Европската статистичка служба, „Евростат“, објави дека годишната инфлација во Европската Унија во август годинава изнесувала 2,4 проценти, што значи дека останала константна во однос на јули, како и во однос на тој месец од претходната година.
Во еврозоната, августовската инфлација, исто така, била идентична со претходниот месец, односно изнесувала 2,0 проценти. Сепак, тоа претставува пад од 0,2 процентни поена во споредба со август 2024 година, кога била измерена инфлација од 2,2 процента.
Најниска годишна инфлација минатиот месец била забележана на Кипар, со нула отсто. Следувале Франција со 0,8 проценти и Италија со 1,6 проценти.
Романија забележала најголем пораст на цените, со инфлација од 8,5 проценти, пред Естонија со 6,2 и Хрватска со 4,6 проценти.
Во споредба со јули 2025 година, годишната стапка на инфлација во август се намалила во девет земји членки на ЕУ, во четири останала непроменета, додека во 14 држави било забележано зголемување.