Инспектор од Битола пријавен за оддавање службена тајна, фотографирал службени податоци и ги споделил

102

Самостоен инспектор од СВР Битола е пријавен за „оддавање службена тајна“, откако неовластено проверувал податоци од системот за оружје и фотографии од службениот компјутер споделил со неповикано лице.

– Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против Б.Ј. вработен како самостоен инспектор во Отсек за прикриени човечки извори на информации во ОКРА при СВР Битола а поради основи на сомнение за сторно кривично дело „оддавање на службена тајна“ по член 360 став 1 од КЗ на РСМ.

Пријавениот, според документираните сознанија, во два наврати на 09.01.2025 и на 17.01.2025 година неовластено извршил проверка за податоци од системот за регистрирање и управување со оружје за друго лице инволвирано во друга судска постапка.

По извршената проверка со својот мобилен телефон направил фотографии од мониторот на службен компјутер на МВР и фотографиите ги споделил со неповикано лице – се појаснува во соопштението испратено до медиумите.

ОВККИПС по добиена согласност од ОЈО ГОКК против Б.Ј. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место на пријавениот до завршување на дисциплинската постапка.

ИЗДВОЕНИ