Инфлуенција со симптоми слични на ковидот „шета“ во затворено

Вирусите ги испразнија градинките и ги наполнија амбулантите

324

Падот на утринските температури близу нулата и искачувањето на живата во термометарот во текот на денот  не им оставија многу простор на луѓето за адаптација и предизвикаа појава на настинки. Температурните промени лошо влијаат на здравјето на луѓето и за многу кратко време амбулантите и чекалниците во поликлиниките се наполнија со болни. Само во една смена во еден ден биле примени двојно повеќе пациенти од вообичаените прегледи. Како што велат од една детска амбуланта, биле дијагностицирани вирусна настинка, бактерија во грлото, горнореспираторни проблеми. Отсуството на дечиња поради вирусни инфекции се чувствува и во градинките и во пониските одделенија, бројно е отсуството на заболени деца. Лекарите им препорачуваат на заболените многу течности, витамини, здрава исхрана, поголема хигиена на рацете и што помалку да престојуваат во простории со повеќе луѓе. Од особена важност е да се проветруваат просториите во кои престојувал болниот.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, и во наредниов период ќе продолжат температурните разлики меѓу утринските и дневните температури, кои во текот на денот ќе бидат и двојно повисоки од оние наутро. Така, на пример, утринските температури ќе бидат во интервал од 5 до 12, додека дневните ќе се искачат од 17 до највисоки 20 степени викендов.

– Со вакви температури во периодов, најпогодени се луѓето со хронични заболувања. Нивните симптоми се влошуваат и затоа е потребно да бидат особено внимателни – велат матичните лекари.

Според лекарите, големите температурни разлики претставуваат напад на имунолошкиот систем, кој може да резултира со заболување кај човекот. Наглата температурна промена влијае на вирулентноста на вирусите, тие стануваат појаки и поштетни за човечкото здравје. Се намалува отпорноста на човекот поради температурните разлики и опаѓа имунолошкиот систем. Колку ќе трае настинката, одредува имунитетот на човекот, колку е отпорен или јак неговиот организам за да може да се одбрани. За ваквите видови заболувања лекарите препорачуваат симптоматска терапија, поточно рехидратација на организмот, во комбинација со лекови против висока температура. Овој вид терапија подразбира зголемено внесување течности, како чај, сок од лимон, супи и чаеви. Заболените треба да внимаваат на личната хигиена – некористењето шамиче и немиењето раце ја зголемуваат можноста за побрзо ширење на заболувањата како што се вирусните настинки. За да се заштитат, потребно е граѓаните да избегнуваат затворени простории во кои има повеќе луѓе. Вирусот што „шета“ и се пренесува последниве недела-две од падот на температурите, многу потсетува на симптомите од ковид-вирусот.

– Имам некој вирус веќе осум дена. Гребење во грлото, затнат нос, главоболка, со покачени притисок и пулс, без температура – пишуваат на социјалните мрежи луѓе со симптоми што ги поврзуваат со оние од ковид-пандемијата.

Една жена во групата на „Фејсбук“ за ковид-совети и заболувања ја пишува докторската дијагноза:

– Вирусот е потежок и долго трае, напаѓа главно на горните дишни патишта, предизвикува затнат нос, многу болно грло, слуз од носот и главоболка. Од болното грло, некои добиваат температура; ако не се чисти, секретот од носот ги напаѓа бронхиите.

Често проветрување на просториите, одржување на хигиената на високо ниво во просториите, но и одржување на личната хигиена. Миењето на рацете е основна хигиенска навика, која претставува примарно средство на примена за спречување на ширењето вирусни инфекции, советуваат лекарите. Чајот од мајчина душица, здравата храна и здравиот животен стил со практикување физичка активност се главните навики што треба да се практикуваат за избегнување на вирусните настинки. На сите заболени им се препорачуваат и витамински додатоци, бидејќи оние што ги внесуваме секојдневно со исхраната се недоволни.

Подранувањето на појавата на вируси го зголеми интересот за вакцинирање од сезонски грип. Од Министерството за здравство велат дека годинава има најголем интерес за имунизација. И од Институтот за јавно здравје велат дека најдобрата заштита од грипот е преку вакцината, особено за луѓето над 65 години, лицата со хронични заболувања (астма, срцеви, бубрежни, метаболни, невролошки, имунолошки, малигни заболувања, дијабетес), децата на возраст од 6 месеци до 5 години, бремените жени, здравствените работници.

Од ИЈЗ објаснуваат дека лесно се пренесува грипот со кашлање или со кивање, како и преку заразени предмети. Симптомите се јавуваат по еден до четири дена од инфекцијата, а заразениот може да го пренесува вирусот и пред појавата на симптоми. Болеста обично започнува нагло, со: висока температура, главоболка, премаленост, болки во мускулите и во зглобовите, болно грло, сува кашлица, солзење и секреција од носот. Кај повеќето лица, симптомите се повлекуваат за околу една недела, но кај ризичните групи може да се јават компликации како пневмонија, воспаление на срцевиот мускул или мозокот, па дури и смртен исход. Институтот за јавно здравје ги повикува сите граѓани, особено оние што припаѓаат во ризичните групи, навремено да се вакцинираат против грип. Пријавувањето за вакцинација се врши преку веб-страницата  www.vakcinacija.mk. По успешното пријавување, ќе добиете СМС-порака со информација за датумот, времето и местото на вакцинацијата. (П.А.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ