Учениците од средните училишта, во спроведеното истражување за врсничкото насилство, потврдиле дека секојдневно има булинг преку социјалните мрежи, како и исклучување од групи. Од спроведената анкета во 23 средни училишта во Скопје, на Институтот за човекови права, најмногу ромските ученици кажале дека се жртви на онлајн насилство. Застрашувачки е податокот што учениците кажале дека носат ножеви и боксирачи во ранците, како заштита од потенцијални напади.
Директорката на Институтот за човекови права, Јелена Кадриќ, појасни дека истражувањето покажало дека има мала разлика во перцепцијата меѓу учениците од македонската етничка заедница и другите во однос на тоа дали има повеќе врсничко насилство по етничка основа и дали жртвите се припадници на некоја малцинска или на која било етничка заедница во нашата држава. Според неа, загрижувачки е и тоа што врсничкото насилство е во пораст, особено во основното образование и кај учениците од прво до петто одделение. Истражувањето покажува дека најголем број од анкетираните деца, особено учениците од ромската популација, се жртви на онлајн врсничко насилство.
– Најголем број жртви на онлајн врсничко насилство се учениците од ромската заедница. Една третина од нив потврдија дека токму поради својата етничка припадност се жртви на насилство – истакна Кадриќ.
Испитаните наставниците од македонската и од другите заедници одговориле дека етничката припадност е основа за насилство, додека албанските наставници не препознаваат дискриминација по тој основ.
– Учениците од сите етнички заедници потврдија дека врсничкото насилство најчесто се случува преку социјалните мрежи, не само во училиштата. Наставниците, особено од македонската и од другите етнички заедници, кажаа дека основа за врсничко насилство е етничката припадност, за разлика од албанските наставници, кои кажаа дека нема дискриминација или врсничко насилство врз основа на етничката припадност – нагласи Кадриќ.
Има и случаи, велат од Институтот за човекови права, каде што поради врсничко насилство, имало и самоубиство кај деца, малолетници. Форумот за врсничко насилство откри и загрижувачки информации од проект спроведен со Основното јавно обвинителство, каде што учениците кажале дека носат ножеви и боксирачи во ранците, како заштита од потенцијални напади.
– Бевме изненадени кога прашаа обвинителките дали носат ножиња и боксирачи. Верувајте, сите во глас рекоа „да“. Кога ги прашавме зошто, рекоа за заштита. Тоа се алармантни податоци. Затоа велам, училиштето и ние како родители, нормално, дома секој си работи со детето, но мораме да преземеме поголеми акции за спречување нови случаи – потенцира Кадриќ.
Насилството, за жал, зема сè поголем замав и е распространето насекаде во државата, истакна директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ. На форумот учествуваа претставници од образовните институции, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и ученици од неколку етнички заедници: Турци, Бошњаци, Власи, Роми и Срби.
Групна тепачка во Драчево, насилство и во Карпош
МВР интервенирало по пријави за насилство во училишта
Полицијата интервенирала во два одделни случаи на врсничко насилство во скопски училишта. Во вторникот се случила тепачка меѓу малолетник и малолетничка, од една страна, и друг малолетник, од друга страна, во двор од основно училиште во населбата Драчево. Сите учесници се ученици во училиштето, а инцидентот бил забележан од присутните наставници и од другите ученици. Случајот веднаш бил пријавен во СВР Скопје, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот. Според првичните информации, се истражуваат околностите што довеле до тепачката, а наставниците и родителите апелираат до учениците за поголема контрола на емоциите и за толеранција за да се избегнат слични инциденти.
Ден потоа, во средата во 19:35 часот, во СВР Скопје, мајка на ученик пријавила дека во основно училиште на подрачјето на Карпош, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг ученик.












