Правничката во општинските служби, Ана Кралева, која беше повредена вчера, со силно фрлено шише во главата, во инцидентот на седницата на Советот на Кочани, е пуштена на домашно лекување со соодветна терапија. Но, ризикот од вакви и од слични повредувања во можни инциденти станува сè поголем со сè поголемите и пожестоки обвинувања меѓу партиите од власта и опозицијата. Конфликтот меѓу советниците на седницата, размената на навреди, обидот за тепачка…, предупредуваат аналитичарите, лесно може да се повторат во пресрет и во текот на кампањата за есенските локални избори.
Советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите, кој со шише вода ја погоди службеничката Кралева, гаѓајќи го другиот советник – Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ, денеска ѝ се извини за ненамерно нанесената повреда.
– Некултурно, крајно неодговорно, нехумано и деградирачки е постојано да се прави хистерија во советничката сала преку викање, барање паузи, дофрлање навреди на лична основа среде секое мое излагање на вистината, што на ВМРО-вците не им оди во прилог. Немањето емпатија со родителите на загинатите деца, како и самосвест и доблест за признавање, а не префрлање вина за трагедијата, повторно поради истата цел – да се зачува политичкиот рејтинг пред локалните избори на ВМРО, е голема срамота. Чашата беше прелеана од советникот Алексов, кој го испровоцира целиот настан, својствено за него. Јас не калкулирам со моите авторитет и рејтинг. Јас не сум „го*нар“, јас сум борец за правда. На правничката од Општина Кочани јавно ѝ се извинувам за ненамерно нанесената повреда – напиша тој во објава на „Фејсбук“.
Во негова одбрана застана и неговата партија, која соопшти дека поднела кривична пријава против советникот Алексов.
– Советникот Аки Акиов не е единствениот учесник во настанот – недозволиво е да се занемарат суштината и причината. Тој континуирано беше прекинуван и навредуван од советникот Васе Алексов и од претседателот на Советот, Лазо Митев, особено при обидите да проговори за трагедијата со дискотеката „Пулс“, каде што згаснаа млади животи. Советникот Алексов упати крајно навредливи зборови, „Мрш бе, го*нар“, кон Акиов, што предизвика силна афектна реакција. Без намера, во тој момент беше погодена вработена во Општината, со пластично шише – соопштија од ПДП на Ромите.
Но, она што беше забележано на седницата се и зборовите на Акиов, кој му се обрати на советникот Алексов со обвинение за пожарот.
– Му зборуваш на Венко за селективна правда. Како не ти е срам, си изгорел 60 деца во дискотеката „Пулс“, имате 250 повредени луѓе, луѓето немаат завои за… – рече Акиов.
При ова, беше прекинат од претседавачот со седницата за да не навредува и бидејќи се случија упатувањето на тешките зборови „го*нар еден“ од редовите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и настанувањето на целиот инцидент. Него сега го истражува МВР и може да се очекува соодветна пријава. По ова, партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веднаш разменија барања за одговорност и обвинувања за манипулации со крајно различни ставови. Опозицискиот СДСМ, чиј коалициски партнер е Акиов, соопшти дека инцидентот е „провидно сценарио“ од ВМРО-ДПМНЕ, насочено кон дестабилизација на Општината.
– Директно беа инволвирани советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија. СДСМ не стои зад инцидентот, тоа не е наш член, туку коалициски партнер. Токму советникот Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ бил најгласен со навреди на етничка и на лична основа на изминатите седници – соопштија од редовите на социјалдемократите.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ со обвинување дека токму СДСМ и в.д. градоначалникот Венко Крстевски стојат зад поттикнување на насилството.
– СДСМ го користи насилството за да ја води Општината. Советникот што предизвика физички напад е нивни сојузник и е поддржан од нив. Заслепени од привремената власт, в.д. градоначалникот Венко Крстевски и СДСМ изгледа дека се и режисери на агресијата и на поделбите во Кочани – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Комуниколозите укажуваат дека можело да се очекува вакво нешто кога зборуваат голата политика и пресметката за власт.
– Кога наместо човечноста, во јавниот дискурс зборуваат голата политика и пресметката за власт, па дури и кога станува збор за тешки лични и семејни несреќи, ова, за жал, е еден од очекуваните резултати. Секако дека никаде нема место за навреди, говор на омраза, а камоли за физичките напади и пресметки, особено не на седниците на јавните институции, кои се платени со парите собрани од даноците што ги плаќаат сите граѓани и компании – објасни комуникологот Бојан Кордалов за ВЕЧЕР.
Но, ова не се првите тешки обвинувања што си ги разменуваат двете најголеми партии од власта и од опозицијата по ужасниот пожар во кочанската дискотека, на 16 мај. Од редовите на СДСМ постојано стигнуваат обвинувања дека владејачката партија диктира селективна истрага со цел да ги заштити своите функционери.
– Истрагата за трагедијата во Кочани се води селективно и во сосема погрешен правец. Ова не е случајно или поради незнаење, туку со цел да се заштитат актуелни функционери, службеници и началници што морале да постапат кобната ноќ, но не го сториле тоа во истрагата – обвинуваат постојано, во изминативе три месеци, од СДСМ.
На ова, од ВМРО-ДПМНЕ постојано одговараат дека ваквите обвинувања се некрофилија и дека не може да се добијат политичките поени со тоа.
– СДСМ повторно на некрофилски начин ги злоупотребува трагедијата и загубите на луѓето. Мислат дека ќе профитираат така, но мислам дека се лажат. Да не дозволиме овие некрофили, кои повторно манипулираат со човечката судбина, да се вратат на власт – изјави деновиве лидерот и премиер Христијан Мицкоски.
Целта на двете партии е, очигледно, да се влијае кај граѓаните за да се добие нивната доверба во пресрет на локалните избори. Сето тоа води кон заклучокот дека кочанската трагедија ќе стане еден од главните аргументи во изборната кампања за да се добијат гласови. Но, комуникологот Кордалов смета дека тоа не е добар пристап.
– Нема туѓа среќа на личната несреќа на луѓето. Оттука, ни политички поени за никого. Ова е единствената порака што ја имам за сите партии и политичари. Само човечност, емпатија и заеднички здружени сили за позитивно менување на целиот нафункционален и корумпиран систем за никогаш да не се повтори нешто слично – смета Кордалов.
Меѓутоа, мислењата на експертите, најверојатно, нема да ги сменат партиските стратегии, чии главни аргументи уште сега се навестуваат. Тоа значи дека ќе постои ризик да се повторат вакви инциденти.
– Ризикот од повторувањето, за жал, постои. За овие избори не сум оптимист дека е можно да бидат стандардни и тековни, а уште помалку монотони. Се очекува токму овие избори да бидат клучни за (ре)позиционирање на политичките сили во целото општество. Оттука, влогот кај лидерите и партиите е уште поголем, па очекувам наративите „живот или смрт“, во зависност кој ќе победи, да бидат со досега невиден голем интензитет. Тоа нема да ја промени волјата на граѓаните, но може да направи непоправлива штета и дополнително да ги зголеми поларизираната култура и неправилната политичка, а со тоа и меѓучовечката комуникација – потенцира комуниколгот Кордалов. (Б. Ѓ.)