Индија го нападна Пакистан – опасна ескалација на непријателствата, ќе се употреби ли нуклеарно оружје?

292

Ескалацијата на односите меѓу двете земји доаѓа откако вооружени лица минатиот месец масакрираа повеќе од дваесетина цивили, претежно туристи, во Кашмир под индиска контрола. Индија го обвини Пакистан за вмешаност, но Исламабад негираше. Доколку ескалира војната дотаму што би се употребило нуклеарно оружје, научниците велат дека дел од последиците би биле „нуклеарна зима“, десетици милиони жртви, милијарди соочени со глад, населени места, срамнети со земја, во двете држави. Се проценува дека Индија поседува најмалку 164 нуклеарни боеви глави, а Пакистан најмалку 170

 

Нови 19 цивилни жртви пријави Пакистан по индиската воена операција наречена „Синдур“, вчера изутрина, со што, заедно со оние од вечерта, бројот на загинати од индиските напади на Пакистан и делот на Кашмир под негова контрола се искачи на 26. Меѓу жртвите има и тригодишно девојче, а ранети се 46 лица.

Ескалацијата на односите меѓу двете земји доаѓа откако вооружени лица минатиот месец масакрираа повеќе од дваесетина цивили, претежно туристи, во Кашмир под индиска контрола. Индија го обвини Пакистан за вмешаност, но Исламабад негираше. Оттогаш двете земји ги прекинаа односите, кои и онака беа нарушени, почнаа да комуницираат со воинствена реторика, со што ескалираа опциите за тотални борби.

Светот сега стравува дека е на работ на нова војна, која може да биде опасна зашто двете земји се нуклеарно вооружени. Авиокомпаниите, една по една, од вчера ги менуваат маршрутите, избегнувајќи го пакистанскиот воздушен простор.

На операцијата „Синдур“ во која со ракети беа погодени шест локации во пакистански Кашмир и во источната провинција Пенџаб, меѓу кои и џамии, Пакистан најави соодветен одговор. Премиерот Шехбаз Шариф ги повика вооружените сили на Пакистан да „се одмаздат за загубата на невини пакистански животи“, по вонредниот состанок на Комитетот за национална безбедност, информира Си-ен-ен.

– Пакистан го задржува правото да одговори, во самоодбрана, во време, место и начин што ќе ги избере за да се одмазди за загубата на невини пакистански животи и очигледното кршење на нејзиниот суверенитет – се вели во соопштението од состанокот на НСБ и се додава дека вооружените сили на Пакистан се соодветно овластени да преземат соодветни акции во овој поглед.

Индија, пак, соопшти дека нејзината операција „Синдур“ погодила „терористичка инфраструктура“ и во Пакистан и во Кашмир, кој е под пакистанска администрација, но акцијата доведе до ескалација на непријателствата, зашто по неа почнаа артилериски борби покрај спорната граница во Кашмир. Но, според  Исламабад, цел биле шест пакистански локации, од кои ниту една не е логор на милитантите, па го нарече нападот безобразен чин на војна.

Индискиот премиер, Нарендра Моди, не се огласи по нападот, но објави видеоснимка од состанок на високо ниво, вчера, во Њу Делхи.

Индија, со мнозинско хинду население, и исламски Пакистан, од независноста наваму, водеа две од своите вкупно три војни за Кашмир, кој е со мнозинско муслиманско население. Двете земји велат дека тој е нивни. Од прекинот на огнот во 2003 година, ова е најсериозна ескалација на односите, поради сериозноста на операцијата „Синдур“, наречена по црвениот прав што го ставаат хинду жените на челото или на патецот од косата, како знак дека се во брак.

Доколку ескалира војната дотаму што би се употребило нуклеарно оружје, научниците велат дека дел од последиците би биле „нуклеарна зима“, десетици милиони жртви, милијарди соочени со глад, населени места, срамнети со земја, во двете држави. Индија стана нуклеарна сила во 1974 година, а Пакистан 24 години подоцна. Иако уште не користеле нуклеарно оружје во конфликт, двете земји имаат разурнувачки нуклеарен потенцијал – Индија поседува најмалку 164 нуклеарни боеви глави со можност да ги лансира од копно, море и од воздух, а  Пакистан најмалку 170 боеви глави, но ги држи одвоено од ракетите. Се проценува дека бројот на нуклеарни боеви глави во двете земји многу скоро ќе се зголеми на 200 или на 250.

ИЗДВОЕНИ