Во Гевгелија по третпат се одржа трката „Run Together“ („Трчаме заедно“) – трка на солидарноста, пријателството и инклузијата, како што нагласуваат организаторите со учество на три илјади лица – 800 на детските трки, 900 на инклузивната трка „Run together“ и 1.300 атлетичари на главната трка. Градоначалникот Андон Сарамандов истакна дека се работи за спортски настан преку кој изминатите години Гевгелија се афирмираше како град на атлетиката.
Рутата на инклузивната трка е долга еден километар. Се одржаа и четири детски трки, и уште две на пет и на 10 километри.

Фондацијата „Ице Бегов“, една од организаторите на настанот, е крстена по Ице Бегов – младо момче со попреченост од Гевгелија, кое починало за време на корона-пандемијата. Тој, со својата посебна енергија, сакал секој во неговото присуство да се почуствува среќен, мирен и спокоен, а пак, следејќи ја неговата хуманост, ведар дух и добрина, Фондацијата ја продолжува неговата мисија.

Целта на организаторите е подигање на свеста за лицата со попреченост, за нивните права, и за нивна целосна вклученост во општеството и секојдневниот живот. За многумина, ова не е само трка – ова е празник на хуманоста, емпатијата и заедништвото, велат организаторите.
Настанот е организиран во соработка со Атлетски клуб „7 Ноември“ – Гевгелија и со поддршка на Општина Гевгелија и спонзорите. Според Фејсбук-страниците на Фондацијата „Ице Бегов“ и АК „7 Ноември“.












