Интерпелациите на влези-излези во Собранието

Тргната за Костадиновски, во најава за Гаши

156

Овој собраниски состав, можеби, е рекордер во поднесувањето интерпелации за државните функционери. Голем дел се однесуваат на министрите или на функционерите поставени од актуелното владејачко мнозинство и не поминуваат, но, сепак, претставуваат добар демократски механизам за јавно оценување на работењето на функционерите, кои се платени од граѓаните. Народните избраници често ја користат оваа алатка и против функционери од другите власти, особено од судската, кои иако се беспредметни, сепак, имаат намера да се истакне партиското негодувањето од нивното постапување.

Интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на барање од пратеничката група на ЗНАМ, беше тргната од дневниот ред на вчерашната седница на Собранието, со образложение дека тој не е именуван на функцијата од страна на Собранието и оти би било бесправно да се дискутира за тоа прашање.

-Интерпелацијата за работа на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски да се симне од дневен ред. Ние како пратеничка група не сакаме да учествуваме во правно насилство. Колегите поднеле до Собранието интерпелација против претседателот на Уставниот суд, но проблем е дека собранието не го избира претседателот на Судот, туку членовите на Уставниот суд го избираат претседателот. Само две држави во Европа немаат закон за Уставен суд Босна и Хертцеговина и Македонија, а духот на уставотворецот е дека тој треба да се саморегулира со акт. За да не го нарушиме Уставот предлагам да се симне од дневен ред таа точка – рече пратеникот од ЗНАМ, Бобан Карапејовски.

Костадиновска ниту дојде на седницата ниту, пак, испрати одговор по барањето за разгледување на неговата одговорност во работењето, бидејќи смета дека интерпелацијата поднесена од пратеничката група на „Европски фронт“ е противуставна. Брз епилог најави претседателот на Собранието, Африм Гаши, на неделниот брифинг со новинарите, кажувајќи дека се согласиле со пратеничките групи, освен со „Европски фронт“, дека не е добро Собранието да врши интерпелација на претседател на уставен суд.

– Ние се водевме по членот 72 од Уставот и 47 од Деловникот на Собранието, каде што се вели „интерпелација може да се покрене за секој носител на јавна функција“. Сега ние, како Собрание, мораме да го процесуираме тоа. Од друга страна, зборуваме за судска власт и тоа остана тема што ќе ја видиме. Можеби, некои од пратениците ќе бараат да се тргне таа точка од дневниот ред. Главно, на координацијата со координаторите на пратеничките групи преовладуваше перцепцијата дека не е добро, како Собрание, да вршиме интерпелација на претседател на уставен суд – рече Гаши.

Тој најави дека ќе бара од собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања јавна расправа за дефинирање на терминот „носител на јавна функција“.

– Мислам дека треба правно да ја разјасниме за понатаму да не остане тоа на волјата на претседателот на Собранието или на некоја индивидуа, туку да оставиме институционална трага како да се постапува по овие иницијативи – рече Гаши.

Интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд неодамна ја поднесе пратеникот од „Европски фронт“, Илир Хасани, со образложение дека е поднесена  поради тоа што со своите јавно изнесени ставови за прашањето за Законот за јазиците, Костадиновски влијаел врз јавното мислење.

– Неговите изјави поставуваат неколку прашања: Врз основа на кој член од Уставот или законот претседателот на Уставниот суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос и дали е во надлежност на претседателот на Уставниот суд да утврди проблеми во спроведувањето на законот и да предвиди законодавна интервенција. Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите дефинирани со закон и создаваат серија сомнежи за непристрасноста на претседателот на Судот во случаи што сè уште се во фаза за разгледување – рече Хасани.

Во реакцијата од Уставниот суд, преку соопштение, посочија дека Костадиновски, според Уставот, не може да биде разрешен.

– Уставот не предвидува никаква можност за разрешување уставен судија ниту од страна на законодавната ниту од страна на извршната власт. Уставниот суд, како орган на Републиката што ги штити уставноста и законитоста, не подлежи на начелото на поделба на власта. Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти, затоа што тој е контролор на нивните постапки, акти и дејства. Самостојноста и независноста на Уставниот суд и на уставните судии имаат најсилна уставна гаранција. Уставот не му дозволува на Собранието, со законски решенија, на кој било начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на судиите – соопштија од Уставниот суд.

Неодамна, Собранието им изгласа интерпелација на членовите на Судскиот совет, која не значеше и нивно разрешување, туку, според владејачкото мнозинство, потсетување дека треба да поднесат оставка по искажаната недоверба.

 Левица ќе поднесе интерпелација за Гаши –ги крие патните трошоци на пратениците

Пратеничката група на Левица во Собранието најави дека на почетокот од септември ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, затоа што, како што кажа пратеникот Сашко Јанчев, ги крие податоците за патните трошоци на пратениците и за кириите што ги добиваат оние од внатрешноста, а користат станови во Скопје. Ова ќе биде втора интерпелација за работата на претседателот на Собранието поднесена од пратениците, кои од јануари чекаат информација од собраниските служби за тоа колку пари добил секој пратеник за патни трошоци за минатата година. Во знак на револт, партијата бара одложување од еден час на секоја пленарна седница.

– Собранието има два изговора зошто не ни ги дава податоците за исплатените патни трошоци и исплатените кирии за 2024 година. Прво, дека не станувало збор за информации што се од значење за пратеничката функција. Тоа не е точно, зашто нам информациите ни требаат за да предложиме измени на два закона – Законот за пратеници, кога побаравме да се скратат патните трошоци за пратениците, и  Законот за работни односи, кога предложивме да се исплаќаат патни трошоци и за работниците. Вториот основ зошто не ни ги даваат е дека не е тоа информација од јавен карактер. И тоа не е точно, зашто согласно со Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, јасно е дефинирано дека станува збор за информација од јавен карактер, затоа што Собранието е државен орган – кажа Јанчев од собраниската говорница и заклучи дека била во прашање игра меѓу Гаши и генералната секретарка, која го игнорирала барањето на Левица. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ