Градските власти најавуваат засилен мониторинг и поставување на дополнителни мерни станици околу индустриските кацитети за кои се смета дека се потенцијални големи загадувачи на воздухот. Од Државниот инспекторат за животна средина соопштија дека направиле вонредна контрола во „Усје“ но дека не откриле неправилности.  Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски смета дека треба да се формира меѓуинституционална работна група која треба да работи на долгорочна стратегија за дислоцирање на сите потенцијални индустриски загадувачи надвор од градските средини.

Професорот Дејан Мираковски вели дека дислокацијата на „Усје“ не е решение и нема да направи значајна разлика во квалитетот на воздухот во Скопје. Весникот ВЕЧЕР деновиве пренесе искуства од големи градови кои го решиле проблемот со загадениот воздух, вклучително и Краков, европски град кој му рече „не“ на јагленот

 

Градските власти најавуваат засилен мониторинг и поставување на дополнителни мерни станици околу индустриските кацитети за кои се смета дека се потенцијални големи загадувачи на воздухот. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски вели дека предложил дополнителни средства во буџетот на Град Скопје за оваа намена, а со цел, да се има јавен мониторинг на потенцијалните индустриски загадувачи, како една од краткорочните мерки која би вклучувала и изрекување казни.

Според него, долгорочно треба да се работи на дислокација на потенцијалните загадувачи како што одлучија едногласно пред некој ден градските советници, а нивната одлука Ѓорѓиевски очекува да ја види утре, по што ќе ја проследи до Владата, Министерството за животна средина и останатите ресорни институции од каде набргу очекува да се произнесат. Градоначалникот смета дека треба да се формира меѓуинституционална работна група која треба да работи на долгорочна стратегија за дислоцирање на сите потенцијални индустриски загадувачи надвор од градските средини.

Тој го дели мислењето на експертите дека евентуалната дислокација е сложен процес кој бара време за реализација. Експертите посочуваат дека прво треба да се најдат локации каде што ветерот нема да ги врати штетните материи во градовите, а потоа ќе треба да се изработи урбанистички план од државно значење, по што ќе следуваат и други фази. Тие, сепак, предупредуваат дека евентуалната дислокација може да трае со години, државата да ја чини многу, но процесот треба да има и правна потпора за да се спречат евентуални судски процеси.

Граѓаните минатата недела одржаа протест загрижени дека скопската цементарница „Усје“ го загадува воздухот. Од Државниот инспекторат за животна средина соопштија дека направиле вонредна контрола во „Усје“ но дека не откриле неправилности.

– Во „Усје“ годинава се извршени неколку контроли, редовни и вонредни, последната е направена на минатата недела и не се регистрирани неправилности во работењето – соопштија од ДИЖС.

Професорот Дејан Мираковски кој долги години ја води лабораторијата „Амбикон“ во Штип, а која поседува мерни иструменти за мерење на загадувањето на воздухот, вели дека дислокацијата на „Усје“ не е решение и нема да направи значајна разлика во квалитетот на воздухот во Скопје. Според него, потребен е поцврст и решителен пристап како со примерот во Краков, Полска заедно со примена на краткорочни, среднорочни и долгорочни стратегии.

Весникот ВЕЧЕР деновиве пренесе текст како големи градови го решиле проблемот со загадениот воздух, вклучително и Краков, европски град кој му рече „не“ на јагленот. Краков, како и Скопје е сместен во долина со илјадници стари печки на јаглен, и беше „црна точка“ на Европа. По силниот притисок од граѓаните, Краков стана првиот полски град во 2019 година што воведе целосна забрана за употреба на цврсти горива (јаглен и дрво) за греење. Градот финансираше замена на над 14.000 печки, а инспекторите дури користеа дронови за проверка на оџаците. Воздухот се исчисти речиси преку ноќ. Бројот на денови што ја надминуваат границата на ПМ10 се намали од 120 годишно на помалку од 20.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ