Индиската полиција уапси сопственик на фабрика поради производство на сируп за кашлица што усмрти повеќе од 20 деца

69

Индиската полиција го уапси Г. Ранганатан (75), сопственик на компанијата „Сресан Фармацевтикалс“, под сомнение за производство на сируп против кашлица што усмрти најмалку 21 дете во последните два месеци, пренесе „Танјуг“.

Ранганатан беше уапсен во својот дом во Ченај, на југот на земјата, под сомнение за убиство од небрежност, изјави полициски извор, пренесе „Ле Фигаро“.

Повеќето од жртвите биле под пет години и потекнувале од државите Мадја Прадеш и Раџастан, објавија локалните медиуми.

Според индиското Министерство за здравство, лабораториските тестови покажале дека примероците од сирупот содржат високи нивоа на диетилен гликол (DEG) – хемикалија која е смртоносна дури и во мали дози.

„Анализираните примероци содржеле нивоа на DEG кои значително ги надминуваат дозволените стандарди“, соопшти министерството минатата недела.

Предметната серија сируп била произведена од „Сресан Фарма“ во фабрика во Тамил Наду, а производот е забранет за продажба во три индиски држави.

Индиските сирупи против кашлица биле вмешани во меѓународни скандали и претходно: во 2022 година, тие биле поврзани со смртта на повеќе од 70 деца во Гамбија, додека слични случаи се пријавени во Узбекистан и Камерун.

ИЗДВОЕНИ