумина не се виновни, но некои се. Тажен е фактот дека кој било од вистинските, чесните фестивалски организатори ќе вложат напор, знаење, умеење, ќе молат да добијат одличен филм од дистрибутерите кои ги направивме најважни и најмоќни за барем малку поевтина цена за прикажување, а филмот ќе го види само публиката во Скопје. Жално, нели. Недозволиво за една мала и сè уште сиромашна земја како нашата, или, пак, многу е богата, а јас на очи слепа сум и не знам…

Долгогодишна новинарката, филмска критичарка, член на  Македонската секција на ФИПРЕСЦИ. Како го оценувате македонскиот филм? Сè повидлив е на светските реномирани фестивали, носи значајни и вредни награди. Го научија ли македонските филмаџии рецептот за успешен фестивалски филм? Дали се приспособија, дали ги обработуваат мејнстрим темите? Дали престанаа или, напротив – не престанаа да раскажуваат локални македонски приказни?

Ако нема копродукции, македонскиот филм не би го добил посакуваниот резултат. Повеќето од филмаџиите го научија овој рецепт и повеќе или помалку успешно го применуваат. Но, за да се добијат копродуценти е потребно професионално подготвено напишано сценарио, а некаде и многу често пријатели и блиски релации. За да се мотивираат копродуцентите и оние што одлучуваат во европските фондови треба да знаете како да ја „продадете“ приказната, а приказната мора да има и локален, но во исто време и универзален контекст. Некои од локалните приказни се мошне неуко прикажани, без истражувања за одредени состојби, а некои се стамени стории. Тоа го покажаа и Милчо Манчевски и Ѓорче Ставрески и Марија Апчевска, но во актуелниов момент и Тамара Котевска и Ѓорѓи Унковски. Во нивните филмови постои сериозно истражување. И лобирањето треба да е дел од таа стратегијата. Нашите филмови се прикажуваат на меѓународни филмски фестивали низ целиот свет, некои од нив и на фестивалите од А-категорија. Тоа е добро, но некои од нив, и покрај тоа што беа целосно финансирани од Агенцијата за филм, публиката ги нема видено. Тие продуценти треба да сносат одговорност. Секој што не си ја завршил работата, треба да сноси одговорност. Тука мора да сме одлучни. Но, кој ме прашува мене… ха,ха.

Наташа Илиевска-Таневски

ИЗДВОЕНИ