Инфлациските притисоци во земјава постепено се намалуваат, додека економската активност покажува умерено забрзување. Кварталниот извештај на Народната банка укажува на стабилни макроекономски движења и солидни остварувања во клучните сегменти на економијата

Инфлациските притисоци во земјава продолжуваат да се намалуваат, а економската активност покажува знаци на умерено забрзување, покажува Кварталниот извештај што го усвои Советот на Народната банка на седницата одржана на 3 февруари 2026 година. Според извештајот, макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во клучните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на централната банка.

Во четвртото тримесечје од 2025 година, годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2 %, што претставува очекувано забавување, главно под влијание на намалувањето на базичната инфлација. Просечната инфлација за целата 2025 година достигна 4,1 %, ниво кое е блиску до претходните согледувања на Народната банка. За 2026 година и на среден рок се очекува натамошно забавување на инфлацијата и нејзино постепено враќање кон историскиот просек, иако и понатаму постојат ризици поврзани со цените на примарните производи на светските пазари, геополитичките тензии, трговската фрагментација и одредени домашни фактори на страната на побарувачката.

Домашната економска активност во текот на 2025 година бележи позитивни движења. Во третиот квартал, реалниот годишен пораст на бруто-домашниот производ забрза на 3,8 %, од 3,5 % во претходното тримесечје, што е малку над октомвриските проекции. Според основното сценарио на Народната банка, економскиот пораст за целата 2025 година се очекува да изнесува 3,5 %, а во 2026 година дополнително да се засили и да достигне 4,0 %.

Банкарскиот сектор и натаму остварува солидни резултати. Во четвртиот квартал од 2025 година, вкупните кредити пораснаа за 13 % на годишна основа, додека депозитите забележаа пораст од 10 %, што е малку над проекциите за крајот на годината. Истовремено, девизните резерви на крајот од 2025 година достигнаа 4.920,5 милиони евра и, според сите релевантни показатели, обезбедуваат сигурна поддршка за стабилноста на домашната валута.

Народната банка, во последниот квартал од 2025 година, продолжи со унапредување на оперативниот инструментариум за поефикасно спроведување на монетарната политика. Извршено е приспособување на оперативната монетарна рамка, со поголем акцент на инструменти со пократок рок на достигнување и почести операции, со цел подобро управување со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија, без промена на поставеноста на монетарната политика.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ