Информациите што ги споделувате со ChatGPT можат да бидат искористени против вас на суд

588

Извршниот директор на компанијата за вештачка интелигенција OpenAI, Сем Алтман, ги предупреди корисниците на популарната алатка ChatGPT внимателно да размислат пред да ја користат како замена за терапевт, бидејќи законот сè уште не обезбедува заштита на приватноста кога станува збор за разговори со вештачка интелигенција.

„Луѓето ги споделуваат најинтимните работи од своите животи со алатката ChatGPT. Младите луѓе особено ја користат како терапевт, како лајф коуч… тие ја прашуваат како да ги решат своите љубовни проблеми“, рече Алтман во подкастот на комичарот Тео Вон.

Тој предупреди дека приватните разговори со терапевт се законски заштитени, што не важи за комуникација со вештачка интелигенција, објавува Tech Crunch.

Алтман нагласи дека во случај на судска постапка, OpenAI ќе биде должен да ја предаде содржината на разговорите на корисниците на надлежните органи, бидејќи не постои законска рамка што би ги третирала таквите податоци како доверливи.

„Тоа е сериозен проблем. Мислам дека законите треба да признаат слично ниво на приватност како разговорот со терапевт – но сè уште не е решено“, додаде извршниот директор на компанијата.

Open AI веќе е во спор со New York Times, кој бара задржување на податоци од милиони кориснички сесии како дел од својата тужба. Компанијата се спротивставува на ова и во официјално соопштение го нарече барањето „пречекорување на овластувањата“.

Алтман предупредува дека преседанот во овој случај би можел да отвори врата за нови барања за пристап до кориснички податоци – и од судството и од полицијата.

„Мислам дека има смисла да се почека додека не се разјаснат правните прашања. Луѓето сакаат правна сигурност пред целосно да ги усвојат овие технологии“, заклучи Сем Алтман.

ИЗДВОЕНИ