Владата на премиерот Нарендра Моди се согласила за итно намалување на данокот за ограничен број автомобили од ЕУ, со увозна цена поголема од 15.000 евра. Индија планира да ги намали царинските давачки за автомобили увезени од Европската Унија од сегашните 110 на 40 %, што претставува значително отворање на нејзиниот огромен пазар. Овој потег е дел од договорот за слободна трговија меѓу двете страни.
Според извори од двете преговарачки стари, подоцна оваа царина треба дополнително да се намали на 10 %, што би го олеснило пристапот до индискиот пазар за европските производители како што се „Фолксваген“, „Мерцедес-Бенц“ и БМВ.
Спогодбата би можела значително да ја прошири билатералната трговија и да го зголеми извозот на стоки од Индија, како текстил и накит.
Индија е трет по големина пазар на автомобили во светот, веднаш зад САД и Кина, но нејзината домашна автомобилска индустрија е една од најзаштитените во светот.
Сегашните царини од 70 и 110 % за увезените автомобили честопати беа предмет на критики, вклучително и од извршниот директор на „Тесла“, Елон Маск.
Електричните возила ќе бидат ослободени од намалувањето на увозните давачки во првите пет години за да се заштитат инвестициите на домашните производители како што се „Махиндра и Махиндра“ и „Тата моторс“ во овој растечки сектор.
Пониските увозни давачки ќе бидат поттик за европските производители на автомобили како што се „Фолксваген“, „Рено“ и „Стелантис“, како и за оние луксузните како што се „Мерцедес-Бенц“ и БМВ, кои веќе имаат локално производство во Индија, но се борат да растат поради високите царини.
Европските производители држат помалку од 4 % од индискиот пазар од 4,4 милиони продадени единици годишно.












