недела, октомври 18, 2026
Дома БАЛКАН Инцидент во ноќен клуб во БиХ: Фрлен солзавец предизвика паника и стампедо,...

Инцидент во ноќен клуб во БиХ: Фрлен солзавец предизвика паника и стампедо, повредени се 38 лица

0
Фото:принтскрин, Инстаграм

Синоќа, во ноќниот клуб „ВИП“ (VIP) во Јелах, близу Тешањ, во Босна и Херцеговина, бил фрлен солзавец. Ова предизвикало паника и стампедо, при што се повредени 38 лица. Инцидентот се случил околу полноќ. Во состојба на паника, присутните се обиделе да избегаат од просторот исполнет со чад, а на многумина им била потребна лекарска помош, пренесува порталот Crna-hronika.info.

Посетителите на клубот пријавиле силно кашлање, гушење, отежнато дишење и силно печење во очите, носот и грлото. Некои почувствувале вртоглавица и дезориентација, а според неофицијални информации, неколку лица накратко изгубиле свест поради вдишување на гасот.

Еден сведок раскажа дека инцидентот се случил околу 00:30 часот, додека клубот бил полн со луѓе. Таа опиша сцени во кои луѓето се газеле едни со други во обид да избегаат.

„Имаше многу луѓе. Сè се случи околу 00:30 часот. Луѓето се гушеа – беше ужасно. Високите маси паѓаа врз присутните“, изјави сведокињата. Таа наведе дека, покрај тешкотиите со дишењето, присутните се здобиле и со сериозни физички повреди. Според неа, неколку лица се здобиле со скршеници на рацете или нозете, а дел од повредените итно биле префрлени во Зеница на понатамошно лекување. „Неколку лица се сериозно повредени. Многумина имаат скршени екстремитети. Голем број луѓе се испратени во Зеница. Луѓето буквално не можеа да дишат“, додаде таа.

Полицијата веднаш пристигнала на местото на настанот и започнала истрага за да ги утврди сите околности поврзани со инцидентот. Лејла Екиновиќ, портпарол на Полициската управа при Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон, потврди дека полициски службеници веднаш биле упатени на локацијата, каде што започнале со евакуација и пружање помош. „На 18 октомври 2026 година, во 00:10 часот, дежурната служба во Полициската станица Тешањ добила телефонска пријава дека непознато лице фрлило супстанца – за која постои сомневање дека е солзавец – во објектот „ВИП“ во Росуље, Тешањ, во момент кога таму имало повеќе луѓе“, изјавил Екиновиќ, пренесува „Телеграф“.

 

 

По инцидентот, 38 лица побарале лекарска помош. Лекарските прегледи покажале дека едно лице се здобило со тешки телесни повреди, додека 37 други лица претрпеле полесни повреди. За настанот е известен и надлежниот обвинител.

Се појавија информации дека солзавецот бил фрлен низ прозорец од тоалетот, наводно во близина на местото каде што се наоѓал сопственикот на локалот. Ова доведе до шпекулации дека нападот бил насочен конкретно кон него; сепак, овие тврдења сè уште не се официјално потврдени. Од Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон соопштија дека полицијата продолжува со работа на расветлување и документирање на кривичното дело „предизвикување општа опасност“. Идентитетот на сторителот и мотивот за нападот остануваат непознати.

ИЗДВОЕНИ