– Инфлацијата во земјава е стабилизирана и инфлациските очекувања се закотвени, додека девизните резерви се на високо ниво и обезбедуваат силна гаранција за стабилноста на девизниот курс – порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Гувернерот истакна дека трендовите кај инфлацијата во изминатите месеци укажуваат на јасна стабилизација, при што во два наврати е забележано и месечно намалување на цените од 0,2 отсто.

– Во последните четири месеци, не само што е стабилизирана инфлацијата туку имаме и месеци на нејзино намалување. Од особена важност е што се стабилизирани инфлациските очекувања на домаќинствата и на фирмите, односно нема очекувања за постојан раст на цените и сметам дека е постигнато тоа – нагласи Славески.

Според проекциите на Народната банка, како и на Владата и на другите финансиски институции, се очекува дека инфлацијата ќе се движи во распон од 2,5 до 3 проценти.

Во однос на девизните резерви, гувернерот нагласи дека тие се на исклучително стабилно и сигурно ниво.

– Девизните резерви се повисоки за околу 50 проценти во однос на 2019 година и изнесуваат околу 4,9 милијарди евра. Тоа е сосема комотно ниво, кое гарантира стабилност на девизниот курс и обезбедува простор за интервенции, доколку се укаже потреба – изјави Славески.

ИЗДВОЕНИ