Македонија има значаен, но сè уште недоволно искористен туристички потенцијал. Културното наследство, природните убавини и автентичните искуства ја издвојуваат земјата како привлечна европска дестинација. Охрид, планините и руралните подрачја нудат можности за одржлив и „slow travel“ туризам, смета шпанската советничка за туризам, Бланка Перез Саукило, која неодамна престојуваше во Македонија. Во интервју за весникот ВЕЧЕР, таа истакнува дека спојот на византиската, османлиската, балканската и на словенската култура ја прави земјава исклучително привлечна за културен туризам и дека Македонија е одлична дестинација за природен и активен туризам, со планински пејзажи што не се пренатрупани, како Националниот парк „Маврово“, и со уникатни места како што е кањонот Матка. Таа посочува и дека земјава нуди помала туристичка заситеност во споредба со соседите Хрватска и Грција, а истовремено и поприродни, поавтентични искуства во директен контакт со локалното население, но наведува дека треба да се подобри туристичката инфраструктура: транспортот, патиштата, сигнализацијата, како и сместувачките капацитети, особено во руралните области, каде што е доста ограничена понудата.
Таа посочува дека за зголемување на бројот на туристи меѓу двете земји, како и за интензивирање на економската и на културната соработка, поврзаноста е првиот чекор и е од суштинско значење, но, исто така, се неопходни и промоција и маркетинг, односно подобро запознавање на Македонија во Шпанија и обратно. Порачува дека гастрономијата и винскиот туризам може дополнително да ја збогатат туристичката понуда на земјава. Според нејзината прогноза, покрај обновената авиолинија Скопје – Барселона и новата линија Скопје –Мадрид, потенцијалните идни линии би можеле да бидат со Малага и/или со Палма де Мајорка, две дестинации што се доста популарни на балканските пазари. Интервјуто беше реализирано во Скопје, во присуство на амбасадорот на Шпанија во Македонија, Рафаел Соријано Ортиз, што дополнително ја потврдува важноста на туристичката и на културната соработка меѓу двете земји.

Добре дојдовте во Македонија! Каков е Вашиот прв впечаток за државата од стручен аспект, има ли потенцијал за развој на туризмот?
– Првиот впечаток за земјата беше позитивен. Северна Македонија располага со значајно културно и историско наследство, при што градот Охрид, светско наследство на УНЕСКО, е нејзин најголем бисер. Спојот на византиската, османлиската, балканската и на словенската култура ја прави земјата исклучително привлечна за културен туризам. Исто така, таа е одлична дестинација за природен и активен туризам, со планински пејзажи што не се пренатрупани, како Националниот парк „Маврово“ и со уникатни места како што е кањонот Матка, кој се наоѓа многу близу до главниот град, па затоа е и лесно достапен.
Но, покрај туристичките ресурси, потенцијалот за туристички развој на земјата се темели на клучните столбови како, на пример, конкурентните цени и, пред сè, еден суштински атрибут во денешно време – „автентичноста“. Земјата нуди помала туристичка заситеност во споредба со соседите Хрватска и Грција, а истовремено и поприродни, поавтентични искуства во директен контакт со локалното население.
Се разбира, постојат повеќе аспекти што треба да се подобрат за да биде возможен овој развој. Од една страна, туристичката инфраструктура: транспортот, патиштата, сигнализацијата, како и сместувачките капацитети, особено во руралните области, каде што е доста ограничена понудата. Исто така, потребно е да се подобрат изучувањето странски јазици, услугата кон клиентите и туристичкиот менаџмент, бидејќи туристичките услуги сè уште нудат несоодветни и недоволно професионални стандарди. Јасна слаба точка е и поврзаноста. Сè уште постојат мал број директни меѓународни авионски линии, особено надвор од високата сезона, што создава зависност од соседните аеродроми за одредени пазари. Во таа смисла, обновувањето на линијата Скопје – Барселона и новата линија Скопје – Мадрид се одлична вест и насока по која треба да се продолжи за да се зголеми поврзаноста.
На крај, како експерт за „country branding“, морам да истакнам дека е неопходно да се работи и на имиџот на државата, бидејќи на меѓународните пазари сè уште не постои јасно дефинирана слика со препознатливи атрибути. Во таа насока, важно е да се зголемат напорите во комуникацијата и маркетингот.
Ја споменавте и Вие, неодамна беше воспоставена нова директна авиолинија Скопје – Мадрид. Освен летовите до Мадрид и Барселона, може ли да се очекува поврзување и со други шпански дестинации?

– Воспоставувањето авиолинии зависи од повеќе фактори, почнувајќи од побарувачката, која треба да има соодветен обем и континуитет во двата правци, односно да не биде исклучиво сезонска, туку да постои доволна побарувачка во текот на целата година. Исто така, важна е и поддршката што може да ја дадат дестинациите и аеродромите за овие линии. Во таа смисла, потребно е да се биде претпазлив: обновувањето на линијата со Барселона и новата линија до Мадрид претставуваат прв чекор, но неопходно е да се види како ќе функционираат овие маршрути. Точно е дека „Визер“ и „Ер Србија“ значително инвестираат во зголемувањето на поврзаноста на Балканот. Доколку треба да направам прогноза, потенцијалните идни линии би можеле да бидат со Малага и/или со Палма де Мајорка, две дестинации што се доста популарни на балканските пазари.
Во споредба со туристите од Полска и од Холандија, шпанските туристи сè уште се помалобројни во Македонија. Дали воспоставувањето директни авиолинии меѓу Македонија и двата шпански града ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи меѓу двете земји, како и за интензивирање на економската и културната соработка?
– Без сомнение, поврзаноста е првиот чекор и е од суштинско значење, но, исто така, се неопходни и промоција и маркетинг, односно подобро запознавање на Македонија во Шпанија и обратно.
Пред околу десет години, Охрид беше многу популарна дестинација за шпанските туристи. Што сметате дека доведе до намалување на нивното присуство во последниве години?
– Не ги познавам детално сите причини, но јасно е дека прекинот на директната авионска поврзаност претставува клучен фактор.
Македонија нуди разновидни туристички атракции: планини, езера, културно наследство, верски објекти. Каков вид туризам најмногу ги привлекува шпанските туристи?
– Во 2024 година, само 11,7 % од патувањата на жителите на Шпанија имале странска дестинација како главна цел, наспроти 88,3 % што се однесуваат на домашниот туризам. Овие податоци од Националниот институт за статистика на Шпанија укажуваат дека шпанскиот пазар не е лесен за меѓународните дестинации, бидејќи мнозинството Шпанци ја избираат сопствената земја за одмор.
Сепак, важно е да се истакне дека, иако патувањата во странство претставуваат помал дел од вкупниот број патувања, тие концентрираат значителен дел од вкупната туристичка потрошувачка. Во 2024 година изнесувала околу 35,1 % од вкупната потрошувачка, иако сочинувале само 11,7 % од патувањата.
Може да се издвојат два главни интереси на Шпанците при нивните патувања во странство: од една страна, урбаниот и културниот туризам, кој претставува главната активност; од друга страна, и туризмот на плажа, иако помалку, зазема важно место. Интересот за туризмот во природа е со среден интензитет (помалку од домашниот туризам), но во последниве години постепено се забележува растечки интерес. Исто така, гастрономските искуства имаат значајна улога за шпанскиот турист.
Како гледате на потенцијалот за развој на тематски туризам меѓу двете земји – гастрономски, вински, авантуристички, културен, рурален туризам?

– Без сомнение, гледам дека културниот туризам има најголем потенцијал за развој кога станува збор за шпанскиот емитивен туризам кон Северна Македонија (шпански туристи што ја посетуваат земјата). Во тие рамки, културното наследство со османлиско и со православно потекло може да биде од особено голем интерес, особено за сегментот на лица од 40 до 65 години. Исто така, за емитивниот и за рецептивниот туризам може да бидат интересни и маршрутите во траење од три до седум дена. За македонскиот емитивен туризам, Шпанија нуди разновидни вакви маршрути, почнувајќи од Мадрид и Барселона, кои се многу привлечни благодарение на добрата внатрешна поврзаност на земјата, со одлична мрежа на брзи возови и добро одржувани патишта, што го олеснува и моделот „fly and drive“ за понезависните патници, кои претпочитаат да ја истражуваат Шпанија со сопствено темпо.
Гастрономијата и енотуризмот, неспорно, претставуваат многу атрактивна понуда во двата случаи, можеби не како главна причина за патувањето, но во комбинација со културните активности, па дури и со посети на природните подрачја и „soft“ активности, кои не бараат поголем физички напор.
За шпанскиот пазар, Северна Македонија нуди многу интересна понуда поради својот нов и малку познат карактер, конкурентните цени и автентичноста на дестинациите.
За македонскиот пазар, пак, Шпанија е неизоставна дестинација за патниците што бараат квалитетни понуди и искуства со висок стандард на услуга, како за одморите насочени кон истражување на шпанската култура и културното наследство така и за оние што бараат премиум дестинација за одмор со сонце и плажа.
Шпанија е светски лидер во туризмот и пример за успешни политики и стратегии. Во кои области може Македонија најмногу да научи преку соработката со Шпанија, особено во делот на подобрувањето на услугите, инфраструктурата, капацитетите и промоцијата?
– Шпанија е јасно водечка земја во областа на туризмот. Меѓу другите фактори, дел од успехот се должи на клучната улога што ја има туризмот во јавните политики. Покрај регионалните туристички промотивни организации, постои и национален орган за туристичка промоција – TURESPAÑA, кој во своето време беше пионер во создавањето на туристичкиот бренд „Шпанија“ и кој и денес претставува меѓународна референтна точка. Во таа насока, Македонија би можела да научи од техниките за промоција и маркетинг што TURESPAÑA успешно ги развива уште од своето основање во 80-тите години.
Друг, несомнено, клучен елемент во развојот на туристичката политика на Шпанија е заложбата на Министерството за туризам за унапредување на извонредноста на туристичките услуги. Така, во 90-тите беше создаден системот за шпански туристички квалитет, како методологија што им овозможува на дестинациите и на компаниите да го контролираат и унапредуваат квалитетот на своите услуги. Северна Македонија би можела многу да научи од овој систем.
Соработката меѓу јавните администрации е од суштинско значење за успехот на една туристичка дестинација. Во овој контекст, најзначаен инструмент за соработка што го развива Државниот секретаријат за туризам се плановите за туристичка одржливост. Тоа е алатка преку која трите нивоа на јавна власт: националната, регионалната и локалната заеднички кофинансираат проекти со заедничка цел – туристички развој на дестинацијата.
И за крај, но не помалку важно, Северна Македонија би можела да научи и од еден пионерски проект на светско ниво, развиен во Шпанија од страна на Државниот секретаријат за туризам во соработка сo SEGITTUR (државно друштво за управување со иновации и туристички технологии). Станува збор за проектот DTI (Паметни туристички дестинации), иницијатива на која денес ѝ се приклучени повеќе од 700 дестинации низ цела Шпанија, а чија цел е поттикнување на иновациите, употреба на технологијата (ИКТ) и одржливост на туристичките дестинации, со цел подобрување на искуството на патниците и квалитетот на животот на локалното население.
Дали планира Шпанија конкретни активности или промотивни кампањи за подобра видливост на Македонија на шпанскиот туристички пазар? Постојат ли иницијативи за соработка меѓу македонски и шпански тур-оператори или туристички агенции?
– Во декември 2025 година, во Скопје и во соработка со TAВ, се одржа презентација за македонските туристички агенти и тур-оператори за можностите на Шпанија како туристичка дестинација, како и за можните маршрути и идеи за патувања. Како продолжување на оваа активност, во 2026 година се разгледува организирање на запознавачко патување за македонските туристички агенти, со цел да ги запознаат шпанските дестинации од прва рака и да воспостават директен контакт со шпанските рецептивни агенции, провајдери, како и со хотелските капацитети и другите релевантни чинители од туристичката понуда во Шпанија.
Македонија совршено се вклопува со концептот на туризмот „Slow Travel“

Кои трендови во европскиот туризам моментално се најзначајни и како може да се вклопи Македонија во тие трендови?
– Во Европа, трендови што најмногу се развиваат се таканаречените „Slow Travel” (бавно патување, во контакт со локалното население, во потрага по автентични искуства), односно помалку познатите и помалку посетуваните дестинации, како и она што би можеле да го наречеме „одржливо патување“ од многу практична перспектива (одржливо затоа што овозможува користење јавен превоз, затоа што ја вреднува улогата на локалните бизниси и објекти, семејните бизниси итн.).
Во таа смисла, Македонија совршено се вклопува со овие концепти на „Slow Travel“: таа е меѓународно малку позната дестинација и може да ги исполни очекувањата на „одржливото патување“ во одредени аспекти, како што е учеството на локалното население. Други елементи, пак, треба да се подобрат, како што беше претходно споменато, особено во однос на унапредувањето на инфраструктурата на јавниот превоз, на пример.
Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА
Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ












