Велигденските празници се тесно поврзани со јајцата, тревата, зајачето, цвеќето, односно со сè што асоцира на будење, на пролет, на ведри бои и добро расположение. Сите нежни бои се во игра: бледожолтата, зелената, розoвата и сината, приспособени за декоративни елементи
Ако сакате целосно да го доловите чувството на големиот христијански празник Велигден, деновиве може да му се посветите и на декорирањето на домот. Можеби тоа ќе ви одземе повеќе време, но креативната работа може многу да релаксира и е добра за подигање на расположението.
Најпрво треба да ги извадете од остава ланските декоративни предмети. Со мала надградба, мали модификации и различна местоположба во однос на минатогодишните украси, ќе создадете прекрасни декорации и аранжмани што ќе придонесат за пријатен амбиент и за весело расположение. Велигденските празници се тесно поврзани со јајцата, тревата, зајачето, цвеќето, односно со сè што асоцира на будење, на пролет, на ведри бои и добро расположение.
Сите нежни бои се во игра: бледожолтата, зелената, розoвата и сината, приспособени за декоративни елементи. Шаренилото добиено со играта со бои создава ведрина. Пролетта е извор на инспирација при декорирањето на домот.
Идеите што ви ги предлагаме може да бидат појдовна или крајна декорација.
Уживајте додека декорирате

Гнездата со вапсани јајца се одличен декоративен елемент, кој може да го поставите во еден дел од домот, може на комодата во дневната соба, во претсобјето кај влезната врата, на трпезариската маса, покрај софата на која седите. Гнездата со јајца ги нагласуваат и збогатуваат велигденските мигови. Тие не мора да бидат вистински, може да играат улога на гнезда. Тоа може да биде дури и жицата за пржење помфрит што не е во употреба.
Декорацијата на детската соба треба да биде приспособена на возраста на детето. Мотивите со цвеќе, пилиња и шарени вапсани јајца ќе ги развеселат, а шаренилото со бои е она што сигурно ќе ги привлече и ќе ја поттикне нивната активност и нивната фантазија. За децата, Велигден е особен ден, а тоа чувство ќе им го потврдите преку веселите бои.

Велигденската трпеза треба да биде свечена и пригодно декорирана.
Велигденскиот ручек е навистина посебен настан, кога цветните аранжмани, украсните свеќи во вид на вапсани јајца, како и доминантната ведра боја на чиниите, чашите и на салфетите дополнително го истакнуваат. Ситните детали
како што се цветните букети покрај секоја чинија ќе ги израдуваат оние што се присутните на велигденската трпеза.
Катче во домот декорирано со елементи за Велигден

Свечениот амбиент и свежината на пролетта се императив на велигденските декорации. Многу од нив може и сами да ги изработите, користејќи ги креативноста, фантазијата и волјата.
Цвеќето е секогаш добредојдено во домот, а за да изгледа поинаку од вообичаено, може да додадете прехранбена боја во водата и да добиете сосема нов декор дома. Ако го ставите на прозорец, ефектот ќе биде извонреден.
Некои практикуваат венчиња на вратата и за велигденските празници. Една едноставна идеја: на веќе подготвеното или купено дрвено венче да му закачите вештачки (или сварени) украсени велигденски јајца или, пак, од новогодишното венче да направите ново – велигденско. 
Добра идеја е ако го направите стариот чадор, кој не е веќе во употреба, декоративен елемент. Закачете го на врата или, пак, ставете го во некој
празен ќош, кој ви е во видокругот.
Групирајте ги ситните мали декорации затоа што така ќе имаат ефект. Поставете ги на мала масичка, комода или, пак, на табуретка. За голем ефект, доволно е само едно катче во домот да ви биде декорирано со елементи што се карактеристични за Велигден.
Само така ќе создадете софистициран амбиент во кој ќе уживате со најблиските.












