Венецијанската полиција казни деца на возраст меѓу 12 и 13 години затоа што играле фудбал на плоштад на островот Мурано, откако локален жител ги пријавил во полиција, вознемирен од бучавата.
Полицијата интервенирала и ги запишала имињата на секое дете, потоа ги повикала нивните родители и им наредила да платат казни од 43 евра.
Децата наводно играле фудбал во ограничена зона, нарушувајќи го јавниот ред, според официјално писмо предадено на родителите.
Казната може да достигне 500 евра ако не се плати во рок од 60 дена, но еден од родителите изјавил дека не сака да ја плати и планира да поднесе жалба на пресудата до градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, објави „Гардијан“.
Казните се воведени според прописите донесени во 2019 година со кои се забрануваат игри со топка во некои делови од Венеција.
Случајот предизвика јавна дебата, при што некои локални службеници велат дека полицијата реагирала непропорционално и ги доведува во прашање приоритетите во градот оптоварен со масовен туризам, џебни кражби и намалување на населението.