Во освртот на специјализираниот портал за филм и телевизија „Индивајр“ насловен „Приказната за Силјан: Документарецот за пријателството помеѓу старец и штрк е триумф“ се вели дека корежисерката на „Медена земја“, Тамара Котевска, во филмот доловува извонредна поезија и одгласи од македонска басна, насочувајќи ја својата камера кон нарушувањата на руралниот живот во нејзината родна земја денес. Филмот деновиве имаше светска премиера на 82. Венециски филмски фестивал, во програмата Out of competition
„Не ме интересира документарец. Ме интересира поезија!“ е цитат на Јонас Мекас кој, веројатно, би ја обожавал болно убавата „Приказна за Силјан“ на корежисерката на „Медена земја“, Тамара Котевска, бидејќи тоа е одличен документарец кој исто така е и занесно поетско дело. Со овие зборови е претставен документарецот „Силјан“ (The Tale of Silyan) на македонската режисерка Тамара Котевска во текст на специјализираниот портал за филм и телевизија „Индивајр“ (IndieWire), а по неговата светска премиера што се случи деновиве во рамки на 82. Венециски филмски фестивал, во програмата Out of competition.
„Силјан“, кој по премиерното прикажување беше награден од публиката со долг аплауз и стоечки овации, обработува една актуелна и горлива тема – иселувањето. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан кое, по кавга со татко му, се претвора во штрк и го напушта својот дом, „Силјан“ претставува современа приказна за судбината на источна Македонија, преку односот на еден земјоделец со бел штрк.
Освртот во „Индивајр“ насловен „Приказната за Силјан: Документарец за пријателството помеѓу старец и штрк е триумф“ продолжува вака:
„За овој нов филм, Котевска се потпира на две теми за кои вели дека се клучни за нејзината работа: миграција и промени во животната средина. Таа во својот субјект Никола, речиси постар човек (на возраст за пензионирање или многу блиску), и неговото семејство, ги наоѓа и обете теми. Во нивната родна земја С Македонија, владините политики дозволиле цената на земјоделските култури од нивата на Никола што ја обработувале со генерации да падне уште пониско – до тој степен што земјоделството веќе не е одржлива индустрија. Котевска ја насочува својата камера кон мачните сцени на Никола и на неговото семејство како речиси ги напуштаат своите компири, заедно со лубениците и другите култури, и ги оставаат да скапуваат затоа што нивната продажба нема смисла. Одеднаш, цел еден начин на живот, завршува. Тоа е врвот на драмата, но Котевска е повеќе заинтересирана за тивко набљудување, елегантни композиции и суптилни врски.
Сега македонските фарми се купуваат по сè пониски цени, многу од нив стануваат депонии. Децата на Никола ја напуштаат земјата за да најдат работа во Германија – оваа нова миграција од село во град директно ја поттикнува емиграцијата. А Котевска го доловува моментот неколку месеци подоцна на повикот преку „Фејстајм“, кога децата на Никола ја бараат неговата сопруга, Јана, да им се придружи, за да може да се грижи за нивните деца додека работат. Трошоците за дневна грижа практично им ги јаделет платите. И кога таа заминува, Никола е сосема сам.
Тоа е портрет на животот каде што судбината на луѓето е поврзана со каприците на пазарните трендови и уште понејасни сили – оттука, портрет на сите нас. „Невидливата рака“ можеби е и олимписко божество или нешто од бајка. И тука, Котевска, во нарацијата го вплетува својот снимен материјал прераскажувајќи ја македонската басна што датира од 17 век или дури и порано: „Приказната за Силјан“, која раскажува како еден земјоделец го проколнал својот син кој сакал да патува во странство и го претворил во штрк. Секако, како штрк, тој природно би мигрирал од место до место, но никогаш не би нашол вистинско прифаќање меѓу другите штркови – и веќе никогаш не би бил препознаен како човек.
Поделена душа. Токму тој концепт зборува за толку многу за животот во 2025 година, без разлика дали си во С Македонија или каде било на друго место. Мора да станете нешто друго, да се преселите на друго место, постојано да се преиспитувате само за да преживеете, и покрај тоа што бескрајно сте преплавени со клишето „да бидете верни на себе“. Во случајот со филмот на Котевска, тоа значи дека Никола сега е сам. Тој прифаќа работа на депонија, и таму гледа јата штркови како пребаруваат низ ѓубрето за да најдат остатоци од храна – на начин на кој некогаш можеби клукале по ларви на обработливо земјиште како она неговото. Од своја страна, Котевска вели дека ова го гледа како еквивалент на луѓето што јадат сè повеќе брза храна во економии каде што нездравата храна е единствената евтина храна. Од друга страна, на гледачот не му е непознато како раселувањето на толку многу луѓе во ова време на глобални нарушувања е верзија на човештвото подложено на миграциските обрасци на штрковите и другите номадски животни… Никола, кој сега живее сам, гледа ранет штрк, запоставен од другите на депонијата. Тој го прима кај себе, го негува додека не заздрави и развива длабока врска со него – исто како во самата басна, каде што стариот татко, на крајот, го прима штркот кој му бил син. Котевска има необична способност да знае точно каде да ја постави својата камера и се чувствува подеднакво удобно и со интимните крупни планови на Никола како го гали штркот или како на телефон разговара со своето далечно семејство, но и со широките снимки од пејзажите. Во заднина на знакот што го поставил на својата земја на кој пишува дека е на продажба, облачно небо виси над глава, има една сликарска композиција на Никола како го вози својот трактор. „Приказната за Силјан“ е дело на режисерка способна да разбива категории и да измислува нови форми. Во филмот претставен како документарец-басна, таа ја спојува реалноста со елементите на бајка на исклучително софистициран начин за режисерка која сè уште е во раните триесетти години…“
Инаку, Котевска е и продуцентка на филмот, која проектот самостојно го водела од идеја до реализација. Филмот е копродукција со американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а останати продуценти се Жан Дакар, кој е и кинематографер, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер.
На премиерата во Венеција, како што соопштија, присуствуваа и претставници на македонската Агенција за филм, предводени од директорот Сашко Мицевски.
– Горди сме на успехот на Тамара Котевска на меѓународната филмска сцена и потсетуваме дека таа летово го заврши снимањето на својот прв долгометражен игран филм „Човек против јато“, кој е финансиран од Агенцијата за филм, посочуваат оттаму. (Н.И.Т.)