Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во 2025 година остварило рекордна наплата на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини, која достигнала историски највисоко ниво. Вкупната наплата во 2025 година изнесувала 1.223.455.203 денари (околу 19,85 милиони евра), што претставува зголемување од 218 % во споредба со 2024 година, кога биле наплатени 561.544.717 денари (околу 9,13 милиони евра). Иако бројот на активни договори за концесии е намален од 342 во 2024 година на 289 во 2025 година, финансиските резултати бележат значителен раст.
Податоците по квартали покажуваат континуиран пораст на наплатата во текот на целата 2025 година. Во првиот квартал било забележано зголемување од 221 %, во вториот 214 %, во третиот дури 276 %, додека во четвртиот квартал растот изнесувал 164 % во однос на тој период лани.
Од Министерството посочуваат дека ваквите резултати се директна последица на засилените активности за подобрување на наплатата и за зголемување на контролата врз концесионерите. Меѓу клучните мерки се наведуваат интензивираните инспекциски контроли и теренски проверки, испраќањето писмени опомени и поведувањето прекршочни постапки за доцнење со обврските, како и едностраниот раскин на 46 договори со концесионери што не ги почитувале законските обврски.
Дополнително, од 1 јануари 2025 година стапи на сила новиот тарифник, со кој концесискиот надоместок е зголемен до 100 %, а подобрена е и координацијата меѓу Министерството и општините.












