ИНТЕРВЈУ, АМБАСАДОР БУРШАКОВ: Современиот свет влезе во нова историска етапа, ве гледаме како наш важен партнер во регионот

Северна Македонија ја гледаме како важен центар за трансконтинентални логистички и транспортни коридори кои ги поврзуваат Европа и Азија. Иако во моментов нема конкретни инвестиции, очекуваме да добиеме предлози од Владата, вели амбасадорот на Казахстан во Македонија, Н. Е. Сатибалди Буршаков, во интервју за весникот ВЕЧЕР. Тој додава дека земјава ја гледаат како важен партнер во регионот и посочува дека Казахстан става посебен фокус на развој на соработката меѓу двете земји во сектори како транспортот, земјоделството, енергетиката, високата технологија и туризмот. Амбасадорот Буршаков истакна дека на македонските власти им предложиле потпишување договор за безвизен режим, го доставиле нацрт-документот до министерствата за надворешни и за внатрешни работи и очекуваат коментари и продолжување на преговорите. Во регионот на Западен Балкан постои позитивна практика, вели амбасадорот – Казахстан има безвизен режим со Албанија, Црна Гора и Србија. Во интервјуто, амбасадорот зборува и за развојот на Казахстан од осамостојувањето до денес, за улогата на земјата во контекст на зголемената конкуренција меѓу Западот и Истокот, како и за првите впечатоци од Македонија 

1493

Господине амбасадоре, минатиот месец Казахстан го прослави Денот на Републиката – национален празник кој го симболизира прогласувањето на суверенитетот на Казахстан во 1990 година, како важен чекор кон целосна независност. Како Вие лично го доживувате овој ден и колку се промени Казахстан во изминатите 35 години – политички, економски и културно?

На 25 октомври 1990 година беше усвоена Декларацијата за суверенитет на Казахстан. Тоа беше фундаментален акт кој го утврди патот на Казахстан како независна, секуларна, правна и социјална држава. Оваа година Казахстан ја одбележува 35-годишнината од усвојувањето на оваа Декларација.

Ова не е само датум, туку пресвртница во историското самоопределување на народот и формирањето на нов национален идентитет.

Во изминатите 35 години постигнавме значајни успеси. Казахстан, како суверена држава, доби меѓународно признавање. Ги утврдивме нашите граници, ги поставивме темелите на државноста и ја осигуривме безбедноста на земјата. Нашето единство се зацврсти, а преку сплотеност и хармонија успеавме достоинствено да ги надминеме сите предизвици. Денес, целиот свет кој сведочи за порастот и за просперитетот на нашата земја, покажува почит.

Од 2019 година спроведуваме широки реформи. Казахстан тргна по патот на обновата. По сенароден референдум, беа направени измени во Уставот. Надлежностите на Парламентот се зголемија, а одговорноста на Владата се зацврсти.

Казахстан се утврди како полноправен субјект на меѓународните односи, спроведувајќи повеќевекторска мирољубива надворешна политика. Во внатрешната политика, земјата го следи курсот кон изградба на „Праведен Казахстан“ и „Држава што слуша“. Повеќе од 400 милијарди долари се привлечени во нашата економија во изминатите 30 години.

Во своето обраќање по повод Денот на Републиката на 24 октомври, претседателот, Касим-Жомарт Токаев, ја истакна забележителната економска динамика: од 2019 година националната економија порасна за 16%, достигнувајќи речиси 137 трилиони тенге или 291 милијарда долари во 2024 година. Во истиот период, БДП по глава на жител се зголеми за 47%, достигнувајќи 14.400 долари – едно од највисоките нивоа во ЗНД. Овие достигнувања потврдуваат дека Казахстан денес ја има најголемата и најдиверзифицирана економија во Централна Азија, заснована на силни макроекономски темели и континуирана модернизација.

Вистинското богатство на Казахстан е неговиот повеќеетнички карактер. Оваа разновидност на народи и култури е најголемата предност на нашата земја и извор на нејзината уникатна сила.

Веќе некое време сте во Македонија. Кој беше Вашиот прв силен впечаток од земјата?

Без сомнение, еден од најсилните и најпријатни впечатоци беше топлината и гостопримството на локалните луѓе. Ја почувствував искрената, традиционална балканска гостопримливост на македонскиот народ. На крајот на краиштата, гостопримството е заедничка особина на нашите култури.

Гледајќи ги античките споменици со свои очи, сфатив колку се длабоки корените на оваа земја и колку внимателно овде го негуваат својот уникатен идентитет.

Природните убавини на Северна Македонија оставија подеднакво силен впечаток врз мене. Бисери како Охрид – вклучен на Листата на светско наследство на УНЕСКО – и историскиот и културниот изглед на Скопје создаваат уникатен национален пејзаж.

Сето ова создава цврста основа за зајакнување на пријателските врски меѓу нашите две земји.

Пред само неколку месеци, официјално беше отворена Амбасадата на Казахстан во Скопје – значаен чекор во билатералните односи. Како го гледате овој развој и што претставува тој за унапредување на соработката меѓу нашите две земји?

Иако Амбасадата беше основана во мај 2024 година, нејзиното официјално отворање го совпаднавме со 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите земји. Така, во јули, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, организиравме свечено сечење на лентата. Овој настан навистина претставува историски и значаен момент во развојот на нашите билатерални односи.

Важен момент во 2025 година беше учеството на претседателката на Републиката, Н. Е. Гордана Сиљановска-Давкова, на Меѓународниот форум во Астана во мај. На маргините на форумот се одржа средба со претседателот на Казахстан, Н. Е. Касим-Жомарт Токаев. Работната посета на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Н. Е. Тимчо Муцунски, на Астана во јуни оваа година, исто така заслужува внимание.

Клучна тема беше и енергетската соработка, која се разгледуваше за време на посетата на министерката за енергетика, Н. Е. Сања Божиновска, на Казахстан, каде што се сретна со својот казахстански колега, министерот Акенженов.

Регионална соработка беше воспоставена и меѓу општината Куманово и градот Караганда, при што градоначалникот Максим Димитриевски ја посети Казахстан во мај и потпиша Меморандум за соработка со градоначалникот на Караганда.

Посебен фокус е ставен на развој на соработката во сектори како транспорт, земјоделство, енергетика, висока технологија и туризам.

Дали има разговори или иницијативи меѓу Казахстан и Македонија за воспоставување безвизен режим или олеснување на постојните визни услови за граѓаните на двете земји, со цел унапредување на туризмот, деловната соработка и контактите меѓу луѓето?

Ова прашање навистина се однесува на важен аспект од билатералните односи меѓу нашите земји.

Во регионот на Западен Балкан постои позитивна практика – Казахстан има безвизен режим со Албанија, Црна Гора и со Србија. Ова јасно ја демонстрира нашата отвореност и нашиот интерес за развој на целосна соработка со целиот Балкан.

На нашите пријатели од Северна Македонија им предложивме потпишување договор за безвизен режим и веќе го доставивме нацрт-документот до Министерството за надворешни работи и до Министерството за внатрешни работи. Очекуваме нивни коментари и продолжување на преговорите.

Благодарение на безвизниот режим, Црна Гора стана сè поатрактивна туристичка дестинација за казахстанските граѓани, со три неделни летови во текот на летото од Астана и Алмати до Подгорица. Неодамна, беше воспоставен и директен лет од Астана до Белград, кој го оперира казахстанската компанија SCAT Airlines.

Отворени сме за дијалог за либерализација на визниот режим и секогаш сме подготвени да разгледаме сè што би довело до заемно поволни услови за олеснување на визните процедури.

Како ја гледате иднината на односите меѓу двете земји во контекст на проширувањето на Европската Унија? Каков е ставот на Казахстан во однос на поддршката на Македонија на нејзиниот пат кон евроинтеграциите?

Голем потенцијал гледаме во развојот на односите со Северна Македонија во овој контекст. Ова отвора нови можности за продлабочување на трговската, економската и на инвестициската соработка.

Го почитуваме стремежот на македонскиот народ кон европска интеграција.

Европската Унија го гледа Казахстан како важен партнер во Централна Азија, кој ги поврзува Истокот и Западот, промовирајќи интеррегионална поврзаност и соработка во области како енергетика, транспорт, логистика, критични суровини, клима, вода, дигитализација и туризам.

Казахстан е првата централноазиска земја која потпиша Договор за засилено партнерство и соработка (EPCA) со ЕУ. Оваа година се одбележува 10-годишнината од ова партнерство.

ЕУ е најголем трговски и инвестициски партнер на Казахстан, со билатерална трговија која достигна речиси 50 милијарди долари во 2024 година и продолжува да расте.

Казахстан, исто така, придонесува за енергетската безбедност на Европа, обезбедувајќи 13% од нафтата и 16% од ураниумот што ги користат земјите членки на ЕУ. Планирано е и воспоставување извоз на зелен водород од Казахстан кон Европа.

Затоа Северна Македонија ја гледаме како наш важен партнер во регионот.

Дали постои интерес од казахстанска страна за нови инвестиции, заеднички проекти или иницијативи во Македонија и пошироко на Балканот? Дали се планираат конкретни договори или меморандуми за соработка во блиска иднина?

Северна Македонија ја гледаме како важен центар за трансконтинентални логистички и транспортни коридори кои ги поврзуваат Европа и Азија. Иако во моментов нема конкретни инвестиции, се надеваме дека ќе добиеме предлози од Владата на Северна Македонија.

Во поширокиот Балкански Регион, може да се спомене присуството на казахстански инвестиции во Романија, каде што компанијата „Казмунајгаз интернешенал“ е акционер во енергетскиот сектор и поседува рафинерија и мрежа на бензински станици, со активности кои вклучуваат преработка, маркетинг и трговија.

Што се однесува до потенцијалните проекти, може да се разгледаат сектори како енергетиката, транспортот и логистиката, земјоделството и информатичката технологија.

Вашата земја последниве години се позиционира како фактор на стабилност и на дијалог во Централна Азија, но и пошироко. Каква е улогата на земјата во контекст на зголемената конкуренција меѓу Западот и Истокот? Како Казахстан ги балансира овие односи и каква е визијата на земјата во ваков сложен геостратешки контекст, имајќи предвид дека претседателот Токаев неодамна ги посети и САД и Русија во рок од една недела?

Претседателот Касим-Жомарт Токаев се сретна со претседателот на САД, Доналд Трамп, во Вашингтон, на 6 ноември, со цел продлабочување на билатералните односи и стратешкото партнерство, потпишувајќи трговски договори вредни 17 милијарди долари, вклучително и за критични минерали, а исто така и формално приклучувајќи се кон Абрахамовите договори за поддршка на мирот и за стабилноста на Блискиот Исток. Претседателот Трамп ја потврди посветеноста на Соединетите Американски Држави за продлабочување на Напредното стратешко партнерство со Казахстан.

За време на неговата државна посета на Москва на 12 ноември, претседателот Токаев и рускиот претседател Владимир Путин ја потпишаа Декларацијата за подигнување на меѓудржавните односи на ниво на сеопфатно стратешко партнерство и сојуз, што претставува историски чекор. Двајцата лидери повторија дека Казахстан и Русија остануваат сигурни, проверени стратешки партнери обединети од заедничка историја, вредности и интереси. Претседателите поставија цел трговската размена да се зголеми на 30 милијарди долари, а во првите девет месеци од оваа година таа веќе достигна 20 милијарди долари.

Како што знаете, современиот свет влезе во нова историска етапа.

Од една страна, конфликтите и војните продолжуваат, а од друга страна, високите технологии и вештачката интелигенција се развиваат со забрзано темпо.

И покрај сложената ситуација, нашата земја стабилно се развива. Воспоставивме пријателски односи со сите држави и сме признати како сигурен партнер – држава од категоријата на „средни сили“ (Middle Power).

Како резултат на тоа, привлекуваме значајни инвестиции во енергетиката, транспортот, логистиката, ИТ, земјоделството и други сектори.

Во овие турбулентни времиња, надворешната политика заснована на традициите на избалансирана дипломатија е особено важна.

Сметаме дека сите држави треба да најдат заеднички јазик и да постигнуваат компромиси. Неопходно е да се зајакне заемната доверба и почитта, како и да се развиваат партнерски односи.

Отворањето на Регионалниот центар на ОН за одржлив развој за Централна Азија и Авганистан во Алмати претставува голем успех.

На јубилејната седница на Генералното собрание на ОН, Претседателот Токаев ги истакна клучните меѓународни прашања и изнесе неколку важни предлози.

Како одговорен и влијателен член на меѓународната заедница, Казахстан ќе продолжи да води избалансирана и конструктивна надворешна политика.

Во рамки на културната дипломатија, какви активности планирате во Македонија? Може ли да очекуваме културни манифестации, настани што ќе ја приближат казахстанската култура до македонската јавност?

Развивањето на односите во областа на културната и на хуманитарната соработка е важен сегмент на нашите односи со Северна Македонија.

Во блиска иднина планираме да организираме „Денови на казахстанската култура“, со настапи на традиционални фолклорни ансамбли, филмски проекции и учество на традиционални фестивали.

Сигурен сум дека овие настани не само што ќе ја доближат казахстанската култура до македонската јавност туку ќе создадат цврста основа за долгорочна хуманитарна соработка.

Казахстан се трансформира во дигитална и технолошка држава

Што би сакале македонските граѓани да дознаат за Казахстан што можеби досега не го знаеле – било да се однесува на историјата, природата, туризмот, традициите или современите достигнувања?

Пред сè, би сакал граѓаните на Северна Македонија да знаат дека Казахстан е колепка на древните номадски цивилизации. Нашата земја ги носи трагите на Големиот Пат на свилата, каде што со векови се испреплетувале културите на Европа и Азија, обликувајќи ја заедничката историја на многу евроазиски народи.

Тука се наоѓаат симболите како „Златниот човек“ – археолошко откритие од светско значење од I милениум пр. н. е. – и современиот космодром Бајконур, од каде што човештвото првпат полета во вселената.

Од снежните врвови на Тјаншан до уникатното езеро Балкаш и другите природни чуда, нашата земја им нуди на патниците неверојатна разновидност.

Денес Казахстан се трансформира во дигитална и во технолошка држава. Активно инвестираме во „зелена“ енергија, иновации и образование, а истовремено ги негуваме нашите традиции – гостопримството, љубовта кон музиката, епската поезија и националната кујна.

Особено би сакал да го истакнам проектот „Алатaу сити“ – амбициозен стратешки проект за создавање нов научно-технолошки и образовен кластер од меѓународно ниво. Проектот е инициран од претседателот Касим-Жомарт Токаев и има за цел да стане нов двигател на иновативниот развој на земјата и на целиот регион.

Фокусот ќе биде насочен кон области како вештачка интелигенција, „зелени“ технологии, биотехнологија, фармација и сајбер безбедност. Севкупно, би сакал многустраната култура, богатата историја и современите достигнувања на Казахстан да станат мост на заемен интерес и на пријателство меѓу нашите народи.

Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

ИЗДВОЕНИ