Инфлуенсерите како оружје: Израел им дава по 7.000 долари од објава, а ги има и Хамас

25

„Бриџ партнерс“, фирма што работи за израелското Министерство за надворешни работи, испрати серија фактури за својата „Кампања за инфлуенсери“ за надоместок од 900.000 долари, почнувајќи од јуни, со план да заврши во ноември, за група од 14 до 18 инфлуенсери за креирање содржини. Би-би-си уште пред две години пишуваше за инфлуенсерите со милиони следачи кои ги негираат ѕверствата извршени од Хамас, користејќи во своите објави архивски, преработени слики и слики генерирани од вештачката интелигенција за да ги илустрираат актуелните настани

 

И инфлуенсерите се дел од оружјето што го користи Израел во војната во Газа. Уште од почетокот на војната, тие се значаен дел од пропагандната машина и на другата страна – Хамас.

Свесен за моќта на инфлуенсерите, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во текот на неодамнешната посета на САД одржа состанок со десничарските инфлуенсери, тврдејќи дека социјалните медиуми можат да се користат како „оружје“ за поддршка на земјата.

– Мораме да возвратиме. Како да возвратиме? Нашите инфлуенсери. Мислам дека треба да разговарате со нив ако имате можност, таа заедница, тие се многу важни – рече Нетанјаху.

Објавувањето на социјални медиуми во Израел е многу профитабилно. Според јавно достапните документи, овие инфлуенсери, веројатно, добиваат од Израел по околу 7.000 долари од објава на платформите на социјалните медиуми како што се „Тик-ток“ и „Инстаграм“. „Бриџ партнерс“, фирма што работи за израелското Министерство за надворешни работи, испрати серија фактури за својата „Кампања за инфлуенсери“ до „Хавас медиа груп Германија“, меѓународна медиумска група што работи за Израел. Фактурите детално наведуваат надоместок од 900.000 долари, почнувајќи од јуни, со план да заврши во ноември, за група од 14 до 18 инфлуенсери за креирање содржини.

Документот, поднесен според Законот за регистрација на странски агенти, вели дека финансирањето е за „плаќање на инфлуенсери и продукција“, но не дава детална анализа на двете. Кога ќе се земат предвид административните трошоци на продукцијата до 16 септември: правни трошоци, банкарски трошоци, маркетинг-трошоци и други проектни услуги наведени во посебен документ, тоа остава околу 552.946 долари за инфлуенсерите помеѓу јуни и септември оваа година. Фирмата процени дека се очекува да има од 75 до 90 објави во тој период. Тоа изнесува 6.143 долари од објава во пониското ниво на програмата. Во горното ниво, секој инфлуенсер би можел да заработи дури 7.372 долари од објава.

Не е јасно кои инфлуенсери учествуваат во програмата. „Хавас“, фирмата што го надгледува „Бриџ партнерс“, не одговори на повеќекратните барања за коментар за проектот, кои инфлуенсери учествуваат во програмата или колку е платен секој од нив. „Бриџ партнерс“ е основана од Јаир Леви и од Ури Стајнберг, кои поседуваат по 50 проценти од акциите. Тие ја опишуваат својата работа како помагање во „промовирање на културната размена меѓу САД и Израел“.

Но, инфлуенсерите се и во служба на Хамас. Би-би-си уште пред две години пишуваше за инфлуенсерите со милиони следачи кои ги негираат злосторствата извршени од Хамас и за нивната моќ во информативниот простор.

– Група „инфлуенсери“ на социјалните медиуми кои објавуваат погрешни, пристрасни и експлицитни објави, се во првите редови за известувањето за војната меѓу Израел и палестинската екстремистичка организација Хамас, на социјалната мрежа „Икс“ (порано „Твитер“) – објави британскиот јавен сервис.

Се наведува и дека нивната содржина за конфликтот била најгледана и најсподелувана на платформата на англиски јазик. Овие инфлуенсери без никаква стручност за регионот добија милиони следачи со негирање на ѕверствата на Хамас и со користење архивски, преработени слики и слики генерирани од вештачката интелигенција за да ги илустрираат актуелните настани.

Експертите што ги проучуваат дезинформациите велат дека се чини дека овие сметки ги монетизираат настаните со објавување провокативна и честопати неточна содржина, што привлекува платени претплатници и профит преку шемата за споделување на приходите од рекламирањето на „Икс“. Оваа група новопрославени „влијателни лица“ е предводена од Џексон Хинкл, дваесет и четиригодишен самопрогласен „МАГА (Make America Great Again) комунист“ и гласен поддржувач на рускиот претседател, Владимир Путин. Повеќе од еден месец откако ескалираше насилството во Израел и во Газа, неговата сметката се зголемила за четирипати, скокнувајќи на два милиони следачи. Овој експоненцијален раст се должи на видот и на бројот на твитови што ги објавува: постојан прилив на лажни или погрешни тврдења или графички снимки од повредени деца и уништени домови. Иако се непријатни и вознемируваат, ваквите објави привлекуваат масовна публика и се споделуваат од многумина. Анализата на „Лоџикал“, технолошка компанија што користи вештачка интелигенција за следење дезинформации, откри дека објавите на Хинкл биле споделувани повеќе од 20 милиони пати од 7 октомври.

ИЗДВОЕНИ