За време на тајно гласање во парламентот на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг, на гласачко ливче беше откриен нацистички симбол, таканаречениот Хакенкреуз, или нацистички крст. Инцидентот предизвика шок и негодување кај пратениците и покрена прашања за безбедноста и етиката на парламентарните процедури, пишува списанието „Fenix“, пренесе „Индекс.хр.
Гласањето беше за претставници во таканаречениот Оберрајнрат, меѓурегионален совет кој ги обединува политичките претставници од германските, француските и швајцарските региони. Сè уште не е познато кој го нацртал забранетиот симбол бидејќи станува збор за тајно гласање.
Претседателот на Ландтагот, Мухтерем Арас од Зелената партија, остро го осуди инцидентот. „Ова е под секое ниво. Ова е срам за овој парламент“, рече Арас, додавајќи дека тоа е кривично дело бидејќи ваквите симболи се забранети со уставот во Германија.
Таа, исто така, истакна дека не е можно да се идентификува сторителот бидејќи гласањето било тајно. Десничарската партија „АфД“, која ги имаше своите кандидати на гласачкото ливче, веднаш се огласи и се дистанцира од инцидентот. „Најостро отфрламе каква било поврзаност со овој чин“, рече Мигел Клаус, пратеник од „АфД“. Тој, исто така, ја критикуваше претседателката Арас, тврдејќи дека таа „сугестивно имплицирала“ поврзаност помеѓу неговата партија и инцидентот.
Од друга страна, СПД реагираше уште поостро. Парламентарниот секретар Саша Биндер побара одговорност. „Кој и да го сторил ова не е достоен за оваа позиција и треба веднаш да го врати својот мандат. Ова е апсолутно одвратно“, рече Биндер.