– Сакам читателите да ја запомнат не само приказната во книгата туку и прашањата што ги поставува. Сакам да излезат и сами да истражуваат, а книгата да им даде нешто ново. Со текот на времето, тие би можеле да го заборават точниот заплет, кои биле главните ликови или како завршила. Но, атмосферата и пораката треба да останат со нив. Тоа е она што ја прави книгата навистина добра – не само лесно четиво што ви лета низ главата и исчезнува – вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР современата чешка писателка Петра Клабоухова, учесничка на годинашниот фестивал за европска литература „Букстар“

 

Фестивалот за европската литература „Букстар“ (BookStar) и годинава, во рамките на своето 11. Издание, кое се одржува во Културно-информативниот центар во Скопје, е домаќин на познатите европските имиња од светот на книжевноста. Токму со Петра Клабоухова (Чешка), која е еден од учесниците на фестивалот, за весникот ВЕЧЕР зборувавме за нејзиниот ангажман како писател, за книгите и за предизвиците, за нејзините романи, за пораката што таа лично, но и европската литература ја упатува кон читателите… Таа првпат гостува во Македонија на еден ваков книжевен фестивал и, како што посочува, се радува за средбата со своите колеги, автори од Европа, но и од земјата домаќин, со кои има можност да размени искуства на различни теми. Клабоухова (1980) е современа чешка писателка и новинарка. Работела како музички менаџер за независни рок-артисти во Европа и во САД, каде што организирала и концерти во живо. Интересно е што таа ги претставувала рок-бендовите „Холивуд вемпајарс“ (основан од Алис Купер, Џони Деп и Џо Пери), „С.Е.К.С. Дипертмент“ и „Рокенрол ерми“ на нивните турнеи низ Европа, САД и низ Јапонија и учествувала во продукцијата на нивните музички албуми. Авторка е на десетина книги – романи за деца и за возрасни.

Вие сте новинарка, писателка, но и сте активни во музичката индустрија. Што е најголем предизвик за Вас, со оглед на бројните ангажмани што ги имате? Во што уживате најмногу и како ги спојувате овие професии?

Музиката и литературата се многу слични, за мене. Често се обидувам да им дадам на моите книги вистинска мелодија помеѓу зборовите, добрите рефрени… А во песните, бендовите што ги претставувам се обидуваат да раскажат приказни, мисли и емоции. Двете области денес се соочуваат и со слични предизвици: подемот на Интернетот, нелегалното преземање, вештачката интелигенција и намалениот интерес кај новата генерација. Можеби, најтешкиот дел од литературата, за мене, е слушањето приказни на преживеаните и можноста да му ги пренесам на читателот на начин што му овозможува да ја доживее судбината на жртвите. Рок-музиката, од друга страна, е поголемо олеснување за мене. Уживам во неа – во патувањата, турнеите, откривањето нови земји… Мојата главна работа е да се осигурам дека сите музичари се враќаат дома живи и здрави и, доколку е можно, со чисто криминално досие. Досега успеав да го направам тоа.

Во Македонија се преведени две Ваши книги – „Кај северниот ѕид“ и „Изворите на В’лтава“. Двете книги обработуваат тема инспирирана од минатото на Вашата држава, режим кој, велите, „некои“ го сметале за добар и воени злосторства на чешко-германска граница. Што е, всушност, она што Ви ја поттикнува желбата да  ги откриете нештата и, преку приказната, на површина да ја извадите долго премолчуваната вистина, целосно соголена?

Како дете, сакав да бидам археолог (го обожавав Индијана Џонс) или полицаец. Но, животот продолжи понатаму и јас станав новинар. Во моите книги, сега ги комбинирам сите три професии. Уживам да навлегувам во минатото, да следам траги, да пронаоѓам сведоци и да ги изнесувам на виделина приказните што времето неправедно ги закопало. Можеби, ова е и затоа што моето семејство – моите баба и дедо  потекнуваат од областа каде што се одвива мојата книга „Изворите на Влтава“, а јас пораснав со приказни за тајни, предавство, војна и за прошка. Наместо бајки пред спиење, баба ми ми раскажуваше за подземни тунели, тајна фабрика на Хитлер и за концентрационен логор скриен во шумата, на мало растојание од нашиот дом. И дури и денес, шумите наоколу сè уште ги раскажуваат своите приказни, само треба да знаете како да слушате.

Во Вашите книги детално ги разработувате психолошките профили на главните ликови, што дополнително ја зголемува нивната атрактивност за читателската публика. Но, што е она што сметате дека најмногу го привлекува читателот во делата на еден современ писател, независно од која држава доаѓа, заплетот, чувствата, дијалогот?…

Потрагата по вистината. Верувам дека читателите, конкретно кај мене, уживаат да ме следат по трагите од минатото и да ја бараат вистината страница по страница. Да откријат што се случило навистина тогаш. Да можат да го посетат местото потоа, да положат цвеќе, да запалат свеќа и да се сетат. Да бидат дел од таа историја.

Сметате ли дека денес, во време на Интернетот и на социјалните мрежи, кога се сите во трка по подобра егзистенција, книгите (во своето хартиено издание) се помалку барани, а бројот на нивни читатели се намалува или имате сосема друго мислење?

Неодамна влегов во светот на сериозната литература, па затоа ми е тешко да правам споредби. Но, слушнав дека, генерално, продажбата на книги полека опаѓа од година на година. Секако, постојат нови формати, а понекогаш и јас уживам да се префрлам на нив. Е-книгата е многу попогодна кога патувам низ светот со рок-бенд отколку да носам полн куфер книги. И сакам да слушам аудиокниги додека ја чистам бањата или пред спиење, кога ми се уморни очите од пишување. Но, книгата е книга. Држењето во раце дава поинакво чувство – отсекогаш сум го сакала мирисот на страниците и на мастилото. Верувам дека никогаш навистина нема да излезе од мода.

Дали треба да се обидат читателите да извлечат поука од секоја книга и да ја разберат пораката што сака авторот да ја пренесе?

Се надевам дека е така. Токму затоа пишувам. Сакам читателите да ја запомнат не само приказната туку и прашањата без одговори. Сакам да излезат и сами да истражуваат за книгата да им даде нешто ново. Со текот на времето, тие би можеле да го заборават точниот заплет, кои биле главните ликови или како завршила. Но, атмосферата и пораката треба да останат со нив. Тоа е она што ја прави книгата навистина добра – не само лесно четиво што ви лета низ главата и исчезнува.

Која е, пак, пораката што сакате да им ја пренесете на читателите преку Вашите книги?

Моите книги раскажуваат вистински приказни за вистински луѓе – жртви на војни, политички режими и човечка суровост. Не сакам читателите едноставно да се чувствуваат трогнати и да ронат солзи по моите страници. Низ сите овие приказни, сакам да кажам: Престанете да се мразите едни со други! Не дозволувајте да бидете поделени! Во семејствата, меѓу пријателите, во вашата земја. Сите страдања, војни и диктаторски режими на крајот најмногу ги повредуваат обичните луѓе. Нас, вас, нив. И никогаш не може да бидете сигурни дали стоите на вистинската страна од историјата. Најлошите работи секогаш се случуваат „за поголемо добро“, од омраза кон другите. Мирот трае само додека повторно не бидеме поделени со нови знамиња и војни, крстови и решетки, а со нив доаѓа и омразата.

Даниела ТРАЈКОВСКА

Фото: Ирена Карпишкова

 

ИЗДВОЕНИ