Во Францускиот институт во Скопје, вечерва (23 септември) во 19:00 часот, ќе биде претставена инсталација на уметницата Клелија Живковиќ и ќе се одржи уметничка средба насловена „Страв од љубов”. Автор на инсталацијата е кураторка Мелоди Робин. Настанот ќе биде проследен со разговор помеѓу уметницата, кураторката и публиката околу креативниот процес и делото.

Оваа инсталација претставува можност да се запознаете со делото на трансдисциплинарната уметница Живковиќ, чија уметничка практика се формира преку теоретски, материјални и експериментални искуства за личните, физичките, психолошките, емотивните и за духовните бариери што ги среќава личноста додека се спознава себеси како битие на кое му е потребен простор за контакт со околината.

Инсталацијата „Страв од љубов” ги пренесува невидливите врски преку три елементи: звук, ткаење и физичко присуство. Уметницата изработува инсталација што ја симболизира папочната врвца, низ која се прикажани нашите лични врски –кон минатите генерации и кон сегашните, оние што нè опкружуваат овде и сега, или, како што објаснува кураторката Мелоди Робин: „Таа папочна врвца ја повикува публиката да ја допре, да влезе во неа, да биде заробена во јазлите од нежност, насилство и препуштање“.

Исплетените врвци ја носат тежината на историската улога на жените како ткајачки на животот на овој свет.

Преку оваа инсталација, Клелија Живковиќ прашува: какви светови градиме околу себе? И што се случува кога ќе ја напуштиме контролата, дозволувајќи ѝ на љубовта да се појави во форми ослободени од стравот?

Во рамките на својата посветеност кон локалната уметничка сцена, Францускиот институт во Скопје ја започнува културната сезона со ова дело.

ИЗДВОЕНИ